Интервјуа

Кујунџиев: Инвестиции и примена на највисоки деловни стандарди се нашиот рецепт за успех

Герасим Кујунџиев

Прв генерален директор на ЕУРОНИКЕЛ Индустри ДОО – Кавадарци

Производството на никел во последниве три години со Еуроникел Индустри доби позитивни вредности и нови перспективи. Какви резултати се постигнати во изминатите три години од 2019 година откако е основана компанијата?

Имавме години на предизвици, на несигурен пазар, на преструктуирање, на раст, на подигнување на стандардите. Оваа индустрија е специфична по многу нешта, пазарот е непредвидлив и налага компанијата да има доволно средства и мудро да раководи со финансиите за да опстане во таква констелација. Но во оваа компанија имаме сите големо искуство, ја познаваме тематиката од корен и точно знаеме да направиме проценка. Тука знаењето и искуството, аналитиката се пресудни. Само за пример, производството на никел во 2017 година во комбинатот било околу 7 илјади тони, денес во 2021 е речиси 20 илјади тони. Тоа е голема разлика и е производ на пожртвуваната работа, одлична селекција на партнери и постигната висока репутација на пазарот на никел. Нашиот производ, никел во форма на фероникел е производ наменет за најголемите производители на челик во Европа, Азија и Америка. Така, уште во првата 2019 година станавме четврти најголем извозник во државата и деветта компанија по вредност во остварени приходи во земјата со 169,5 милиони евра, а веќе во 2020год. нашите приходи дополнително се зголемија на 190 милиони евра. И овие вредности континуирано растат.

Еуроникел Индустри откако се покажа како единствена успешно спроведена реорганизација, уште успеа за кратко време да се зацврсти и како голема, брзодвижечка и меѓународна компанија. Што придонесе за ваков брз раст и развој?

Инвестициите се клучни во развојот на секоја компанија, а посебно компанија што работи во секторот на металската индустрија. Досега се инвестирани околу 120 милиони евра. Над 15 милиони евра беа инвестирани во рестартирање на втората печка со што значително се зголеми производството на фероникел. Минатата, КОВИД година направивме дополнителна инвестиција од 5 милиони евра во реконструкција на сетот лепол-решетка и првата рото-печка, како и дополнителни средства за набавка на нова опрема и други помошни машини. Само за две години инвестиравме 30 милиони евра во процесот на производство. Без инвестиции нема напредок, а производството ќе биде на граница на исплатливост, со што се доведува во прашање и конкурентноста и опстанокот на компанијата. При преземањето на фабриката имаше технологија каде немаше никакви инвестиции со години и тоа за нас беше вистински предизвик, како да се доведе фабриката на ниво да се натпреварува на меѓународниот пазар. Инвестициите што ги споменав и соодветното менаџирање, се дел од стратегијата и на нашите две подружници: Нова Инженеринг - наменета за проектен инженеринг во делот на металната индустрија со оглед на големата потреба од постојано следење на новитетите во овој сегмент, но и уникатноста на машинско-браварските услуги што ги нуди, а се дефицитарни во целиот регион, како и Нова Рефрактори, што се занимава со производство на огноотпорни материјали, кои се неопходни за производниот процес во Еуроникел, но исто така пробива и нови пазари на локално и меѓународно ниво. Во основа, нашата индустрија е комплексна и треба внимателно да се следи секоја промена, за да бидете во чекор со промените. Тоа е случај со Еуроникел, ги имаме највисоките стандарди, со најдобрата технологија и континуирани инвестиции, поради што имаме и таков раст.

Голем дел од вашата работа е во соработка со локалните компании, во кој степен и на кое ниво се одвива оваа соработка и што е важно за Еуроникел Индустри при оваа соработка?

Имаме голем број добавувачи и соработници. Нашата база на домашни добавувачи брои повеќе од 1000 фирми. Тоа се мали, средни, но и големи претпријатија, кои најголем дел од својот приход го остваруваат од соработката со нас и практично нивното работење директно зависи од нашето работење. Како пример ќе ги наведам кипер транспортерите, кои буквално се оформија и егзистираат од работењето на Еуроникел. Всушност најголемиот придонес кон домашната економија е токму таа додадена вредност што ја креираме. За нас е важно да се задржи еден партнерски однос, да бидеме сигурни дека таа соработка е корисна за двете страни и тоа е дел од додадената вредност. Во дадениот пример со транспортерите, тоа се буквално дополнителни 200 работни места што ние ги генерираме. А ќе се навратам колку беше тешко на почеток да се врати довербата, бидејќи разочарувањето во стечајната постапка беше огромно на сите страни, а под закана беше и егзистенцијата на бројни компании. И повеќе од јасно е, сте работеле со години, а некој не ве плаќал. Некои луѓе имаа хипотеки на станови, на куќи за да расте бизнисот, а не можеа да ги вратат кредитите. Се најдовме во ситуација полека од почеток да градиме доверба, да почнеме од нула. Не е лесно да ги слушате личните приказни кои беа тешки, но затоа денеска со сите добавувачи градиме долгорочни партнерски односи. Токму затоа не може да гледате на Еуроникел како една компанија од 1000 вработени, зашто реално е економски двигател. Покрај значајното учество во во БДП-то, Еуроникел е придвижувач на економските текови на земјата со ангажирање на голем број добавувачи, кои растат и се развиваат заедно со нас како компанија.

Работата во специфична индустрија и тоа на глобалните пазари подразбира примена и на високи стандарди, технолошки производствени, еколошки, дали и што се применува од ова кај нас? Колку од вашата работа е подложна на овие стандарди и регулативи?

Еуроникел Индустри во целост го извезува своето производство на меѓународните пазари. Покрај нашите законски обврски, но и стратешки и етички заложби, како извозник, ние сме предмет на бројни критериуми што мора да ги исполниме за да може да го пласираме својот производ во странство, како и да ги исполниме законските и општествените норми кон средината и заедницата во која работиме. Во таа насока, Еуроникел е сертифициран со ИСО 9001, меѓународниот стандард за квалитет, ИСО 14001 за Животна Средина и ИСО 45001 за Безбедност и Здравје при Работа. Нашите производи, никел во форма на фероникел, железо и конверторска згура, се сертифицирани со REACH сертификатот за безбедност на производите, без кој ние не би можеле да извезуваме во европските земји. Ние сме исто така една од малкуте големи компании што поседуваат А- интегрирана еколошка дозвола. Покрај сите овие законски, но и дополнителни обврски што сами ги превземаме во насока на одговорен и одржлив развој, нашите клиенти кои се истакнати меѓународни конгломерати, имаат строги правила за тоа кого прифаќаат како добавувач, при што се прават детални анализи на потенцијалниот добавувач, од заштита на човекови права, до заштита на животна средина. Фактот дека сме ги исполниле условите на нашите клиенти, најмногу кажува за нивото што сме го достигнале. Колку за илустрација, имаме строги интерни процедури за проверка на суровините, процесите, што е исклучително важно за нас од повеќе аспекти. На пример, колку поквалитени суровини користиме, толку подобри се нормите, производниот трошок, ефикасноста на системот, како и финалниот производ. Едноставно кажано, што ќе ставите во печката, тоа и ќе извадите, а нашиот никел, неговиот квалитет, е нашиот амбасадор низ светот. Во текот на мојата кариера сум имал можност и привилегија да посетам, па дури и да работам во други фабрики за никел, од Канада до Индонезија и без никаква скромност може да кажам дека Еуроникел е компанија што е пример за фабрика од ваков вид и речиси беспрекорна „машина” за производство на фероникел. Имаме стандарди кои се на врвот во индустријата и тие ги применуваме.

Со приближно 1000 вработени Еуроникел Индустри е еден од најголемите работодавачи во државата, сите вработени од пред стечајот и постојано барате нови. Дали се соочувате со недостаток на специфично профилирани кадри и што се прави на тоа поле?

Има недостаток на работници секаде во земјава, што претежно се должи на миграцијата на голем број лица, особено млади, во западните земји, што пак резултира во недостаток на кадри. Сведоци сме на сè помал број ученици и студенти во сегментот на технички науки, бидејќи општествените науки станаа интересни за поголем број млади, а оние заинтересирани за техника најмногу се ориентирани кон информатичките технологии, на штета на класичните технички науки. Во еден таков дисбаланс, генерално тешко се наоѓаат нови работници, иако би рекол дека Еуроникел сеуште е исклучок бидејќи нудиме атрактивни пакети за вработување, заради што сме еден од најпретпочитаните работодавачи. Дополнително, вложуваме во средните и високите технички училишта, каде младите може да се запознаат со процесот на производство и можностите да се развиваат во една ваква компанија. Еуроникел е компанија каде просечната нето плата во текот на оваа 2021 година е 600 евра во денарска противвредност, и претставува една од највисоките во државата во ваков тип индустрија, заради што сме посакувана компанија, каде младите посебно од кавадаречкиот регион сакаат да работат, бидејќи гледаат дека како расте компанијата, така растат и можностите. Покрај платежниот сегмент, водиме сметка и за севкупните работни услови на вработените, а во таа насока имаме постојана комуникација и со Синдикатот каде се решаваат сите прашања и се наоѓаат начини постојано да се подобрува ситуацијата со вработените кои имаат низа бенифити. Како резултат на таа комуникација неодамна го потпишавме и колективниот договор со Синдикалната организација, со кој се дефинирани дополнителни права и бенефиции за вработените. Најважно од сè е што ние оваа компанија ја гледаме како наш дом, живееме од неа, сакаме да успееме бидејќи 1000 семејства и речиси уште 4000 на нашите добавувачи зависат од неа. Всушност луѓето ни се најважната алка во целиот процес, највредниот капитал. Тоа е столбот на кој се темели нашиот успех. Заедно направивме многу овие изминати три години, работиме и се надеваме дека уште поголеми успеси ни престојат во иднина.

Општествениот ангажман и одговорните практики заземаат голем дел од стратегијата и воопшто оперативноста на Еуроникел Индустри, а локалната заедници има високо место во оваа агенда. Во кои сегменти најмногу ја лоцирате вашата помош и општествената одговорност?

Наша стратешка определба и убедување е дека ние сме дел од заедницата во која работиме, добиваме од заедницата и треба да возвратиме. Поради тоа сме проактивни во овој сегмент и ние самите креираме програми каде може да помогнеме и сметаме дека треба помош. Ја споменавме нашата соработка со средните технички училишта со овозможување практична настава, што е наш придонес кон образованието, а исто така доделуваме стипендии за студенти на металуршкиот факултет. Успеавме да останеме доследни и во спортот со продолжување на поддршката на локалниот кошаркарски клуб „Еуроникел 2005“ што минатата сезона ја достигна втората позиција на национално ниво. Нашиот кошаркарски вицешампион е дел од многу меѓународни натпревари и е локална и национална гордост во кошарката.
Некогаш помошта пак е иницирана од моменталната потреба. Минатата година соочени со КОВИД кризата имавме постојани донации во делот на здравството. Ги детектиравме проблемите и помагавме на здравствениот сектор со донации за полесно справување со кризата. КОВИД кризата покажа дека стопанството е одговорен чинител во државата и знае да одговори на потребите брзо и соодветно. Имавме низа активности во село Возарци, каде вложуваме за подобрување на условите во училиштето, но вложуваме доста и во делот за подобра состојба на ранливите групи, како што се децата со посебни потреби и оние кои се во социјален ризик.
Соработуваме и поддржуваме голем број настани и манифестации кои се одржуваат долги години во овој регион бидејќи ние сме белег на овој регион и мора да оставиме белег со нашето општествено дејсвување, но и пример за другите, колку интеграцијата во општеството е битна за взаемен успех.

Покрај одговорноста кон заедницата, еднакво внимание се посветува и на еколошката свесност, колку и што се вложува во заштита на заедницата и дали тоа подразбира промени во самите производствени процедури?

Исполнувањето на еколошките стандарди за нас се конкурентна потреба, а не само следење на стандарди или исполнување норма пропишана од државата. Иако имаме А интегрирана еколошката дозвола, со нашите активности имаме двојна контрола затоа што сакаме да бидеме сигурни дека нашето влијание врз животната средина е минимално. Кога работите во секторот на тешката индустрија, за жал по дифолт добивате епитет на загадувач, но континуираниот мониторинг во фабриката и околината покажуваат дека вложувањето во висока технологија дава соодветни резултати, па нескромно ќе кажам дека всушност имаме далеку подобар квалитет на воздух, вода, почва од многу населени места. Покрај реактивниот пристап со филтер технологии, проактивниот пристап кон животната средина е уште поважен, па така имаме технологија за користење на алтернативни биогорива како замена за класичните фосилни горива и енергенси. Овој процес за нас е значаен бидејќи ги штедиме природните ресурси, а максимално ги намалуваме емисиите, кои се далеку под дозволените вредности. Исто така, во блиска иднина имаме големи развојни планови во сегментот на обновливи извори на енергија. Но дури и при користење класични горива како мазут, најважна е технологијата на согорување. Не може да споредувате домаќинство што користи мазут за греење каде горивото се согорува на ниски и несоодветни температури и фабрика со температури на согорување од 1000оС, при што има целосно согорување. Исто така, спротивно од општото мислење, споменав и претходно, квалитетот на суровините што ги користиме за нас е исклучително важен, бидејќи поквалитетни суровини значат поефикасен и поекономичен процес, а секако и поквалитетен производ. Токму затоа, иако немаме законска обврска, правиме постојана контрола на квалитетот на мазут и други суровини од нашите добавувачи со сопствени анализи, како и контролни анализи во акредитирани лаборатории. Затоа сме сигурни дека имаме беспрекорен процес со исполнување на сите еколошки стандарди. А користењето на алтернативните горива коишто се далеку подобра еколошка варијанта и поевтин енергенс, ни дава можности да ги заштедиме природните ресурси во насока на одржлив развој на компанијата.

Примерот како Фени Индустри помина низ стечај и преку реорганизацијата дојде до денешен Еуроникел Индустри е нетипичен и единствен по многу нешта, што го издвојува за ретко успешна и брза стечајна постапка. Што доведе и како се стигна до денешниот статус? Постои ли модел што може да се примени и на други компании?

Не сум експерт за стечај за да дадам оценка дали може да се примени на други компании нашиот пример, но може да кажам дека сме прв случај на ваков комплексен проблем да се најде позитивно решение. Но за да го постигнете овој успех треба да имате финансиски силен инвеститор што има знаење и ресурси да управува со ваква фабрика. Случајот со стечајот не беше воопшто лесен бидејќи бараше почетна инвестиција од над 80 милиони евра за да се покријат старите долгови на Фени и да се успее да се рестартира производството. Проблем беше и повеќемесечното неработење на печката што го доведе во опасност и рестартирањето на производниот процес. На една страна ги имате работниците кои не земале плата, кои немаа огревно дрво за кое платиле преку Синдикатот и парите некаде исчезнале, кои беа под страшен финансиски притисок, а на друга страна сите добавувачи кои немаа доверба дека нешто ќе се среди и на кои исто така им се закануваше колапс заради ненаплатени побарувања. Националниот банкарски систем исто така беше под сериозна закана, заради огромни долгови кон најголемите банки. Сите овие долгови беа исплатени од страна на нашите инвеститори, фабриката спасена, како и бројни вработени и илјадници фирми. Следеше долг процес на воспоставување доверба, на рестарт на производството во услови кога цената на никелот на светски берзи не беше поволна. Но нашата упорност, мудро планирање и се разбира искуството во овој сегмент нè доведе до сосем друга позиција после три години. Нема магично стапче за решавање на сите стечаи, но ако имате финансиски средства и јасен план, успехот е неминовен. Во оваа индустрија треба да имате финансии и во моментите кога работите не одат добро на берза, треба да имате поддршка, а ние покажавме дека сме тука и кога расте добивката, но и кога воопшто нема добивка. Покажавме дека сме стабилни партнери, транспарентни во јавноста со јасна цел да бидеме регионален пример за успешена и одговорна компанија.

Според она што вие го работите, и со домашни и со странски компании, каква бизнис клима е потребна во Македонија за раст и развој на компаниите? Што е потребно да ги поттикне инвестициите во развој?

Бизнис климата ја правиме сите чинители на пазарот. Тоа е променлива категорија во зависност од случувањата на глобално и на локално ниво. Северна Македонија е земја каде има силни македонски и странски компании со голем потенцијал, како што е на пример Еуроникел. Подобрена е патната инфраструктура, но има уште многу што недостига во железничката инфраструктура, енергетската итн., а е исклучително важно за конкурентноста на компаниите - извозници на меѓународно ниво. Гасификацијата е уште еден економско-еколошки и енергетски проблем. Од една страна се наметнуваат еколошки такси, од друга немаме пристап кон алтернативни горива. Исти услови за сите на пазарот со јасни и брзи процедури и стабилен правен систем е уште еден предуслов. Секој инвеститор сака деловна средина каде ги знае јасно правилата на игра и тие ги следи, а не брзи и неиздржани законски решенија што ги обесхрабруваат и постоечките инвеститори, како и потенцијалните. Институционалната подршка е уште еден суштински важен елемент за инвеститорите. Компаниите не можат да ги реализираат развојните програми, ниту ефикасно да ги решаваат тековните проблеми без соодветна подршка од институциите.

Работа на глобални пазари, поддржувач на локална економија, голем број вработените, општествено одговорна и свесна компанија, колкаво е всушност значењето на Еуроникел Индустри за вработените, за заедницата но и за државата?

Доста големо. Работата на Еуроникел Индустри има директен удел во домашниот бруто производ кој е нешто повеќе од 2%, што е исклучителна бројка за еден субјект. Вработуваме и соработуваме со голем број поединци и фирми кои зависат исклучиво од успешното работење на компанијата. Како целосно извозно ориентирана компанија, со производ со исклучително голема додадена вредност, што е најважниот придонес кон домашната економија, со нашата работа и резултатите што ги остваруваме, придонесуваме и влијаеме за економските показатели на државно ниво. Во само три години успевме да се искачиме на врвот на листите на најголеми компании, најуспешни, најголеми извозници, најпретпочитан работодавач, најголеми и најредовни даночни обврзници, а со сето ова, всушност еден од најголемите и најзначајните чинители на економијата и општеството.


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано