Економија
Време ни е да излеземе од економската хибернација
Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2024г.
Повисок економски раст, национална визија со недоволна реализација
Забрзан економски раст од пет проценти годишно, луѓето во С.Македонија да имаат висок животен стандард со остварување на економија што е одржлива, конкурентна и која нуди еднакви можности за сите преку градење на ефикасни, на одговорни и на иновативни институции. Ова е нашата долгорочна, но неостварена национална визија која редовно се пренесува, односно се препишува во сите стратешки документи на државни и на други релевантни институции и организации во земјава. Идејата за забрзан економски раст на земјава не е нова, но таа станува актуелна во оваа наша сегашност кога во светот се случуваат големи економски и политички промени и кога другите земји прават огромни чекори во воведувањето на новите индустриски и информатички технологии. На прашањето како да излеземе од „магичниот круг“ на ниски стапки на раст се нудат некои одговори и насоки во Националната развојна стратегија за периодот 2024 − 2044 година, која беше донесена од страна на досегашниот парламентарен состав. Целта на овој документ е да овозможи фундаментална трансформација на С.Македонија што ќе нè одведе во забрзан економски раст и ќе нè приближи до поразвиените земји од Европската Унија. Со слични стратешки документи за иден економски развој на земјава излегоа и други независни организации и институции кои, во основа, ги предлагаат истите мерки, предлози и модели, но кои, всушност, ги носат и различните идеолошки, политички, етнички и економски интереси за остварување на толку посакуваниот континуиран годишен раст на националниот БДП од минимум пет отсто! Наместо тоа имаме годишен просечен раст под два отсто, што е недоволен за премостување на економскиот јаз со другите земји од регионот и од Европа.
Ниска стартна основа
С.Македонија во изминатиов период беше изложена на повеќе економски и политички кризи. Домашните компании кои треба да бидат носители на идниот и забрзан развој на земјава долго време се наоѓаа во фазата на „економска хибернација“, гледаа како да ги преживеат тешките времиња и беа свртени главно кон домашниот пазар без да се обидуваат да ги подобрат сопствената продуктивност и конкурентноста за подобар настап на надворешните пазари. Кај креаторите на економската политика никогаш не им недостасувал оптимизмот и желбата за постигнување на повисоки стапки на раст. Ова позитивно расположение редовно беше потхранувано кај граѓаните пред секои парламентарни избори. За тоа каква е нашата поблиска економска иднина потребно е да погледаме како стојат работите во македонската економија во годината која, се чини, ќе биде пресудна во изборот на развојниот правец на С.Македонија!
Прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд за годинава предвидува раст на македонската економија за 2,7 отсто. За наредната година растот на БДП би бил 3,7 отсто, а во 2026 година 3,5 отсто. Ова е прилично неповолна состојба ако се има предвид дека С.Македонија лани оствари скромен раст од еден отсто и е најмал во однос на другите земји од Западен Балкан. Како што се наведува во анализата на ММФ, ограничувачки фактор продолжува да биде високото ниво на инфлација која покажува знаци на „жилавост“ последниве две години и засега опстојува на високи стапки од 4 отсто. Висината на странските директни инвестиции во С.Македонија за минатата година изнесуваа 616 милиони евра, во истиот период кога земјите од регионот привлекоа околу десет милијарди евра. Ова се главните макроекономски проекции кои не даваат широк простор за „разигрување“ на македонската економија во услови кога поминуваме низ постизборен период на бројни внатрешни промени.

Марјан Петрески, редовен професор по економија на Универзитетот Американ колеџ Скопје, дава неколку аспекти за очекувањата за остварувањето на економскиот раст за годинава.
– Уште на крајот на минатата година информираните очекувања за растот се движеа во интервалот од 2,5 до 3 % од повеќе релевантни предвидувачи на економската активност. Исклучок од тоа беа проекциите на Владата кои се стандардно повисоки. Во случајов, ММФ направија надолно ревидирање и мислам дека е само порамнување со реалноста дека во сегашниве околности нашава економија има остварувања под својот потенцијал. Тоа е затоа што поминавме низ последователни кризи, опоравувањето од кризата со цените на храната и на енергијата сè уште трае, во која главниот удар беше врз куповната моќ на населението, додека глобално гледано сè уште постојат геополитички и воени жаришта, што значи дека неизвесностите во бизнис-окружувањето се и натаму присутни. Другиот важен аспект е дека се затегнаа финансиските услови согласно потезите на централните банки да ги зауздаат инфлацијата и инфлациските очекувања, во што засега се успешни, вклучително и во смисла на мекото приземјување, односно поголем дел од економиите тука на европско тло не забележаа рецесија: дури и кога растот беше негативен, тоа беше сосем мал пад на економската активност, вели Петрески.
Значајно влијание на економските текови во земјава имаат и настаните на глобалниот пазар во светот и во Европската Унија, која подолго време се бори со рецесијата. ММФ прогнозира раст на глобалната економија од 3,2 % во 2024 и во 2025 година. Од подолгорочна перспектива овие стапки на економски раст се ниски, а последиците од кризите на светската економија се подлабоки. За ЕУ се очекува постепено забрзување на растот од минатогодишните 0,5 % на годинашните 0,9 и 1,7 % за следната година. Годинава економијата на Германија, која е наш најголем трговски партнер, ќе стагнира и би трабало да прикаже раст од 0,3 отсто. Овде треба да потсетиме дека и по минатите глобални кризи С.Македонија потешко се враќаше на своите претходни економски позиции, што се виде и во случајот со пандемијата и со енергетската криза, со порастот на цените на храната и сл. Сепак, од Народна банка на С.Македонија ги најавија и пролетните макроекономски проекции.
За повисок раст недостасуваат структурни промени
Подетална „дијагноза“ за македонскиот економски организам неодамна даде и Светската банка која забележа дека минатата година имаме најнизок економски раст меѓу земјите од Западен Балкан и зголемен буџетски дефицит и инфлација која има тренд на намалување. Светските банкари ни предвидуваат подобрување на изгледите за раст годинава како резултат на инвестициите во инфраструктурата и во автопатите. Но, и покрај ова започнување на големи инфраструктурни зафати, тие не се одразија и повидливо на растот на БДП. Според очекувањата на македонските економисти, инвестициите во новите сообраќајни коридори во земјава би придонеле за дополнителен раст од околу 0,7 отсто! Наспроти ова, и досега развојот претежно се потпираше на големи инфраструктурни инвестиции кои имаа „еднократни“ годишни ефекти без да остварат одржлив и континуиран раст.
– Во фискалната политика очекувам дека одредени промени ќе има. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ најави во својата изборна програма дека ќе ја продолжи патеката на фискалната консолидација преку постепено намалување на буџетскиот дефицит, но најавија дека ќе се впрегнат против сивата економија со цел да ја прошират даночната база и така да приберат повеќе приходи и ќе рационализираат на расходната страна за да остават простор за повеќе капитални инвестиции. Значи, таков тип структурна промена очекувам и поддржувам, ни изјави Петрески.
Од почетокот на годинава повеќе економски експерти искажуваа свои ставови за потребата за спроведување на сеопфатни и на структурни промени заради остварување на повисок економски раст на земјава. Од Стопанската комора на С.Македонија го реафирмираа и го промовираа концептот за „Нов договор за економски развој“. Од организацијата Македонија 2025 излегоа со планот „Една визија за забрзан раст“, додека од група економски експерти беше промовирана научната студија која беше именувана како „Нова ера, нова надеж“. Меѓу поважните предлози се изградбата на силни институции кои ќе почиваат на темелните принципи на пазарната економија по примерот на развиените економии во светот. Од бизнис-заедницата се залагаат за нов модел на економски развој кој ќе се потпира на: инвестициите во иновации и човечки капитал, развиена и функционална патна, железничка и енергетска инфраструктура, модерна индустрија и конкурентен извозен сектор, ЕУ-интеграции и регионална соработка.
Ниските стапки на економски раст од последниве декади, стагнирањето на продуктивноста и на конкурентноста на домашните компании се должи и на примената на моделот на т.н. егзоген фактор на раст. Според овој модел, движечка сила на растот се странските директни инвестиции кои внесуваат свеж капитал и нова технологија, знаење и вештини, што доведува до зголемување на продуктивноста, раст на економската активност и на нето-извозот. СДИ во С.Македонија се движеа на ниво од 2,9 отсто од БДП, што ја ставаше земјава во земјите од Западен Балкан со странски инвестиции под просечното ниво за овој регион. Затоа во идниот модел на привлекување на СДИ и во новиот модел на економски раст значајно место треба да има и процесот на регионалната економска интеграција на Западниот Балкан и формирање на заеднички регионален пазар, сметаат дел од авторите на студијата „Нова ера, нова надеж“. Од друга страна, Планот за развој од Македонија 2025 година се базира на неколку основни постулати: нулта толеранција за корупција, континуиран раст на БДП над 5 отсто годишно, зголемени инвестиции во образованието, воведување на деловни и на регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија, квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во Европската Унија.
Што од ова ќе биде искористено од идната влада и како тоа ќе се вклопи во еден одржлив развоен модел за С.Македонија, ќе се види во наредниов период. Минатогодишниот раст од еден отсто е доволен сигнал да се преземе нешто суштински и конкретно за да го спречиме натамошното заостанување зад другите земји во регионот и во Европа.