Економија

Фон дер Лајен: Навистина завршивме добра работа, негативни реакции од француската опозиција на договорот со САД

Договорот што го постигнавме со САД создава сигурност во овие неизвесни времиња и обезбедува стабилност и предвидливост за граѓаните и бизнисите од двете страни на Атлантикот, изјави вечерва претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во шкотското место Трнбери, на која беше постигнат трговски договор со што се избегнува воведување на царини од 30 отсто за европскиот извор во САД. 

- Ова е договор меѓу двете најголеми економии во светот. Нашата трговска размена е 1,7 трилиони американски долари годишно. Заедно сме пазар од 800 милиони луѓе и ние претставуваме речиси 44 отсто од глобалниот БДП, рече Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека само неколку недели по Самитот на НАТО, на кој беше постигнат договор за поголеми инвестиции во одбраната, денешната спогодба претставува втор столб што го потврдува трансатлантското партнерство. 

- Преговорите беа многу тешки, бидејќи почнавме од многу далечни позиции. Беше тешко, но мораше напорно да работиме за да дојдеме до заеднички став и до самиот крај. Беше тешко, но на крајот бевме успешни. Добро е и задоволни сме, додаде Фон дер Лајен. 

Таа потенцира дека станува збор за договорна рамка чии детали треба да се прецизираат во текот на наредните недели. 

- Навистина завршивме добра работа, имаме договор за следните години, кој е многу добар, додаде Фон дер Лајен. 

Претседателката на ЕК соопшти дека со договорот се утврдува единствена царинска стапка од 15 отсто за поголемиот дека од извозот на ЕУ во САД, вклучително и за автомобилите, полупроводниците и фармацевтските производи.  

- Се согласивме и за нула-за-нула царини за голем број стратешки производи. Ова ги вклучува сите делови за авиони, одредени хемиски и генерички производи, полупроводничка опрема, одредени земјоделски производи, природни ресурси и клучни суровини. Ќе продолжиме да работиме на додавање повеќе производи на оваа листа, истакна Фон дер Лајен. 

Во однос на челикот и алуминиумот, таа нагласи дека ЕУ и САД се соочуваат со заеднички надворешен предизвик на глобална презаситеност на пазарот и ќе работат заеднички за обезбедување фер глобална конкуренција. Со цел да се намалат бариерите, а со тоа и царините, според Фон дер Лајен, ќе се воспостави систем на квоти. 

- Исто така, ќе ја зголемиме нашата енергетска соработка. Купувањето на американски енергетски производи ќе ги диверзифицира нашите извори на снабдување и ќе придонесе за енергетската безбедност на Европа, рече Фон дер Лајен. 

Во тој дел е договорен увоз на американски енергенси во износ од по 250 милијарди евра годишно во период од три години, што ќе и овозможи на ЕУ замена на увозот на руски гас и нафта. 

- Сакаме апсолутно да се ослободиме од руските фосилни горива и затоа е добредојдено да се купуваат поприфатливи и подобри горива од САД. Нашата проценка е дека можеме да постигнеме увоз од 250 милијарди годишно во текот на три години, додаде Фон дер Лајен. 

Таа потенцира дека кога се говори за 15 отсто царина, не треба да се заборави дека доколку не се постигнеше овој договор од 1 август европските компании ќе се соочеа со царинска стапка од 30 проценти за извоз на американскиот пазар. 

- Секако 15 проценти претставува предизвик за некои компании, но не треба да заборавиме дека го задржавме пристапот до американскиот пазар и она што го правиме интензивно е да се етаблираме во други региони во светот и да отвориме нови потенцијални пазари за европските бизниси, рече Фон дер Лајен, посочувајќи ги како пример Индонезија, земјите од МЕРКУСОР, Мексико и Индија, со која се преговара за трговски договор. 

Таа додаде дека договорот со САД обезбедува пристап на европските компании до најголемиот извозен пазар на Европа, а во исто време ќе им овозможи подобар пристап на американските производи на пазарот на ЕУ.  

- Ова ќе им користи на европските потрошувачи и ќе ги направи нашите бизниси поконкурентни. Овој договор обезбедува рамка од која дополнително ќе ги намалиме царините за повеќе производи, ќе се справиме со нецаринските бариери и ќе соработуваме за економска безбедност. Кога ЕУ и САД работат заедно како партнери, придобивките се видливи за двете страни, додаде Фон дер Лајен. 

Таа им се заблагодари на Трамп за неговата „лична посветеност и неговото лидерство за постигнување на овој напредок“, како и на еврокомесарот за трговија Марош Шефчович и на неговиот тим, кои, како што рече, „го завршија поголемиот дел од тешката работа“.  

- Сакам да им се заблагодарам и на нашите земји членки за нивната доверба и нивната посветеност. Нашето единство е нашата сила, дома и во странство. Ќе продолжиме напорно да работиме за доброто на сите Европејци, додаде Фон дер Лајен. 

 Италијанската премиерка Џорџа Мелони го оцени како „позитивен“ постигнатиот трговски договор меѓу Европската Унија и САД, но нагласи дека прво треба да се разгледаат деталите, јави агенцијата АНСА.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека потпишаната рамковна спогодба е добра, бидејќи ја избегнала трговската војна и го заштитила автомобилскиот сектор.

„Овој договор спречи трговски конфликт што сериозно ќе ја погодеше германската економија ориентирана кон извоз“, се наведува во изјавата на Мерц.

Тој прецизира дека особено автомобилската индустрија ќе има корист, бидејќи постојните царини од 27,5 отсто ќе се намалат на 15 отсто.

Спротивно на ова, опозицијата во Франција го критикува договорот, кој вчера беше објавен од американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Лидерката на крајната десница „Национален собир“ Марин Ле Пен го нарече договорот „политички, економски и морален неуспех“. Таа ја обвини Европската комисија дека прифатила нерамноправни клаузули и дека „Франција под патриотска влада никогаш не би ги прифатила“.

Според неа, станува збор за „безусловна капитулација на француската индустрија и на енергетскиот и воениот суверенитет на земјата“.

И крајната левица го дели истото мислење.  - Му попуштивме на Трамп во сè – царини, обврзувачки набавки, дури и 5 отсто данок врз БДП, изјави лидерот на „Непокорна Франција“, Жан-Лук Меланшон.
Генералниот секретар на Социјалистичката партија, Пјер Жуве, изјави дека договорот ја прави Европа вазал.
„Треба ли да бидеме среќни што ни наметнале ‘само’ 15 отсто царини? Урсула фон дер Лајен жртвуваше работни места, индустрија и животна средина, ветувајќи 600 милијарди долари инвестиции и купување американски течен гас“, рече тој.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано