Вести

Само со воведување на светски стандарди може да се спасат лозарството и винарството во земјава

Кирко Бошкоски

Авторот е економист

Кој е кој во...  винската индустрија во Македонија – топ 20 компании за производство на вино во земјава

Македонското вино е познато и признато насекаде во светот. Нашата земја е голем извозник на вино, како наливно така и во амбалажа, а македонските винарии се ориентирани кон извоз. Според податоците од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, во 2020 година се произведени скоро 91 милиони литри вино од кои 40 % биле произведени како вино во шишиња, а 60 % како наливно вино. Од нив околу 85 % било за извоз, а 15 % за домашниот пазар. Најмногу флаширано вино во 2020 година сме извезле во соседна Србија, 4,6 милиони литри, додека нашето наливно вино во 2020 година најмногу го пиеле Германците, 18,1 милиони литри.

С. Македонија е поделена на три главни вински региони: централен вински регион, долина на реката Вардар, западен вински регион, Пелагонија-Полог и источен вински регион, Пчиња-Осогово. Нашата земја е дел од балканскиот вински регион кој со скоро 1,8 милиони тони вино годишно е на 5-то место во светот, веднаш зад најголемите земји производители на вино - Италија, Франција, Шпанија и САД.

Винската индустрија кај нас е една од индустриите кои претрпеа огромни штети поради Ковид-19. Според податоците на „Вина од Македонија“ (ВОМ), во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, кризата од Ковид-19 предизвика пад на продажбата на вино на домашен пазар и до 80 %, пред сѐ, поради намалениот промет во угостителскиот и туристичкиот сектор, каде што се остварува најголем дел од потрошувачката на вино.
Во продолжение низ бројки ќе видиме какви беа движењата во индустријата за производство на вино минатата година.



Индустријата за производство на вино лани ја сочинуваа вкупно 85 винарии, покажуваат податоците од БизнисМрежа.мк. Според големината, 51 се микрокомпании, мали компании се 19, компании со средна големина се 10, а големи компании се 5. Според застапеноста по градови, најмногу винарии има во Скопје, вкупно 25. Потоа следуваат Кавадарци со 15 и Неготино со 11. Во Гевгелија и Штип има по 5 винарии, во Велес 4 итн.

Најголемите 20 македонски винарии лани заедно реализирале вкупни приходи од 4,5 милијарди денари или околу 73,9 милиони евра, што е за околу 4,1 милиони евра помалку во однос на 2020 година. Од овие 20 компании, единаесет лани имале помали приходи во однос на претходната година при што намалувањето изнесувало од 6.1 % до 70.8%. Другите девет компании покажале раст на приходите кој се движел од 4,25 % до фантастични 1872 % кај една од компаниите. Во овие компании лани имало вработено вкупно 986 лица, 11 повеќе од претходната година.

Доколку рангирањето се прави според индикаторот добивка, тогаш првите 20 компании заедно имале профит од 230,4 милион денари (или околу 3,7 милиони евра) во споредба со 323,3 милиони денари една година претходно (околу 5,2 милион евра), што е намалување за околу 1,5 милиони евра. Од овие 20 најпрофитабилни винарии, лани 9 имале зголемување на профитот. Останатите 10 компании имале намалена добивка во 2020 година во однос на 2019 година. Тоа намалување се движело од 0,64 % до 93,63 %. За една компанија немаме податок за 2019 година. Во најпрофитабилните 20 компании лани биле вработени 870 лица, 31 повеќе од претходната година.
Доколку, пак, како основа се земе индикаторот број на вработени, тогаш сликата е следна: во топ 20-те компании лани биле вработени вкупно 989 лица, за 9 повеќе од претходната година. Притоа кај девет од нив имало намалување на бројот на вработени (од 2 % до 19.9 %), а кај пет имало зголемување на вработените од 11.2 % до 109 %. Во 6 компании бројот на вработени останал ист.

Каква е состојбата на ниво на поединечни фирми?
Според сите три индикатори (приходи, добивка и број на вработени), водечка е Винарската визба Тиквеш од Кавадарци, која уште од 1885 година е симболот на винската традиција во земјава. Од вкупните приходи на првите дваесет компании во 2020 година, една третина или 34,2 % припаѓаат на оваа винарија. Таа лани остварила вкупни приходи од 1,55 милијарди денари или околу 25,3 милиони евра, што во однос на претходната година кога вкупните приходи изнесувале 1,78 милијарди денари (29 милиони евра) е намалување за 12,7 %. Намалените приходи резултираа и со намалена добивка, Имено, оваа винарија лани оствари добивка од 67,6 милиони денари или околу 1,1 милион евра што споредено со 2019 година е намалување од дури 59,3 %. Исто така лани компанијата го намали и бројот на вработени за 3 % отсто (од 198 на 192). Но и покрај тоа оваа винарија е нашиот најголем работодавач во оваа индустрија. Намалените вредности на трите анализирани показатели кај оваа компанија не се изненадување ако се земе предвид нејзиниот профил на извозник во услови кога во 2020 година светот беше погоден од пандемија која резултираше со ограничено движење на населението и жестоко ги погоди туризмот и угостителството.


