Финансии / Банкарство
НЕМА СИСТЕМАТИЗИРАН ПРЕГЛЕД - кој добива државна помош и дали ефективно се искористени средствата
17.02.2026
Во моментов, податоците за доделената државна помош се дисперзирани во повеќе институции и не се достапни на едно централизирано место. Недостасува единствен, систематизиран преглед од кој јасно ќе се види кој добива помош, по која основа, во колкав износ и со каква цел. Ваквата фрагментираност, не само што ја отежнува јавната контрола, туку го усложнува и процесот на креирање економски политики. Централизиран и транспарентен систем на податоци би овозможил подобра анализа, подобра координација меѓу институциите и поефикасно планирање на ресурсите, порачаа учесниците на денешната панел-дискусија „Зајакнување на управувањето со државната помош во Западен Балкан: транспарентност, ефективност и усогласување со ЕУ“.
Како што оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, транспарентноста не е формалност, туку предуслов за доверба и рационално управување со јавните средства. Од таа причина, рече, Владата работи на воведување систем кој централизирано ќе ги евидентира сите трошоци што се доделуваат како државна помош. Државната помош, подвлече министерката, не смее да биде товар врз јавните финансии, туку инвестиција во конкурентноста и одржливиот раст
Според извршната директорка на Finance Think, Благица Петрески, во моментов нема податоци за микро доделената помош - кои се компаниите што добиле средства, од кој сектор и за која намена, а недостигот на подетални податоци оневозможува детално да се креираат политики, зашто не е значајно само колку средства се издвојуваат како државна помош, туку и дали се тие ефективно потрошени.
- Наша препорака е што побрзо да биде изграден тој централен регистар за државна помош зашто тука има широка палета програми кои се нудат и на тој начин, не само што ќе се подигне транспарентноста, туку и ќе може подетално да се мерат. Кога се планира да се воведе одредена мерка или програма, задолжително е да се направи импакт евалуација на потенцијалните ефекти или кога ќе биде имплементирана, да биде измерена за да не се прават грешки како во минатото кога се трошеа многу средства, без конкретни ефекти. Државната помош е една од најпотеценетите теми зашто издвојувањето од Буџетот по оваа основа изнесуваат во некои години дури и два процента од БДП, особено во кризни периоди. Во моментов, дополни, изнесува 1,3 осто од БДП. Ние имаме агрегирани податоци за државна помош од 2017 - 2024 година, по година, сектор и од аспект на намена, изјави Петрески по панелот.
Најмногу државна помош, не само во Македонија, туку и во регионот, се издвојувала, истакна Петрески, за време на КОВИД-кризата, во 2020 и 2021 година, додека од аспект на секторите, во Македонија најголема е државната поддршка во земјоделството и во бизнис секторот - за повеќе инвестиции и поголема конкурентност на компаниите.
-За жал, не можам да кажам каде се овие средства најдобро искористени, зашто ефективноста многу ретко се мери. Во минатото сме имале обид за мерење на ефективноста, но потребни се за тоа микро податоци, а тоа значи дека треба да имаме листа на компании на кои биле доделени средствата, колкав бил износот, која била намената и кои цели биле постигнати за да може точно да се утврди дали одредена програма дава конкретен резултат, подвлече директорката на Finance Think.
Министерката за финансии претходно, во обраќањето, потенцира дека покрај транспарентноста, вториот клучен момент кога се работи за државната помош, е ефективноста.
- Државната помош мора да има јасно дефинирана цел и мерливи резултати. Потребно е прецизно да знаеме што сакаме да постигнеме со секоја мерка - дали зголемување на инвестициите, нови работни места, технолошки напредок или регионален развој и потоа да ги измериме реалните ефекти. Целта е поддршката да создава додадена вредност и долгорочен економски бенефит. Во овој момент, се уште немаме доволно систематизирани анализи кои јасно ќе ги покажат вкупните ефекти од доделената државна помош врз економијата. Токму затоа, јакнењето на механизмите за следење и евалуација треба да бидат приоритет, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Таа подвлече дека суштината не е само во обемот на средствата, туку и во нивната насоченост, како и во резултатите што со нив се создаваат.
-Јасни критериуми, транспарентни процедури и силна институционална контрола се основа за одговорно управување. Нашата цел е државната помош да биде инструмент што создава реална вредност, поттикнува инвестиции со повисока додадена вредност и придонесува за подобар животен стандард. Само со транспарентност, мерливи резултати и европски усогласени правила можеме да обезбедиме дека секој вложен денар навистина работи во интерес на економијата и граѓаните. Во контекст на европската интеграција, усогласувањето со правилата за државна помош претставува гаранција дека поддршката не ја нарушува конкуренцијата, туку придонесува за правилно функционирање на пазарот, укажа министерката.
Според податоците на Комисијата за заштита на конкуренцијата, во 2023 година државната помош изнесувала 206 милиони евра или речиси 1,5 процент од БДП, а во 2024 година достигнала 235,2 милиони евра или 1,52 процент од БДП. Овие износи, како што напомена Димитриеска-Кочоска, ја нагласуваат важноста на овој инструмент, но уште повеќе ја потенцираат потребата од високо ниво на транспарентност и отчетност.
Извор/фото МИА