Економија
НА ТРАМП НЕ МУ СЕ БРЗА ЗА ЦАРИНИТЕ СО ЕУ , тој не го прифати барањето на ЕУ за примена на царините од денеска
01.08.2025
Наспроти очекувањата на ЕУ дека стапувањето во сила на договорената општа царинска стапка од 15 отсто за поголемиот дел од извозот на европски стоки во САД ќе започне од денеска, со најновата извршна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, нејзината примена се одлага за од 7 август.
По постигнувањето на рамковниот трговски договор меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и Трамп во неделата, ЕУ најавуваше дека примената на одредбата за општа царина од 15 отсто ќе започне од денеска, кога истекуваше периодот на суспензија на претходно најавените царински стапки од страна на Американската администрација.
- Европската Унија јасно прими на знаење дека САД ќе го спроведат договорениот царински лимит од 15 отсто, како што наведе и претседателката Фон дер Лајен во неделата. Ова значи дека од утре ќе го имаме царинското олеснување на кое работевме толку напорно за да постигнеме стабилност и предвидливост за бизнисите и потрошувачите во ЕУ. САД презедоа обврски и сега е на САД да ги спроведат. Топката е на нивни терен, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на Европската комисија за трговија и царини Олоф Гил.
Тој најави и дека во меѓу време продолжуваат преговорите меѓу ЕУ и САД на финализирање на заедничката изјава заснована на постигнатиот трговски договор, со која треба да се прецизираат договорените обврски. Гил појасни дека заедничката изјава не е правно обврзувачки документ, туку реафирмирање на политичките обврски договорени во неделата и таа претставува еден вид план или патоказ за продолжување на соработката.
ЕУ засега официјално не ја коментираше новата извршна наредба на Трамп, останувајќи на барањето САД да обезбедат „итно царинско олеснување“ за европските извозници.
Со наредбата на Трамп примената на сите најавени нови царини за над 60 трговски партнери на САД, вклучително и за ЕУ, се одлага за 7 август. Исклучок од ова е Канада, за која од денеска стапи во сила царината од 35 проценти за канадскиот извоз во САД.
Од наплата на новите царински стапки ќе бидат ослободени оние производи кои се упатени кон САД пред 7 август и ќе пристигнат на американска територија пред 5 октомври.
Извор/фото МИА