Економија

СТАТИСТИКА | Дејан Станков: ЗЕМЈОДЕЛСКО-ПРЕХРАНБЕНИОТ СЕКТОР НИЗ ПРИЗМАТА НА ОФИЦИЈАЛНАТА СТАТИСТИКА

Дејан Станков | Авторот е директор на Државниот завод за статистика

Значењето на земјоделско-прехранбениот сектор за македонската економија е веќе апсолвирано прашање. Постои консензус во општествово дека тој претставува стратегиски сектор за државава, оттука и потребата континуирано да се вложува во модернизација и во зголемување на конкурентноста, како и во подобрување на инфраструктурата и на логистиката. Нашава земја поседува поднебје и традиција во одгледување земјоделски култури, климатски и почвени предуслови, како и други потребни услови како што е пристапот до пазарот со висока апсорбирачка моќ и развиени синџири на снабдување со цел целосно искористување на потенцијалот за земјоделско производство. Сепак, познато е дека Македонија не ги задоволува домашните потреби за храна во целост и е нето-увозник на храна. Оваа тема стана особено актуелна во последниве неколку години кога како последица од пандемијата на ковид-19 и на другите актуелни фактори дојде до зголемување на меѓународните цени на храната што се рефлектира и врз домашните цени и врз трошоците на животот.
Често се анализираат официјални статистички податоци за надворешнотрговската размена со храна според Стандардната меѓународна трговска класификација (СМТК). Според оваа класификација, во секторот „Храна и живи животни“, покрај земјоделските производи и живите животни, опфатени се категориите на производи како што се месото и преработките од месо (свежо, разладено или замрзнато), млеко и млечни производи, јајца, риба, жита и преработки од жита, кондиторски производи, кафе, какао, чај, зачини, добиточна храна и разни други производи за исхрана и преработки. Со други зборови, овој сектор ги опфаќа земјоделските производи и преработената храна.
Во 2024 година е остварен дефицит во стоковната размена на храна и на живи животни во износ од 521,9 милиони евра (претходни податоци). Ако ги набљудуваме показателите во количества, во 2024 година е остварен нето-дефицит во размената со храна од 304,8 илјади тони. Дефицитот кај храната претставува 16 % од вкупно остварениот трговски дефицит во 2024 година.


При анализата на надворешнотрговската размена на секторот „Храна и живи животни“ според СМТК треба да се има предвид дека не се прави разлика меѓу земјоделските производи и прехранбените производи. Прехранбените производи ги користат земјоделските производи како суровина и затоа е важно да утврдиме дали дефицитот доаѓа од земјоделскиот или од прехранбениот сектор. Во оваа насока, појасна слика дава анализата на земјоделските производи опфатени во одделот „Растителни и сточарски производи“ и во одделот „Прехранбени производи“ според Класификацијата на производите по дејности (КПД). Земјоделските производи опфатени во одделот „Растителни и сточарски производи“ според КПД се едногодишните посеви (жита, ориз, зеленчук, непреработен тутун, фуражни растенија и цвеќе), повеќегодишните посеви (грозје, јаболчесто и коскесто овошје, јагодесто, јатчесто и друго слично овошје, маслинки, зачински, ароматични и лековити растенија), материјали за расад, како и живи животни, живина и нивни производи (млечни крави, други говеда, овци и кози, непреработено млеко, свињи, живина и јајца, природен мед). Прехранбените производи опфаќаат разновидни производи кои се резултат на земјоделството, на шумарството, на ловот и на риболовот како што се месото, рибата, овошјето и зеленчукот, мастите и маслата, млечните производи наменети за човечка исхрана или за животни, мелничните производи, добиточната храна и друга храна, полупроизводите кои не се сметаат директнo за прехранбени производи, нуспроизводите со различна употребна вредност и обработката на кланични отпадоци. Овој сектор на дејност не опфаќа подготовка на храна за непосредна потрошувачка и услуги поврзани со пакување месо.
Податоците за овие два оддела покажуваат дека земјоделско-прехранбениот сектор во 2024 година остварува дефицит во трговската размена со странство во износ од 436,7 милиони евра. Сепак, грануларните податоци покажуваат дека кај земјоделските производи во одделот „Растителни и сточарски производи“, во 2024 година, е остварен рекорден суфицит во трговската размена од 158,6 милиони евра. Поконкретно, извозот на растителни и на сточарски производи изнесува 328,4 милиони евра, додека увозот 169,8 милиони евра. Во оваа група значителен е извозот на тутун, кој во 2024 година изнесува 126,1 милион евра. Ако го исклучиме тутунот, повторно се доаѓа до позитивен нето-извоз во износ од 32,5 милиони евра. Кај едногодишните посеви остварен е позитивен нето-трговски биланс од 142,7 милиони евра. Кај повеќегодишните посеви, по тригодишниот дефицит, во 2024 година е остварен трговски суфицит во износ од 5,2 милиони евра. Кај материјалите за расад е остварен позитивен нето-извоз од 16,6 милиони евра, додека кај размената со живи животни и производи од нив – од 5,8 милиони евра.
Најголем дел од извозот на земјоделски производи во 2024 година е реализиран во Грција, во вкупна вредност од 64,4 милиони евра. Значителен дел од извозот е остварен и во Белгија (во износ од 31,3 милиони евра), во Србија (30,8 милиони евра) и во Германија (26,3 милиони евра). Во однос на увозот на земјоделски производи во 2024 година, најголем увоз е остварен од Србија, во износ од 41,7 милиони евра, потоа од Еквадор, од Турција, од Бразил, од Албанија и од Грција.
Од друга страна, кај прехранбените производи во 2024 година е забележан дефицит во трговската размена во износ од 595,2 милиони евра. Високиот увоз на конзервирано месо и на месни производи од 235,7 милиони евра во 2024 година придонесе за високиот трговски дефицит кај овие производи во износ од 193,7 милиони евра. Негативен нето-трговски биланс е остварен и кај размената на растителни и животински масла и масти и на риба во износ од 72,2 милиони евра и 23,1 милион евра соодветно. Треба да се нагласи континуираниот дефицит во размената со млечните производи, кој во 2024 година изнесува 70,2 милиони евра. Сепак, највисок дефицит од 234,8 милиони евра е остварен во размената кај категоријата производи „Други прехранбени производи“, која ги опфаќа чоколадата и производите што содржат какао, рафиниран шеќер од шеќерна трска и шеќерна репка, производите од шеќер, готовите јадења и оброците (вклучително и замрзната пица), разните видови сосови и кафето.
Увозот на прехранбени производи е генерално диверзифициран, но доминантна улога има Србија од каде што е увезена преработена храна во износ од 188,7 милиони евра. Истовремено најголем дел од прехранбените производи се извезуваат во Косово, во Србија и во Хрватска (64,1 милион евра, 56,8 милиони евра, 36,7 милиони евра, соодветно).


Оваа кратка анализа води кон заклучокот дека дефицитот во размената со храната не доаѓа од земјоделските производи, туку од прехранбената индустрија која ги користи земјоделските производи како суровини во процесот на производство. Поточно, трговскиот дефицит кај храната е воден од дефицитот на прехранбени производи, и тоа главно како резултат на високиот увоз на: говедско месо,месо од живина и свинско месо, млечни производи, рафиниран шеќер и чоколада и кафе. Од друга страна, и покрај генерално намалените површини и производство на земјоделски производи, кај оваа категорија производи е забележан позитивен нето-трговски биланс воден од суфицитот во размената со едногодишни производи.
Во исто време, просечниот годишен раст на нето-додадената вредност во земјоделството, по постојани цени, во последнава декада изнесува 0,2 %. Во услови на стагнантна додадена вредност на земјоделскиот сектор, позитивен нето-трговски биланс кај растителните и сточарските производи и растечки дефицит во размената со прехранбени производи, постои потенцијал за понатамошни инвестиции кои водат до подобрување на продуктивноста и на конкурентноста преку поинтензивна соработка меѓу земјоделскиот и прехранбениот сектор и пласирање на ценовно и на квалитативно конкуренти производи со висока додадена вредност.
За да се искористи овој потенцијал, потребна е симбиоза меѓу земјоделците и бизнис-заедницата, како и јасна поддршка на државава преку ревидирање на начинот на субвенционирање и креирање целни мерки и политики за поддршка на земјоделско-прехранбениот сектор. Реформата на системот на земјоделски субвенции може постепено да се пренасочи од влезно ориентиран модел кон излезно ориентиран модел и модернизација, заснован на реално произведени и пласирани количества, со јасно целење на земјоделските производи за кои земјава може да оствари трошочна компаративна предност и финален производ со одржлива пазарна конкурентност.
Мерките и политиките се најефикасни кога се засновани на официјални статистички податоци. За официјалната статистика да одговори соодветно на барањата за статистички податоци, неопходно е да биде спроведен попис на земјоделството во 2026 година. Деталните податоци од пописот на земјоделството ќе ја отсликуваат состојбата во македонското земјоделство и ќе се користат за статистички анализи кои ќе овозможат носење одговорни одлуки за поддршка и за развој на македонското земјоделство и на економијата во целост. За таа цел, Државниот завод за статистика во изминатиов период интензивно работеше на подготовка на закон за пописот на земјоделството, како и на инструментите на пописот, целосно хармонизирани со европската легислатива во областа на статистиката. Нашата цел е преку точни статистички податоци да придонесеме за одржлив земјоделски развој!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано