Економија

Влијанијата на новите регулативи за декарбонизација и зелената енергетска транзиција главна тема на средбата Божиновска-Славески

Министерката за енергетика Сања Божиновска остварила средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која се разговарало за тековните енергетски проекти и нивните финансиски импликации врз компаниите и економијата.

Како што соопшти Министерството за енергетика, во фокусот на разговорот биле влијанијата на новите регулативи за декарбонизација и зелената енергетска транзиција на Европската Унија, кои носат значајни предизвици, но и можности за развој на обновливите извори на енергија во нашата земја, како и нивното значење за домашните компании и целокупната економија.

Било нагласено дека за компаниите е потребна поддршка во приспособувањето кон овие промени, за да се намалат финансиските оптоварувања и да се зачува конкурентноста на домашниот пазар.

Гувернерот Славески и министерката Божиновска се согласиле дека финансискиот сектор е главен поддржувач на транзицијата кон поголема енергетска одржливост, соодветно соработката помеѓу Министерството за енергетика и Народната банка е значајна за креирање на мерки кои ќе ја поддржат економијата во целина, особено во услови на глобални економски предизвици, стои во соопштението.

На средбата исто така било истакнато дека развојот на енергетскиот и рударскиот сектор е од клучно значење за зајакнување на финансиската независност на земјата и обезбедување енергетска стабилност која ќе ги штити интересите на граѓаните и компаниите и ќе обезбеди отпорност на земјата кон надворешни економски шокови.

Од Министерството за енергетика додаваат дека во наредниот период ќе се работи на конкретни иницијативи и политики за олеснување на пристапот до финансиски средства за инвестиции во зелена енергија и технолошки модернизации, со цел да се поддржи економскиот раст и одржливоста, но за да се обезбедат ефективни решенија кои ќе ги поддржат компаниите во процесот на прилагодување, како и стабилноста на националната економија.


Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано