Економија

КЛИМАТСКИТЕ ЕКСТРЕМИ ЈА ЗГОЛЕМУВААТ ЦЕНАТА НА ХРАНАТА И ИНФЛАЦИЈАТА!

Новите истражувања покажуваат дека по одредени екстремни временски периоди одредени прехранбени производи доживуваат многу поостри краткорочни зголемувања на цените, што придонесува за инфлација. Студијата спроведена од Barcelona Supercomputing Center директно поврзува десетици климатски екстреми со наглиот пораст на цените на храната, истакнувајќи ја зголемената ранливост на прехранбените системи на еколошки шокови.

Во текот на 2022 и 2023 година,  по продолжените суши во јужна Шпанија, минатата година цената на маслиновото масло во Европа скокна за 50 проценти.

Во Индија, топлотниот бран во мај минатата година ги зголеми цените на кромидот за 89 проценти, додека во Кореја, цените на зелката се зголемија за 70 проценти.

Во Јапонија, цените на оризот се зголемија за 48 проценти по топлотниот што го зафати регионот, а во Кина, цените на зеленчукот се зголемија за 30 проценти. По сушите во Калифорнија, зеленчукот во Аризона скокна за 80 проценти во ноември 2022 година.

Студијата откри дека скоковите на цените на храната честопати следат по екстремните временски услови само за неколку месеци, модел за кој истражувачите предупредија дека веројатно ќе стане почест со интензивирањето на климатските промени.

„Временските екстреми веќе стануваат поинтензивни и почести отколку што беа пред 30-40 години и очекуваме тоа да продолжи сè додека емисиите на стакленички гасови продолжуваат да растат“, вели Максимилијан Коц, главниот автор на студијата.

Скокот на цените на храната се прошири од поединечни региони низ целиот свет преку трговијата, се заклучува во  истражувањето. Цената на чоколадото скокна во Велика Британија, откако цените на какаото се зголемија за трипати по сушата и екстремната топлина во Гана и Брегот на Слоновата Коска.

- Шпекулациите на пазарот и „лошата политика“ честопати го влошуваа влијанието на зголемувањето на цените на храната поврзано со климатските промени, вели Раџ Пател од Универзитетот во Тексас.

Земји како Велика Британија, кои се во голема мера зависни од увезената стока, беа особено ранливи на климатските шокови во странство. Истражувањата ги  покренаа прашања за централните банки, бидејќи зголемувањето на цените на храната ги загрозува напорите за контрола на вкупната инфлација, особено во земјите во развој каде што храната сочинува поголем дел од потрошувачките цени.

„Овие невообичаено високи температури имаат директно влијание врз вкупните стапки на инфлација, а главниот двигател е храната... Ова се одразува на вкупните цени“, вели Максимилијан Коц.

Минатата недела, Велика Британија објави неочекуван пораст на стапката на инфлација за јуни на 18-месечен максимум од 3,6 проценти, делумно припишан на зголемувањето на цените на храната.

Студијата, исто така, забележа дека кога трошоците растат, посиромашните домаќинства веројатно ќе јадат помалку. Потрошувачката на овошје и зеленчук во Велика Британија беше „многу чувствителна на зголемувањето на цените на храната“, пренесува Свијет.хр.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано