Економија

Народна банка: Инфлацијата забрза во јуни поради повисоките цени на храната и на базичната компонента

Во услови на стабилен девизен пазар, движењето на инфлацијата и натаму е во центарот на вниманието и треба внимателно да се следи. Имено, во јуни 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 4,5%. Забрзувањето на годишната стапка на инфлација главно произлегува од повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт, соопштија од Народна банка по вчерашната редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. 

Истовремено, цените во рамките на енергетската компонента на инфлацијата и во јуни бележеа пад на годишна основа, но поумерено во споредба со мај. Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост. Од друга страна, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока. И покрај тоа, неизвесноста околу идната динамика на цените на примарните производи на берзите е висока поради геополитичките тензии, позатегнатите трговски политики и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката, информираат од Народна банка.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано