Економија
СИНДИКАЛНАТА КОШНИЧКА ЗА ХРАНА ПОСКАПЕЛА ЗА 720 ДЕНАРИ, за живот на едно семејство во септември потребни се 61.306 денари
24.09.2024
Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека во септември минималните трошоци на едно четиричлено семејство изнесуваат 61.306 денари што е зголемување за 107 денари во однос на август кога истите трошоци изнесувале 61.199 денари.
- Загрижува податокот во делот на трошоците за Исхрана и пијалоци за месец септември кои изнесуваат 23 034,00 денари споредено со месец август (22 317,00 денари) и истите како трошок се зголемени за 717,00 денари, што покажува дека трговците во текот на месецот ги искористија најавите за воведување на ограничени маржи или цени за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи пред објавување на Одлуката на Владата во Службен весник и на тој начин дополнително да се збогатат и да си осигураат зголемени цени и во наредниот период, односно за време на траењето на Одлуката за ограничени маржи на штета на граѓаните и работниците во Македонија, велат од ССМ.
Додаваат дека делот од синдикалната минимална кошница за трошоци за исхрана и пијалоци во целост, односно 86 проценти се превземени во листата на производи чии маржи се ограничени од страна на Владата со што се очекува дека доколку мерката се почитува од страна на трговците, ќе придонесе за значајно намалување на трошоците за храна и пијалоци на најранливите категории на граѓани или на работниците со најниски примања
Во „Службен весник“ е објавена Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат видови и количества на одделни стоки на потрошувачите со што од денеска се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од есенската потрошувачка кошница.
Цените на 73 прехранбени производи, кои се дел од есенската потрошувачка кошница, треба да бидат пониски до 31 октомври, а производите вклучени во оваа кошница, треба да бидат јасно обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Одлуката ја донесе Владата на предлог на работна група формирана од министерствата за економија, финансии и земјоделство.
Министерот за економија Бесар Дурмиши на прес-конференција во петокот рече дека одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индексот на трошоци за живот, кои покажуваат дека во август годинава во однос на декември лани евидентирано е зголемување на трошоците за храна за четири проценти.
Во есенската потрошувачка кошница, според Владата, се вклучени прехранбените производи што најмногу ги користат граѓаните, додека според опозицијата, мерките на Владата се задоцнети и нема да имаат ефект врз цените и стандардот на граѓаните.
Извор МИА