Вести

АНАЛИЗА: Континуитет во дефицитот на платниот биланс

26.06.2022г.

Отвореноста на државата кон остатокот од светот е во тесна корелација со платниот биланс. Односно, платниот биланс ги прикажува трансакциите на резиденти кон нерезиденти и се состои од тековна, капитална и финансиска сметка. Македонската економија со оглед на тоа што е увозно зависна, разбирливо е што бележиме дефицити во платниот биланс. Притоа, општиот заклучок е дека дефицитот е креиран пред се како резултат на дефицитот во тековната сметка, во помала мера на финансиската сметка, а кај капиталната сметка евидентирани се незначителни суфицити.


Извор НБРМС. Износите се прикажани во милиони ЕУР

       1. Тековната сметка е единствена која во сите изминати 5 години бележи континуиран дефицит. Притоа најголем дефицит е остварен во 2021 година, додека најниска вредност имал во 2018 година. Од 2017 до 2019 година дефицитот е проследен со пораст на обемот на трговија, а пресвртот настанал во 2020 година, кога обемот на трговија контрахирал(поради добро познати причини предизвикани од ковид пандемијата) кога скоро сите ставки се намалија во обем од скоро 10%. Во 2021 година забележан е енормен пораст во обемот од над 25%, со што се создал дефицит на тековната сметка од 415 милиони ЕУР. Главниот причинител за дефицитот во платниот биланс е големиот увоз на стоки кој континуирано се зголемува и постои опасност државата да биде во висока мера зависна од увоз. 2.3 милијарди ЕУР е дефицитот во трговијата со стоки. Ваквите бројки треба да бидат водилка за креаторите на бизнис политиките и на правилен начин да го насочат слободниот капитал кон создавање реални добра, кои ќе ја”хранат” домашната побарувачка. Од друга страна балансот во тековната сметка го одржува суфицитот кај услугите кој во 2021 година достигна ниво од скоро 500 милиони ЕУР.


      2. Капиталната сметка полека се сведува на “небитен” елемент, кога ќе ја споредиме според големината на апсолутната вредност. Она што треба да се напомене е дека во континуитет се намалуваа капиталните приливи, а од друга страна во 2021 година забележан е повисок капитален одлив, што доведе до тоа 2021 година за се заокружи со 1.7 милиони ЕУР суфицит.

      3. При анализа на Финансиска сметка, треба да се напомене дека негативниот знак кај директните инвестиции значи нивно зголемување, додека кај девизните резерви негативниот знак означува нивно намалување. Притоа може да се заклучи дека директините инвестиции биле најголеми во 2018 година, по што следеле 2 години на големо опаѓање, за повторно во 2021 година да евидентираме нагорен пораст. Она што е интересно е дека девизните резерви покажуваат одредено ниво на конвергенција(следење на трендот) со директните инвестиции. Освен дефицитот на девизните резерви во 2017 година, понатаму, редовно, оваа ставка е со позитивен предзнак.

Според податоците на НБРСМ за првиот квартал од 2022 година, во тековните трансакции со странство остварен е дефицит од 392,4 милиони евра. Во споредба со првиот квартал од минатата година, дефицитот во тековната сметка е зголемен за 339,5 милиони евра, што се должи на повисокиот дефицит во стоковната размена (за 340 милиони евра),
Во првиот квартал од 2022 година, кај финансиските трансакции со нерезидентите се остварени нето-приливи од 383,5 милион евра. Нето-приливи се остварени кај директните инвестиции (100,2 милиона евра) и трговските кредити (12,8 милиона евра), додека нето одливи се забележани кај заемите (54,7 милиони евра), портфолио-инвестициите (25,8 милиони евра) и валутите и депозитите (23,2 милиона евра). Од друга страна, девизните резерви се намалени за 373,5 милиони евра.

Теоретски гледано, доколку една земја евидентира дефицит на тековната сметка тоа значи дека извозот на стоки и услуги не е доволен да го плати увозот на стоки и услуги. Ваквата разлика треба да се надополни или со позајмување во странство или да продаде дел од својот имот на странци. Пребиени, овие две ставки би требало да ја израмнат сметката на билансот, меѓутоа најчесто тоа не е така. Гапот помеѓу овие две категории се корегира преку девизните резерви. Кога ќе се разбере ваквата корелација многу појасно ќе може да се разбере политиката на девизен курс и одредбите на НБРСМ за негова фиксираност.


(Редакција Е&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО