Интервјуа

ВО МАКЕДОНИЈА ИМА НОВА ГЕНЕРАЦИЈА НА ЛИДЕРИ ПРЕТПРИЕМАЧИ

Јован Маџовски

Регионален директор на CEED за Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Молдавија

 

Господине Маџовски, имате повеќегодишно професионално искуство во меѓународни институции како што се УСАИД, УНДП, ЕУ итн. на работи поврзани со економскиот развој. Сега сте регионален директор на ЦЕЕД за Македонија, за Србија, за Албанија, за Босна и Херцеговина и за Молдавија. За почеток, што Ве привлече Вас лично да се фокусирате на развој на претприемништвото?

Ј. Маџовски: Уште од 1992 година мојот татко започна мал фамилијарен бизнис во кој јас бев активно вклучен во времето кога бев на средно училиште и на факултет. Додека сите мои врсници само учеа и се забавуваа, јас учев и работев и се забавував, што во тоа време на транзиција ми овозможи секогаш да имам свој џепарлак, но и да стекнам некои клучни вештини и способности што понатаму многу ми беа потребни. Паралелно бев вклучен во менаџирање на неколку кафулиња кои, во тоа време, беа трендовски места за излегување на младите. Волонтирав и во неколку студентски и младински непрофитни и невладини организации. Морам да признаам дека сето тоа различно искуство остана длабоко врежано во мене и всушност ми помогна понатаму да развијам професионална кариера во организациите кои го поддржуваа економскиот развој на Р Македонија. Во времето додека работев за овие меѓународни организации имав многу можности да се запознавам и да поддржувам многу успешни претприемачи од Македонија, но и од целиот свет и да ги слушам нивните приказни за тоа како го започнале и развиле својот бизнис. Кога се отвораше ЦЕЕД Македонија во 2007 година, дел од колегите со кои претходно веќе соработувавме ме посочија како можен соодветен кандидат за менаџер за Македонија и така започна мојата приказна во светот на развивањето и на помагањето на претприемачите.

Што е всушност ЦЕЕД Македонија, за каков тип организација станува збор?

Ј. Маџовски: ЦЕЕД (CEED (Центар за развој на претприемачи и менаџери)) е меѓународна организација чија главна задача е поддршка на претприемачите. ЦЕЕД на претприемачите им помага да ги зголемат своите способности, вештини и знаења со менторство и преку вмрежување да ги зајакнат и да ги растат сопствените бизниси. Мајка организација на ЦЕЕД е ЦЕАФ (СЕАФ (Small Enterprise Assistance Funds)), со седиште во Вашингтон, чиј главен бизнис е менаџирање на инвестициски фондови, односно финансирање на мали и на средни приватни компании.
ЦЕЕД како Центар за развој на претприемачи и менаџери е стартуван во 2005 година. Првиот ЦЕЕД центар е отворен во Бугарија, додека во Македонија е отворен во 2007 година. ЦЕЕД центрите почнаа да се отвораат во овој регион, вакви центри има и во Словенија, Романија, Косово, Албанија, Србија, а потоа почна да се шири и глобално, па се отворија центри во: Тунис, Мароко, Молдавија, Ерменија, Бангладеш, Танзанија.
Оваа година ЦЕЕД Глобал (CEED Global) слави 10-годишен јубилеј и по тој повод се организира Конференција во Софија, Бугарија, која ќе се одржи на 14 април. На конференцијата ќе присуствуваат лидерите на индустриите, претприемачи, основачи на стартапи, инвеститори од преку 17 земји од светот.

ПРВИОТ ЦЕЕД ЦЕНТАР Е ОТВОРЕН ВО БУГАРИЈА, ДОДЕКА ВО МАКЕДОНИЈА Е ОТВОРЕН ВО 2007 ГОДИНА. ЦЕЕД ЦЕНТРИТЕ ПОЧНАА ДА СЕ ОТВОРААТ ВО ОВОЈ РЕГИОН, ВАКВИ ЦЕНТРИ ИМА И ВО СЛОВЕНИЈА, РОМАНИЈА, КОСОВО, АЛБАНИЈА, СРБИЈА, А ПОТОА ПОЧНА ДА СЕ ШИРИ И ГЛОБАЛНО, ПА СЕ ОТВОРИЈА ЦЕНТРИ ВО: ТУНИС, МАРОКО, МОЛДАВИЈА, ЕРМЕНИЈА, БАНГЛАДЕШ, ТАНЗАНИЈА

Која е основната цел на ЦЕЕД Македонија? Кажете ни нешто повеќе за лепезата програми што ја нудите.

Ј. Маџовски: Основната цел на ЦЕЕД е да им помогне на претприемачите да ги развијат своите вештини на ниво на сопственици и на менаџери, но и на ниво на среден менаџмент. Ние како ЦЕЕД, преку нашиот пристап кој се заснова на 10 % теорија и 90 % претприемачки пристап - размена на искуства меѓу луѓе кои веќе се претприемачи, кои успеале во тоа што го работат, изградиле успешен бизнис - се обидуваме да го промениме менталитетот во Македонија, дека учењето не завршува со завршувањето на формалното образование. Претприемачите мора да сфатат дека треба постојано да учат и да работат на личниот развој. Целта на ЦЕЕД е да ја развива професијата на менаџери во Р. Македонија која е професија на иднината на македонскиот бизнис – клучна професија и алка за раст и за развој на бизнисите. Бидејќи најголем дел од претприемачите пред или по школувањето стануваат и менаџери на бизнисот кој го започнуваат – нашиот фокус се претприемачите кои започнуваат бизнис или развиваат веќе успешен бизнис како и нивниот менаџерски тим.
Во рамките на ЦЕЕД функционираат Бизнис клуб, Фондација ЦЕЕД, ЦЕЕД ЕДУ, Бизнис инфо (www.bi.mk), Клубот на бизнис ангели, како и иновативниот акцелератор и заеднички работен простор Хаб Скопје (Hub Skopje). Клубот функционира на следниов начин - новите компании влегуваат во Бронзениот (Bronze) клуб и во текот на една година посетуваат голем број на настани, слушаат многу теми, разменуваат искуства со други претприемачи. По една година можат да продолжат во следното ниво, Сребрениот (Silver) клуб. Втората година имаат минимум 10 теми, претежно за меки вештини (soft skills) како делегирање, коучинг, преговарање, носење одлуки, комуникациски вештини, управување со промени итн. Едно ниво погоре е Златниот (Gold) клуб во кој се луѓе што поминале низ активностите на ЦЕЕД минимум две години.
Фондацијата ЦЕЕД е задолжена за имплементирање на проекти. Во моментов работиме на еден навистина голем проект за Македонија, имплементатори сме на Проектот за микро и мали претпријатија што започна да го поддржува УСАИД, а пред повеќе од една година како стратешки партнер се приклучи и Владата на Швајцарија, па од четири, активностите се проширија на осум региони, односно сега ја покриваме целата територија на земјава.
Хаб Скопје (Hub Skopje) е нашиот најнов производ или услуга на пазарот во Македонија и е отворен со поддршка на УСАИД и на Владата на Швајцарија кој го правиме во партнерство со уште две локални организации – Млади инфо и СВТА. Целта ни е да го заживееме и директно поддржиме претприемачкиот дух на младите преку нивно насочување кон креирање реална бизнис приказна, производ или услуга. Во овој простор во кој сме сега младите ќе можат да ја развиваат, да ја тестираат, да ја менуваат и да ја продаваат својата услуга или производ, а за дел од најупорните и најпазарно ориентираните ќе даваме и финансиски средства за да изградат успешен бинис.

ЦЕЕД Македонија има бизнис клуб. За што станува збор, какви можности нуди клубот, кои се конкретните придобивки за членовите?

Ј. Маџовски: ЦЕЕД Бизнис клубот е првиот и можеби единствениот ваков активен клуб во Македонија. Фокусот на нашиот Бизнис клуб е едукацијата преку размена на искуства, размена на грешки и научени лекции, запознавање нови компании и пазари, ширење на можностите за правење бизнис, запознавање нови клиенти. Целта е да се развие нова култура во претпремништвото во Р Македонија во која младите претприемачи, односно следната генерација на претприемачи континуирано инвестира во сопствениот развој како професионални менаџери и сопственици на бизниси. Тоа е една многу важна специфика и квалитативно поместување на нивото на претприемништвото во нашава земја – имаме нова, идна генерација на претприемачки лидери кои, за разлика од претходните генерации, активно и континуирано инвестира во себе и во своите вештини, способности и квалитети, што дефинитивно не беше карактеристика на онаа прва, транзициска генерација на претприемачи. Ова е секако нешто што веќе поодамна постои во развиените земји. Фактот дека ова сега постои и одлично функционира во Македонија само ги израмнува нашите и странските претприемачи од аспект на можностите и алатките кои ги имаат за личен развој и за развој на бизнисот.

Програмите се наменети за разновидна публика. Какви се повратните информации од учесниците во програмите?

Ј. Маџовски: Повратните информации што го имаме од нашите учесници се одлични. Многу од нив со нас се веќе осма година, почнале со првата програма, ги поминале сите програми, а сега се веќе и ментори и бизнис ангели на најновите, јас ја нарекувам третата генерација на претприемачи. Оваа трета генерација има многу поголема поддршка во сите можни форми од своите претходници токму благодарение на постоењето на овој Бизнис клуб чие мото е од, за и со помош на самите претприемачи. Фактот дека претприемачите учат, разговараат и дебатираат со други претприемачи и професионалци е најсилната предност на ЦЕЕД Бизнис клубот. Сепак, клучниот збор по кој ЦЕЕД е препознаен од претприемачите е зборот мрежа (networking) кој се однесува на можноста претприемачите да сретнат и да запознаат други претприемачи со кои можат да прават деловни соработки. Влегувањето во еден бизнис клуб дефинитивно го зголемува бројот на контакти и на можни деловни соработници на кој било претприемач.

Членството во клубот е на индивидуално ниво или на ниво на претставници на фирми? Колку членови има клубот и во што е разликата меѓу категориите активни и пасивни членови?

Ј. Маџовски: Членството во клубот е индивидуално и во текот на една година не може да се менуваат учесниците/претставниците од фирмата бидејќи идејата е да се креираат нови контакти, а за тоа да се направи мора да се има континуитет. Во клубот, т.е. во сите различни аспекти на клубот имаме над 300 членови годишно, а бројот на учесници од нашите фирми-членки е над 400 бидејќи од некои фирми имаме двајца или повеќе учесници во најразличните бизнис теми кои ги нуди клубот.

ФОКУСОТ НА НАШИОТ БИЗНИС КЛУБ Е ЕДУКАЦИЈАТА ПРЕКУ РАЗМЕНА НА ИСКУСТВА, РАЗМЕНА НА ГРЕШКИ И НАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ, ЗАПОЗНАВАЊЕ НОВИ КОМПАНИИ И ПАЗАРИ, ШИРЕЊЕ НА МОЖНОСТИТЕ ЗА ПРАВЕЊЕ БИЗНИС, ЗАПОЗНАВАЊЕ НОВИ КЛИЕНТИ. ЦЕЛТА Е ДА СЕ РАЗВИЕ НОВА КУЛТУРА ВО ПРЕТПРЕМНИШТВОТО ВО Р МАКЕДОНИЈА ВО КОЈА МЛАДИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧИ, ОДНОСНО СЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА ПРЕТПРИЕМАЧИ КОНТИНУИРАНО ИНВЕСТИРА ВО СОПСТВЕНИОТ РАЗВОЈ КАКО ПРОФЕСИОНАЛНИ МЕНАЏЕРИ И СОПСТВЕНИЦИ НА БИЗНИСИ

Како се станува член на Бизнис клубот? Дали членството вклучува членарина?

Ј. Маџовски: Член на Бизнис клубот се станува најчесто по препорака од претприемачи што веќе се членови и постои годишна членарина која ја плаќа секој член. Чисто за ориентација, во 2015 година ЦЕЕД Бизнис клубот имаше 162 настани на целата територија на Р. Македонија и надвор од неа, што би значело повеќе од 1 настан на секои два работни дена, што ја покажува огромната динамика на самиот клуб. Тоа што е интересен тренд во 2014 и во 2015 година е дека имаме сè повеќе членови, партнери или спонзори на клубот кои добиваат широка лепеза на услуги и надвор од самиот клуб како што се: специјализирани консултатски услуги за развој на организацијата, на менаџментот и на менаџерите, видливост во рамките на самиот клуб, видливост на бизнис-порталот www.bi.mk и можност своите деца да ги вклучат во иновативната ЦЕЕД ЕДУ програма за деца и млади.

Што е ЦЕЕД ЕДУ?

