Економија

Македонија 2025 прогнозира: македонската економија ќе забележи раст на Бруто домашниот производ помеѓу 1,5 и 3,5%

Квартален економски монитор − проекции за кв. 2 од 2024 г.

Според последните високофреквентни индикатори и досега расположливите податоци, предвидуваме раст на бруто-домашниот производ меѓу 1,5 % и 3,5 % во вториот квартал од 2024 година движен, пред сè, од растот кај градежниот сектор при истовремен значаен пад на индустриското производство. Борбата со инфлацијата во Македонија сè уште не е добиена и продолжува.
Проекцијата се должи на следниве економски движења во вториот квартал од 2024 година:



Производна страна:

Индустриско производство: Во текот на вториот квартал од 2024 година, индустриското производство забележа пад од 7 %, што претставува највисок пад во постковид периодот. Во кв. 2 од 2024 година, повеќето гранки забележаа пад при што поголемо намалување забележуваат традиционалните индустриски гранки како металната индустрија, тутунската и индустријата за облека и обувки. Истовремено новите производствени капацитети сместени во технолошко-развојните зони забележаа неутрални стапки на раст.
Податоците за индустриското производство укажуваат дека секторот индустрија ќе има висок негативен придонес во растот на БДП во вториот квартал од 2024 година.

Градежништво: Реалните извршени градежни работи во периодот април − мај 2024 година забележаа реален пораст од 33 % во однос на истиот период од претходната година. Ваквите движења се должат на растот кај трите компоненти (особено кај нискоградбата).
Податоците за градежниот сектор упатуваат на солиден позитивен придонес во растот на бруто-домашниот производ.

Трговија: Во вториот квартал од 2024 година, трговијата продолжи да забележува ниски стапки на раст (3,2 %) во согласност со намалувањето на инфлацијата.
Ваквите податоци за трговијата упатуваат дека овој сектор ќе има мал позитивен придонес во растот на БДП, понизок од претходниот квартал.

Туризам: Туризмот забележува солидни стапки на раст, но со надолен тренд. Растот кај туризмот во вториот квартал од 2024 година продолжи со солидни стапки на раст. Така бројот на туристи забележа раст од 7,5 %, додека повисок е растот кај бројот на ноќевања (9,6 %).
Имајќи ги предвид сите овие податоци, се очекува овој сектор да има позитивен придонес во растот на БДП за кв. 2 од 2024 година.


Расходна страна:

Надворешно-трговска размена: Извозот на стоки во вториот квартал од 2024 година забележа номинален пад од 5,9 % во споредба со истиот период од минатата година, додека увозот на стоки забележа минимален раст од 1 %, што доведе до умерено проширување на трговскиот дефицит. Притоа кај извозната компонента падот е најголем кај извозот на хемиски и сродни производи, пред сè како резултат на падот кај извозот на еден поголем производствен капацитет лоциран во технолошките развојни зони. Кај увозната компонента, позначаен е падот кај увозот на суровини.
Имајќи го предвид падот на извозот, а во услови на раст на увозната компонента, очекуваме придонесот на нето-извозот да биде негативен за кв. 2 од 2024 година.

Лична потрошувачка: Трендот на пораст на кредитирање на приватниот сектор продолжува во вториот квартал од 2024 година, а истовремено солиден раст забележаа и депозитите на граѓаните.
Анализата на буџетските приходи упатува дека тие во вториот квартал од 2024 година забележале раст од високи 17 % при што двоцифрен раст забележуваат сите компоненти. Ваквите податоци, а во услови на 3 % инфлација во кв. 2 од 2024 година, упатуваат на повисок раст на личната потрошувачка.
Ваквата анализа упатува на позитивен придонес на личната потрошувачка во БДП за вториот квартал од 2024 година.

Бруто-инвестиции: Високофреквентните податоци за бруто-инвестициите во вториот квартал од 2024 година упатуваат на дивергентни движења. Имено, долгорочните кредити на претпријатија забележаа раст од 7 %, додека капиталните инвестиции во државниот буџет забележуваат пад од 64 %. Сепак, падот на капиталните буџетски трошоци се должи на високата споредбена основа од минатата година кога беа направени поголеми исплати кон Бектел и Енка (влијание од овие капитални трошоци сè уште нема затоа што изведувачите на патиштата сè уште не се воведени во работа).

Стапка на инфлација од 3,9 % во кв. 2 од 2024 година
Стапката на инфлација во кв. 2 од 2024 година изнесува 3,9 %, што претставува пораст во однос на кв. 1 од 2024 година од 0,4 процентни поени.  Ваквите движења кај инфлацијата не беа согласно очекувањата, а следствено Народната банка не ја промени поставеноста на монетарната политика. На 6 јуни 2024 година, врз основа на ажурирана проценка на изгледите за инфлација (inflation outlook), Европската централна банка одлучи да ги намали трите каматни стапки за 25 базични поени. Имајќи предвид дека инфлацијата мерена преку трошоците за живот забавува (3 % во јули 2024 година), како и одлуката на Европската централна банка да ја намали основната каматна стапка, очекуваме во следниот период и НБРМ да го започне процесот на олабавување на монетарната политика.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано