Економија
Анкетата на домашните компании: Корупцијата е голем проблем за економијата
25.06.2024
Над 53 отсто од анкетираните домашни компании одговориле на прашањето дали минатата година се соочиле со барање за поткуп од јавниот сектор. Најчестите барања за мито од македонските компании во 2023 година биле од функционери на централната и локална власт или 78 отсто од компаниите одговориле дека барањето дошло од централната власт, а за 22 отсто од компаниите дошло од локалната власт. Најмногу од компаниите одговориле дека за една година им било побарано мито од два до пет пати, а најчесто им биле барани пари, подароци, услуги, вработувања, унапредувања во рамки на компанијата, но и барања донација за политички партии, покажуваат резултатите од анкетата што ја спроведе Стопанската комора на Македонија (СКМ), во рамките на проектот „Граѓаните против корупцијата“.
Најголем дел од митото било барано за добивање дозвола или одобрение при инспекциски надзор и при царинска или тендерска постапка, а следат и барања за мито во даночна, судска или катастарска постапка.
- Многумина не разбираат колкава е штетата од корупцијата и дека таа ги погодува сите затоа што парите од поткупот завршуваат во приватни џебови наместо во Буџетот на државата која потоа нема пари да им обезбеди квалитетни услуги на граѓаните. На меѓународното рангирање како единствено релевантно Македонија е на 76 место по прашањето на корупцијата и во вакви околности нужно е дека нешто мора да се прави, изјави Зоран Јовановски потпретседател во Стопанската комора на денешната презентција на резултатите од анкетата.
На анкетата одговориле 138 компании од кои 75 на сите прашања. Што се однесува до парите, резултатите од анкетата покажуваат дека на компаниите им биле барани помеѓу 1.000 и 10.000 евра. На пет компании им било побарано и повеќе од 100.000 евра. Што се однесува до тендерите на компаниите им биле барани од 6 до 10 отсто од вредноста на тендерот.
- Иако соочени со корупција, ретко која македонска компанија пријавила дека од неа било побарано мито. Од 51 одговор, во 31 компанија изјавиле дека не пријавиле барање за мито. Дел од нив одговориле дека нормално е нешто да се даде, а многу мал дел пријавиле кај претпоставениот во јавниот сектор. За некои компании може да трпи бизнисот, меѓутоа тоа е веројатно цената што ја плаќаат затоа што не учествуваат во такво нешто и тоа во крајна линија е позитивна работа. Тоа е тоа што ние би сакале да го поттикнеме. Борбата против корупцијата нема шанси да успее ако се води изолирано. Само сите со заедничко делување можеме да ја добиеме оваа битка, изјави Јовановски.
Најчести одговори од компаниите зошто не пријавиле се дека тоа нема да има ефект, а дел од компаниите рекле дека се плашат дека ќе имаат негативни последици по нив ако пријават. 30 отсто од компаниите на кои им било побарано мито одговориле дека мислат дека ако не го прифатат барањето ќе пропаднат, 35 отсто рекле дека тоа ќе им помогне во бизнисот, а 30 отсто дека тоа нема никакво значење. 48 отсто од компаниите одговориле дека со тоа што не одговориле на коруптивните барања нивните планирани бизнис активности се пролонгирале.
Како најголеми причини за корупција компаниите ги навеле неефикасниот судски систем, поеднинци од власта кои сакаат брзо да се збогатат, владеење на морална криза и непримента на законите. 42 компании одговориле дека нема ефикасна заштита на тие што пријавуваат корупција, а 23 компании одговориле дека се ниски платите на службениците во јавниот сектор.
Речиси 96 отсто од испитаните компании веруваат дека борбата против корупцијата е можна.
Стопанската комора во наредните 12 месеци, во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“, ќе потпише меморандум за соработка со Антикорупциската комисија, ќе реализира обуки и работилници за компании и ќе изготви кодекс за етичко однесување.