Економија
Албанската влада ќе вложи над 57 милиони евра во технологија за дигитална трансформација на образованието
06.08.2025г
Владата на Албанија има за цел да ја подобри технолошката инфраструктура во училиштата до 2030 година, за што предвидува да вложи 5,5 милијарди леки (над 57 милиони евра).
За таа цел Министерството за образование и спорт го достави на јавна консултација нацрт-документот за дигитализација на високото и пред универзитетското образование во следните 5 години, како фундаментален услов за процесот на интеграција на земјата во Европската унија.
-Средствата се наменети за 654 паметни лаборатории во 615 училишта, обезбедување лаптопи за 5.500 наставници, подобрување на пристапот до широкопојасен интернет и создавање централни платформи за менаџирање со академски и научни информации., објави abcnews.al.
Според предложениот план, иницијативата за паметни лаборатории ќе продолжи во сите основни и средни училишта во земјата. Се очекува 32 милиони леки финансирани од државниот буџет и меѓународни партнери да бидат наменети за пилот-проекти, со цел вклучување на вештачка интелигенција во наставата.
-Програмата вклучува и обука за 16 илјади наставници со 10 модули од информатичко-комуникациската технологија и изградба на наменска дигитална платформа за обука на наставници, за што се предвидува 417 милиони леки, од државниот буџет и донатори. Меѓу целите е и проширување на Wi-Fi мрежата, брз безжичен интернет, во сите основни, средни и високообразовни институции, додава телевизијата.
Во предложениот нацрт-текст се споменуваат и на неодамнешните чувствителни прашања поврзани со ризиците од изложеност на децата на интернет, што предвидува "преземање конкретни мерки и подигање на свеста во училиштата за спречување на сајбер малтретирањето".
Во однос на високото образование, новата стратегија има за цел да ја подобри поврзаноста на универзитетите со пазарот на трудот. Во овој поглед, високообразовните институции треба да се реформираат и да понудат програми кои се повеќе ориентирани кон потребите на индустријата и работата, со што ќе се зголемат можностите за непосредно вработување на дипломираните студенти.