Натамошно зголемување на производството и на пласманот ќе имаат само оние кои мудро го искористија овој период

Радош Вукиќевиќ, генерален директор на Винарска визба „Тиквеш“

Во текот на оваа година, винската индустрија почна да заздравува од шокот предизвикан од ограничувањата што ги наметна пандемијата. Сепак, анализите покажуваат дека опоравувањето ќе трае подолго отколку што се очекуваше поради сериозната дисторзија во синџирите на производство, дистрибуција и продажба предизвикани од долготрајното затворање на големите пазари за вино како што се Велика Британија и Германија.
Сепак, доколку кризата се гледа и како можност, тогаш дефинитивно оваа криза покажа дека квалитетното вино е производ со кој ние како земја можеме да се натпреваруваме во светски рамки и затоа оваа индустрија заслужува соодветен третман и поддршка од страна на креаторите на економските политики.
Натамошно зголемување на производството и на пласманот ќе имаат само оние кои мудро го искористија овој период. И покрај големите предизвици и намалената побарувачка, „Тиквеш“ не само што не престана со инвестициите туку и ги зголеми и ги насочи кон оние сегменти кои долгорочно ќе го зголемат нашиот извозен потенцијал и ќе ја зацврстат нашата лидерска позиција на пазарот. И во текот на годинешната берба останавме доследни на својата стратешка определба за градење цврсти, партнерски односи и соработка со лозарите, од што очекуваме долгорочно и стабилно снабдување со квалитетно грозје како основа за производство на врвни вина. Паралелно вложуваме и во спроведување на ЕСГ-стандардите (економски, социјални и стандарди на добро управување) кои ќе ни го обезбедат статусот на прва зелена винарница во регионот и ќе гарантираат одржливост на очекуваниот раст на компанијата.


Втора според приходите, а и според остварената добивка лани беше РИГО ИМПЕКС ДОО Скопје. Оваа компанија во 2020 година оствари вкупни приходи од 352,5 милиони денари или пад од 6,1 % и добивка од 37 милиони денари, што е зголемување за 35,2% во однос на претходната година. Во оваа компанија лани биле вработени 79 лица, 8 повеќе во однос на претходната година.

Според остварените приходи лани, во првите пет компании се и ИМАКО ВИНО ЕКСКЛУЗИВ ДОО Штип која лани прикажа вкупни приходи од 328.7 милиони денари (околу 5,3 милиони евра, раст од 4,25 %), ВИНАРИЈА СТОБИ ДООЕЛ Градско со приходи од 294,8 милион денари (околу 4,8 милиони евра, и намалување од 16,15 % во однос на 2020 година), како и ВИЗБА-ВАЛАНДОВО ДООЕЛ Штип која лани имаше вкупни приходи во износ од 257,1 милиони денари (околу 4,1 милион евра, намалување од 26,5 %).

Според индикаторот добивка, по Тиквеш и РИГО ИМПЕКС на трето место со најголема остварена добивка лани беше винаријата ЕЗИМИТ ДООЕЛ Штип која имаше профит од 32,9 милиони денари или 535,5 милиони евра. Нивната добивка во однос на 2019 година пораснала за фантастични 455,8 %. Во истиот период приходите на оваа винарија биле 224,3 милиони денари (3,6 милиони евра – за 18,54 % повеќе од претходната година). Овие резултати се постигнати со вкупно 36 вработени лани, за 4 повеќе во однос на 2019 година.



На четврто место според добивката е Винарската визба Милев ГД ТИКВЕШ ДООЕЛ Кавадарци која лани оствари профит од 483,4 илјади евра, скоро дупло или 97,7% повеќе од претходната година. Во оваа винарија лани како и претходната година биле вработени 24 лица, ИМАКО ВИНО ЕКСКЛУЗИВ ДОО Штип е на петтото место според добивката. Оваа компанија лани имаше профит од 304,1 илјади евра, за 24,5 % помалку во однос на 2019 година, додока бројот на вработени се зголемил за 12,96 % (од 54 на 61 лице).

Ако го погледнеме индикаторот број на вработени, во првите пет најголеми винарии работат повеќе од половина од вработените во топ 20. Како што видовме погоре Тиквеш е најголемата винарија според бројот на вработени. По неа следуваат ВИЗБА-ВАЛАНДОВО ДООЕЛ Штип со 103 вработени лица во 2020 година, 13,45 % или 16 лица помалку во однос на 2019 година. На трето место е СТРУМИЧКО ПОЛЕ с.Василево каде во 2020 година работеле 86 лица, 8 помалку во однос на 2019 година. Во топ 5 е уште и ВИНАРИЈА СКОВИН ГРУПА ДООЕЛ Скопје. Тие во 2020 година повеќе од дупло го зголемиле бројот на вработени, од 33 на 69. Покрај тоа оваа винарија во 2020 година се чини се враќа на старите патеки. Имено, таа е винаријата со раст на приходите од фантастични 1872 % и раст на добивката од неверојатни околу 16670 %.

Анализите за оваа година допрва ќе се прават, но од тоа колку ќе трае корона кризата се чини најмногу ќе зависи во кој правец ќе се движи винската индустрија. Но и покрај тоа, како што неодамна се констатира во најновата анализа на состојбата на лозовите насади во тиквешкото виногорје што ја направи Земјоделскиот институт при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, затоа што не се применуваат соодветни агротехнички мерки и стандарди, дел од лозовите насади од сортите вранец и смедеревка во тиквешкиот регион се оптоварени со род. Заради тоа за да се произведе грозје со потребниот висок квалитет, неопходно е да се напуштат досегашните практики за зголемување на родноста и тежината на грозјето и задолжително да се воведат современи стандарди и агротехнички мерки со кои ќе се ограничи родот до потребното ниво, што е пракса во сите светски вински региони каде се произведуваат грозје и вина со премиум квалитет.


(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2021г.)
(Извор на податоци: www.biznismreza.mk)

 

ПРЕПОРАЧАНО