Перспектива

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ, ЗА ШТО ВСУШНОСТ (ТРЕБА ДА) РАЗГОВАРАМЕ?

Зоран Јовановски

 

Љубљана има 560 метри квадратни зелени површини по жител. 560 метри квадратни по жител, официјален податок. Од неодамна е официјално прогласена за Зелена престолнина на Европа. Разбирливо, тамошните градски власти се многу горди за тоа, а и за многу други квалитетни работи што ги направиле, како што во овој број убаво може да се види од интервјуто со Тјаша Фицко, заменичка градоначалник на Љубљана. Прашањето што мене ми се наметна после тоа интервју е дали кај нас приоритет треба да биде проширувањето на улиците или правењето повеќе велосипедски патеки на кои, конечно, никој нема да се паркира?

Интервјуто беше направено токму за овој број на „Економија и бизнис“, во месецот кога се во тек локалните избори во Македонија, за да ни покаже дека сѐ може да се постигне доколку локалните власти имаат јасна долгорочна цел и визија. Нам ни е и полесно, не мораме ништо да измислуваме, можеме да видиме што прават другите и тоа да го примениме.

Но, да го погледнеме прашањето за локалните власти во еден поширок,  глобален контекст, да видиме кои се темите што се во фокусот на интерес и за коишто се разговара? На пример, светот зборува за нешто што се нарекува „паметен град“ (smart city). Тоа значи воведување на нова генерација на услуги поткрепени од информатичката технологија при што постојат бројни студии што се занимаваат со тоа како нејзиниот напредок да се искористи за подобрување на функционирањето на локалните власти. „Паметниот“ град значи функционална мрежа на сензори на сите страни (згради, паркинг места, контејнери за ѓубре, итн.), како и апликации за мобилните телефони, амбиент во кој градот е поврзан со граѓаните, постојано „комуницира“ со нив и тие во реално време добиваат подобар квалитет на живот. Централизирањето на сите информации и нивното процесирање овозможува полесно управување со сообраќајот, собирањето на отпадот, реагирање во случај на несреќен случај и сл. Понатаму, во фокусот се става енергетската ефикасност и редуцирањето на употребата на енергија од извори што не се обновливи. Модерните трендови кај локалните власти сугерираат и зголемување на транспарентноста и овозможување пристап на граѓаните до што повеќе разновидни информации за функционирањето на локалната средина. Тоа создава можност и за зголемена (само)ангажираност на граѓаните за полесно и побрзо изнаоѓање решенија за проблемите на локалното живеење.

МОЖЕ ЛИ ПРИВИЛЕГИЈАТА ЗА БЕСПЛАТНО КОРИСТЕЊЕ НА ГРАДСКИОТ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ ДА НЕ ВАЖИ ВО ПЕРИОДОТ ОД 06:30 ДО 09:30 И ОД 14:00 ДО 17:30 ЧАСОТ, ВО ВРЕМЕТО КОГА НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД ВРАБОТЕНИТЕ И УЧЕНИЦИТЕ ОДАТ И СЕ ВРАЌААТ ОД РАБОТА ИЛИ УЧИЛИШТЕ? СО ТОА, ВО КРИТИЧНИТЕ ПЕРИОДИ ВО ТЕКОТ НА ДЕНОТ ЌЕ СЕ НАМАЛАТ ГУЖВИТЕ ВО АВТОБУСИТЕ, АВТОБУСКИОТ СООБРАЌАЈ ЌЕ СЕ ОДВИВА ПОБРЗО, НАВРЕМЕНО И СО ПОМАЛКУ ТУРКАНИЦИ, И ТОЈ ЌЕ СТАНЕ ПОПРИВЛЕЧЕН ЗА МНОГУМИНА ШТО МОМЕНТНО КОРИСТАТ АВТОМОБИЛИ

Разговараме ли ние за овие работи и од оваа гледна точка? Не баш многу. Кај нас работите се многу попрозаични, веројатно моделирани од некои локални процеси што се во тек. Еден таков процес во Република Македонија којшто е во тек веќе извесен временски период е процесот на миграција што паралелно се одвива по три линии. Првата е отселувањето на луѓе од земјата во странство, втората е напуштањето на руралните средини и преселба во градовите и третата е преселбата од внатрешноста на земјата во Скопје. Верувам дека секој што возел по улиците на Скопје последниве години можел да забележи значително зголемен број на регистарски таблички на возила што не се од Скопје. Исто така, може многу почесто да се слушне жаргон што не е скопски. Јасно е дека во потрагата по парче леб и со рационално очекување дека можностите да се најде работа во Скопје се многу поголеми одошто во внатрешноста на земјата, многумина се преселија во главниот град. Показател за тие движења е и големиот пораст на изградбата на нови станови во Скопје. Во периодот 2010 – 2016 година, во Република Македонија е завршена изградбата на вкупно 13.333 станови, од кои речиси две третини (8.450) се станови изградени во Скопје. Економската логика кажува дека толку станови не би се изградиле доколку не постоела зголемена побарувачка за нив. Ваквите миграциски процеси се во линија со некои глобални трендови и проценките на Светскиот економски форум се дека до 2025 година 60% од населението во светот ќе живее во град. Тоа ќе значи опасност од пренатрупаност, недостаток на соодветна комунална инфраструктура, загаденост на воздухот итн. Истовремено, тоа ќе значи потреба од многу поефикасно користење на ресурсите од страна на локалните власти. Затоа, во иднина, локалните власти во Македонија ќе мора да обрнат многу поголемо внимание на решенијата што ги нудат глобалните трендови и да бараат начини за нивна имплементација кај нас.

Во вакви околности, кога веќе кај нас не се разговара многу за она што е актуелно во светот во поглед на локалната самоуправа, тогаш да бидам и јас практичен. Еве два мали предлози за градските власти во Скопје, коишто ќе го олеснат животот на неговите жители, лесно можат да се реализираат и не бараат пари. Станува збор за подобрување на ефикасноста на јавниот превоз. Прво, можат ли сите оние што професионално се занимаат со меѓуградски превоз на патници со автобуси, комбиња и слично до и од Скопје, тоа да не го прават низ (центарот на) градот, туку преку строго утврдени траси преку обиколницата и најкусиот пат од таму до Транспортниот центар кај Железничка станица и обратно. Второ, може ли привилегијата за бесплатно користење на градскиот автобуски превоз во Скопје да не важи во периодот од 06:30 до 09:30 и од 14:00 до 17:30 часот, во времето кога најголемиот дел од вработените и учениците одат и се враќаат од работа или училиште? Со тоа, во критичните периоди во текот на денот ќе се намалат гужвите во автобусите, автобускиот сообраќај ќе се одвива побрзо, навремено и со помалку турканици, и тој ќе стане попривлечен за многумина што моментно користат автомобили. Со реализацијата на овие два предлози ќе се намалат гужвите во сообраќајот, тој ќе биде поефикасен и ќе се намали загаденоста на воздухот.

Да резимирам, набљудувано во целина, кога станува збор за иднината и начинот на функционирање на локалните самоуправи во Македонија, јас сум оптимист. Со текот на времето расте сензибилитетот кај граѓаните и перцепцијата дека главната тема на локалните избори треба да биде квалитетот на животот, а не нешто друго. И, ваквата перцепција ќе биде сѐ помалку политички партиска, а сѐ повеќе граѓански консензуална.

ПРЕПОРАЧАНО