Економија
Антикорупциските напори да бидат стратешки, координирани и ефективни, на меѓународно и на национално ниво
Меѓународна конференција за антикорупција
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.
Неодамна во Вилниус, Литванија се одржа Меѓународната конференција за антикорупција, најголемиот светски форум за борбата против корупцијата. На конференцијата учествуваа повеќе од 2 000 учесници од повеќе од 140 земји. Со помош и во организација на Амбасадата на САД во земјава, на оваа врвна конференција учествуваше и група составена од претставници на различни институции, каде што секоја од нив претставува значајна алка во борбата против корупцијата. Така имаше по еден претставник од Државната комисија за спречување на корупцијата, од Министерството за внатрешни работи, од Јавното обвинителство, од редот на судиите, од Стопанската комора како претставник на приватниот бизнис-сектор, од граѓанскиот сектор и од Амбасадата на САД. Во продолжение ви ги претставуваме нивните импресии и главните поуки од конференцијата.
Билјана Каракашова Шулев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата
Како главни заклучоци од пленарните панел-дискусии, работилници, предавања од експерти, но и од можноста за размена на искуства во рамките на Конференцијата, ги издвојувам важноста да се разбере и да се дејствува против корупцијата генерално, но и корупцијата како алатка за остварување на геополитички цели, потребата од колективно дејствување на сите релевантни чинители во борбата против корупцијата, градење на институции отпорни на корупција, антикорупциска усогласеност на работата на приватниот сектор, како и потребата од системска дигитализација и етичко дизајнирање на технологиите. Заедничко за сите точки е дека треба да се погрижиме антикорупциските напори да бидат стратешки, координирани и ефективни, на меѓународно и на национално ниво.
Иако корупцијата е присутна секаде, она што ме охрабрува е тоа што беа споделени успешни примери на пресврти кои можеме да ги следиме − пресврти од култура на корупција до градење на култура на интегритет во одредени сектори и јавни институции во различни земји од светот. Овие успеси се должат на силно лидерство, воведување и одржување високи стандарди и транспарентност во работата, стандарди на етика и на интегритет, како и дисциплинирани стратегии за остварување на целите и на надлежностите и спречување и намалување на корупцијата во самите институции и во приватниот сектор.