Економија

ДЕНЕСКА ВО ШКОТСКА СЕ ОДРЕДУВА ИДНИНАТА НА ГЛОБАЛНАТА ТРГОВИЈА, американската страна со „претпазлив оптимизам“ пред преговорите меѓу Трамп и Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп за да склучи трговски договор за Европа, кој веројатно ќе вклучува основна царина од 15 проценти за повеќето стоки од ЕУ. 

Европокската Унија се соочува со американски царини за повеќе од 70 проценти од својот извоз, со 50 проценти за челик и алуминиум, 25 проценти за автомобили и автоделови и 10 проценти за повеќето други стоки од ЕУ. Трамп рече дека ќе ја зголеми стапката на 30 проценти на 1 август, ниво за кое претставниците на ЕУ рекоа дека ќе уништи цели делови од трансатлантската трговија, објави Ројтерс.

За Трамп, договорот со ЕУ би бил најголемиот трговски договор досега, надминувајќи го договорот од 550 милијарди долари постигнат со Јапонија претходно оваа недела. Трамп, кој се стреми да ја преобрази глобалната економија и да го намали деценискиот трговски дефицит на САД, досега успеа да склучи договори со Велика Британија, Јапонија, Индонезија и Виетнам, иако неговата администрација не успеа да го исполни ветувањето за „90 договори за 90 дена“. 

САД и ЕУ се најголемите трговски партнери и сочинуваат една третина од светската трговија. Иако блиску, договорот сè уште бара некои финални преговори. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир и министерот за трговија Хауард Лутник, исто така, заминаа за Шкотска на разговори со европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ, кој исто така патува во Шкотска, пред средбата меѓу Трамп и фон дер Лајен.

Неименуван функционер од администрацијата на Трамп рече дека е „претпазливо оптимист“ дека ќе се постигне договор.

„Но, не е готово додека не заврши“, изјави тој за Ројтерс.

Во случај да нема договор и САД да воведат царини од 30 проценти од 1 август, ЕУ подготви контрацарини за 93 милијарди евра (109 милијарди долари) американска стока. Дипломатите од ЕУ изјавија дека евентуалниот договор веројатно ќе вклучува царина од 15 проценти за стоките од ЕУ увезени во САД, слично на договорот меѓу САД и Јапонија, заедно со царина од 50 проценти за европскиот челик и алуминиум, пренесува НИН. 


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано