Lifestyle
Во ЕУ сите возила мора да поседуваат „црна кутија“
26.06.2024
Од 7 јули 2024 година сите нови возила кои се продаваат во Европската Унија мораат да поседуваат специјален уред „Event Data Recorder“ (EDR), кој ги бележи одредени податоци за возилото пред, во текот и по несреќата, а кои можат да помогнат за анализа за причините на сообраќајната несреќа.
Во ЕУ воведувањето на ЕДР систем е најавено од јули 2022 година, кога Европскиот парламент ги усвои општите начела за безбедност познати како „General Safety Regulation“ (GSR), со цел до 2030 година да се намали бројот на жртвите во сообраќајните незгоди, пренесува Српската асоцијација на увозници на возила и делови. Благодарение на овие прописи од 2008 година до 2022 година бројот на загинати лица на патиштата на Унијата е намален за 50 отсто.
Поседување на ЕДР уредите или популарно наречена „црна кутија“ во возилата ќе овозможат собирање податоци за движењето на сообраќајот во т.н. мртов агол, односно ќе дава и други информации за ненамерно напуштање на коловозната лента, ќе ги регистрира пешаците, велосипедистите и сл.
Овој систем трајно собира податоци за возилото, но тие се чуваат само кога ќе се надмине одреден праг на активација. Снимките се многу кратки: пет секунди пред и 300 милисекунди по несреќата. Системот се активира самиот кога ќе регистрира промени кај некои фактори за движење на возилото. На пример, нагла промена на брзината на движење на возилото. Податоците се чуваат локално во возилото и не се достапни преку онлајн комуникациите. Податоците кои се чуваат се однесуваат на брзината на возење, положбата на уредот за гас, бројот на обрти на моторот, аголот на управување... Овие податоци автоматски се бришат по одредено време, најдолго 30 дена доколку не се случи несреќа. Во случај на несреќа се бележат промените за бризината на возилото, статусот на безбедносните ремени на патниците, светло за активирање на воздушните перничиња и времето за нивното активирање.
Автомобилската „црна кутија“ нема да снима звуци и гласови во кабината на возилото и не може да се деактивира поради сложениот систем на вмрежување со другата инсталација на возилото, пренесува „Капитал.ба“.
фото freepic