Економија
ЦЕНИТЕ НА СВЕЖАТА ХРАНА НАЈМНОГУ ВЛИЈААТ НА ИНФЛАЦИЈАТА ВО ЕВРОЗОНАТА
04.08.2025
Инфлацијата во eврозоната беше стабилна во јули, со значително посилно зголемување на цените на свежата храна и поблаг раст на цените на услугите, покажаа прелиминарните податоци од Европскиот завод за статистика.
Годишната стапка на инфлација во eврозоната, мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), изнесуваше два проценти во јули. Европската централна банка (ЕЦБ) го дефинира стабилниот раст на цените точно како стапка на инфлација од два проценти.
Во јули, цената на свежата храна најмногу порасна во eврозоната, за 5,4 проценти, многу поостро отколку во јуни, кога нејзините цени пораснаа за 4,6 проценти.
Растот на цените на услугите малку забави, лизгајќи се од 3,3 проценти во јуни на 3,1 процент во јули, покажаа податоците на Евростат.
Цените на енергијата повторно паднаа, за 2,5 проценти, нешто поблаго отколку во претходниот месец, кога енергијата беше 2,6 проценти поевтина во споредба со истиот период минатата година.
Без енергијата и свежата храна, цените во еврозоната се зголемија за 2,4 проценти на годишно ниво во јули, пресметаа статистичарите. Во јуни, базичната инфлација изнесуваше 2,5 проценти.
Некои европски земји, како што се Италија, Ирска, Словенија, Финска, Латвија и Литванија, во јули имаа инфлација пониска од границата од два проценти. Во исто време, Белгија забележа инфлација од 5,5 проценти, Холандија 3,5 проценти и Хрватска 3,4 проценти., објави Бизнис.рс.