Ј. Маџовски: ЦЕЕД ЕДУ е понова активност со која сакаме да ги вклучиме и децата во светот на претприемништвото, да им го доближиме тоа што го работат нивните родители. Во исто време сакаме да добијат осет за тоа што е бизнис, како се води бизнис, да ги научиме да размислуваат како професионалци. ЦЕЕД ЕДУ е нашиот одговор на сите слабости кои ги имаат речиси сите образовни системи во овој дел од светот – многу теорија, а малку практични и т.н. меки вештини (или исто така наречени вештини на 21 век) и вредности кои, од друга страна, токму од нашите членови знаеме дека се клучните работи кои ги бараат кај своите идни вработени. Целата годишна програма е составена од многу посети на компании каде што директно младите се запознаваат со многу професии и имаат можност да ги слушнат и лично да ги почувствуваат приказните на претприемачите за тоа зошто, како и кога го започнале и развиле својот бизнис. ЦЕЕД ЕДУ е за деца од 8 и млади до 28 години возраст.

ЦЕЕД Македонија организира и специјализирани обуки за стекнување сертификати. За какви сертификати станува збор?

Ј. Маџовски: Во рамките на нашите клупски активности сите кои поминуваат низ едукативните теми добиваат сертификат за своето учество во конкретните теми. Интересни се програмите за развивање менаџери (основно и напредно ниво), кои од 2010 година веќе опфатија 16 генерации на менаџери и веќе ја направивме и за менаџери надвор од Р Македонија: програми за менаџери на продажни тимови, проектни менаџери, сертифицирани интерни ревизори, како и темите кои се поврзани со финансии (основно и напредно ниво), маркетинг, иновации, деловна законска регулатива, наплата, човечки ресурси, наследување бизниси итн. Специфика за ЦЕЕД е фактот дека нашиот фокус е на самите сопственици, претприемачи или менаџерите на врвно и на средно ниво кои се над 95 % од нашите членови и кои во просек се на возраст меѓу 30 и 45 години, иако работиме и со оние кои се помлади од 30 и во фаза на почнување на бизнис, како и оние кои се во 50-тите години од животот и веќе размислуват за наследници на својот бизнис.

АНГАЖИРАЈТЕ ПОПАМЕТНИ И ПОШКОЛУВАНИ ОД СЕБЕ И КОНТИНУИРАНО ИНВЕСТИРАЈТЕ ВО НИВ, ОСОБЕНО ВО МЕНАЏЕРИТЕ. ИСТО ТАКА РАБОТЕТЕ НА СВОЕТО ЗДРАВЈЕ И НИВО НА ЕНЕРГИЈА, НАУЧЕТЕ КАКО ДА ГИ ПОЛНИТЕ БАТЕРИИТЕ БИДЕЈЌИ БИЗНИСОТ Е МАРАТОН, А НЕ СПРИНТ

Вие сте регионален директор на ЦЕЕД и покривате пет земји. Кои се сличностите, а кои разликите во секојдневното работење на претприемачите во овие земји?

Ј. Маџовски: Уште од 2009 година сум вклучен во ширењето на ЦЕЕД во регионот, но и подалеку, и можам да кажам дека навистина уживам во истражувањето и во континуираното учење за претприемачите од целиот регион и пошироко. Навистина постојат многу интересни културолошки и пазарни разлики меѓу претприемачите во регионот, но во голем дел фазите во растот на бизнисите се идентични. Во регионот во моментов надоаѓа новата, втора генерација на претприемачи и менаџери која е многу поотворена за учење, побрзо носи деловни одлуки, но со претходно многу поквалитетна анализа на инвестициите. Бидејќи ЦЕЕД е и на други континенти, можам да заклучам дека претприемачите во целиот свет се многу слични како карактери и имаат слични проблеми со кои се борат, а кои во голем дел зависат од фазата на растот на компанијата, индустријата, големината на пазарот и едукативното минато на претприемачот. Во овој регион, претприемачите (со чест на исклучоци) имаат многу поголемо его отколку што би требало и мислат дека сè знаат, што сметам дека е една од причините зошто сè уште има многу малку глобално успешни компании кои излегуваат од овој регион.

Која е Вашата порака до претприемачите во Македонија?

Ј. Маџовски: Работете на себе и на својот развој, а не само на компанијата бидејќи развивајќи ја вашата компанија ќе ја развиете многу повеќе од што ќе се развиете себе и пред или потоа ќе станете сопирачка или тесно грло за следното ниво на раст на вашата компанија. Ангажирајте попаметни и пошколувани од себе и континуирано инвестирајте во нив, особено во менаџерите. Исто така работете на своето здравје и ниво на енергија, научете како да ги полните батериите бидејќи бизнисот е маратон, а не спринт. За крај, во бизнисот постои деловна етика и морал, не мислете само од денес за утре – секогаш однесувајте се како што би посакале утре да се однесуваат вашите деца.

Зоран Јовановски
(април 2016)

ПРЕПОРАЧАНО