Економија

Австралија избра јапонска компанија за изградба на нови воени бродови

Австралиската влада објави дека ја избрала „Мицубиши хеви индустрис“ (МХИ) за изградба на својата нова флота воени бродови, при што јапонската компанија ја победила германската „Тисенкруп Марин Системс“ во трката за договорот вреден повеќе милијарди долари.

-По ригорозен и конкурентен процес на лицитирање, фрегатата од класата Могами на „Мицубиши хеви индустрис“ беше оценета како најспособна за брзо исполнување на барањата за капацитет и стратешките потреби на Австралиските одбранбени сили (АДФ)“, се вели во соопштението на австралиската влада.

Министерот за одбрана Ричард Марлес, кој е и заменик-премиер, изјави во Канбера дека новата флота ќе ги замени бродовите од класата АНЗАК на австралиската морнарица, за кои рече дека се „најстарата флота на површински борбени бродови што морнарицата ги користела од крајот на Втората светска војна“.

-Фрегатата од класата Могами е најдобрата фрегата за Австралија, им рече Марлес на новинарите, нагласувајќи дека изборот на јапонскиот модел во однос на другите опции е „целосно базиран на капацитетите на засегнатите бродови“.

„Треба да се каже, откако се донесе оваа одлука, дека таа претставува многу важен момент во билатералните односи меѓу Австралија и Јапонија“, рече Марлес.

Министерот рече дека според договорот ќе бидат изградени 11 фрегати „за општа намена“ - три во странство, а останатите во Австралија.

Министерот за одбранбена индустрија, Пет Конрој, рече дека првата фрегата ќе биде „испорачана во 2029 година за употреба во 2030 година“.

Австралиската телевизија Еј-Би-Си објави дека договорот е вреден 10 милијарди австралиски долари (6,5 милијарди долари). Владата на Канбера не ја прецизираше цената, но рече дека е дел од поширока „инвестиција од 55 милијарди австралиски долари“.

ПРЕПОРАЧАНО