Перспектива

Јовановски: Што се тоа стратешки инвестиции?

Зоран Јовановски

од печатеното издание на Економија и бизнис, јули/август 2022г.

Во светот се води битка за инвестиции. Битка за домашни инвестиции со користење разни стимулативни мерки што ќе ги поттикнат постојните компании да инвестираат. Битка за странски директни инвестиции со мерки за привлекување на странски компании, големи и мали, познати и непознати, само да ја одберат конкретната земја и во неа да инвестираат.
Причината е сосема јасна. Инвестициите обично значат набавка и користење на нова опрема, машини, технологија. Секое работно место што е создадено преку реализација на некаква инвестиција е работно место што има најголеми шанси да опстане на подолг рок. Така се засилуваат економскиот раст и развој и се прават долгорочно одржливи.
Познато е дека користа од инвестициите не се исцрпува само преку отворање нови работни места. Со инвестициите, особено странските, се пренесува знаење, се развиваат професионални вештини, постојната работна сила во земјата се усовршува преку работење таму каде што е инвестирано и на тој начин станува конкурентна и во меѓународни услови.
Но, не се сите инвестиции исти по своето значење. Постојат инвестиции што се означени како стратешки. Прашањето е кои се тие инвестиции и како можат да го стекнат статусот на стратешки инвестиции.

Законска рамка за стратешки инвестиции во земјава
Стратешките инвестиции во земјава се уредени со посебен закон, „Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија“, прогласен со указ на македонското собрание на 16 јануари 2020 година. Законот посочува дека со него се уредуваат критериумите, условите и постапката за пријавување, утврдување на статус, избор, подготовка и реализација на инвестициски проекти од највисок стратешки приоритет за државава. Важно е да се истакне дека законот се заснова на принципите на недискриминација, слободно движење на стоки, услуги и капитал, транспарентност.
За еден проект да се третира како стратешки инвестициски проект, потребно е да исполнува една или повеќе од целите дефинирани во законот како што се: зголемување на економскиот раст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските можности на земјава, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит на земјава, подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните на земјава.
Стратешки инвестициски проект треба да биде инвестиција од најмалку 100 милиони евра и да се реализира на територијата на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и градот Скопје или да биде инвестиција од најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
Но, за стратешки инвестициски проект не мора да биде инвеститорот исклучиво приватен субјект. Проектот може да биде приватен, јавно-приватен или целосно јавен проект. Така, тоа може да биде и проект кој се реализира во рамките на договори меѓу земји, проекти финансирани од ЕУ или меѓународни финансиски институции, а во кои носител на инвестицијата е орган на државна управа, јавно претпријатие основано од државата или општините, трговско друштво во сопственост на државава, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје и други правни лица чиј основач е нашата држава или општините.
Големата важност на стратешките инвестициски проекти се гледа и во тоа што законот посочува дека нивната реализација е јавен интерес. Дополнително, конкретниот закон дефинира и одредени услови што треба да ги задоволува стратешкиот инвестициски проект, и тоа кумулативно, а дефинира и во кои области еден проект може да добие статус на стратешки инвестиски проект.
Условите што треба да се исполнат кумулативно опфаќаат обврска стратешките инвестициски проекти да бидат во согласност со Уставот, законите и обврските од меѓународни договори, да се усогласени со стратешките приоритети на македонската влада и да се усогласени со стандардите за животна средина.
Законот дефинира и редица области, вкупно 13, во кои би можела да биде стратешката инвестиција. Тука спаѓаат инвестиции во индустриски и технолошки паркови, информатичко-технолошки зони, преработувачката индустрија, во туризмот, здравството, земјоделството, шумарството и водостопанството, транспортот и телекомуникациите, енергетиката, управувањето со отпадни води и отпад, спортот, науката и образованието, големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти што вклучуваат повеќе од една од наведените области. Доколку вредноста на инвестицијата надминува 150 милиони евра, таа може да добие статус на стратешка дури и ако не е во некоја од претходно наведените области.

Постапка за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект
За да добие еден инвестициски проект статус дека е стратешки потребно е работите да поминат низ одредена процедура. Законот предвидува најдоцна до 31 јануари во тековната година Владата да објави јавен повик за поднесување барања за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект. За разгледување на барањата се формира посебна комисија во која постојани членови се премиерот, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, 6 министри и генералниот секретар на Владата, а повремени членови се еден или повеќе министри од областа во која се реализира стратешкиот инвестициски проект, еден или повеќе градоначалници во кои се реализира проектот и претставник на надлежно регулаторно тело.
Комисијата ги разгледува барањата, го проценува потенцијалниот ризик, преговара со потенцијалниот стратешки инвеститор, ѝ препорачува на Владата да донесе одлука за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект, го следи реализирањето на ваквите проекти итн. Комисијата работи според деловник за работа, а од членовите на комисијата се избира координатор одговорен за конкретен стратешки инвестициски проект. Комисијата формира оперативна група во која членуваат административни службеници од институциите членови на комисијата, како и експерти од областа на која се однесува проектот. Оперативната група ѝ дава стручна поддршка на комисијата за оперативните аспекти поврзани со инвестицијата.
Законот предвидува соодветна постапка која вклучува доставување на барање и детално специфицирана документација која вклучува документи за финансиската способност на инвеститорот и неговата референтна листа од искуства на слични проекти, временски рокови за секоја фаза од одлучувањето и евентуалната реализација на проектите, склучување договор итн.

Корист од стратешките инвестиции
Од една страна, инвеститорите на стратешките инвестиции ја добиваат сигурноста дека инвестициите ќе се реализираат во рамките на предвидените временски рокови и дека сите административно-процесни процедури и барања ќе бидат надминати навреме. Накусо кажано, инвеститорите ја добиваат брзината на реализација и, се разбира, сето она што дополнително ќе успеат да го испреговараат со властите во текот на постапката.
Од друга страна, стратешките инвестиции се исклучително важни за локалната економија и носат огромен потенцијал да придонесат за нејзиниот развој. Тие се големи по својата вредност, која почнува од 30 милиони евра, па нагоре. Се отвораат нови работни места, се создаваат можности за вклучување на домашни компании во реализацијата на инвестицијата и нејзиното понатамошно работење. Дополнително, ваквите инвестиции по правило вклучуваат компонента на идна меѓународна изложеност, односно поврзаност со глобалната економија, на производот на тие инвестиции. Тоа носи девизен прилив, ја зацврстува девизната позиција на локалната економија, го подобрува билансот на плаќања. Тоа се бројни бенефиции за локалната економија што не се гледаат на прв поглед, а го подобруваат профилот на земјата во очите на странските инвеститори и ја ставаат земјата на мапата на интересни и атрактивни дестинации за инвестирање. Затоа стратешките инвестиции треба да го добијат заслужениот третман и внимание од страна на Владата и надлежните државни инвестиции. Се работи за јавниот интерес, за македонската економија и граѓаните на земјава. Класична вин-вин ситуација.


Пример за потенцијална стратешка инвестиција

„Технолошки парк Скопје“ е потенцијална стратешка инвестиција за која е поднесено барање да добие таков статус. Бизнис-планот упатува на инвестиција во распон меѓу 170 и 240 милиони евра. Врз основа на користење на мултипликатор на ММФ за вакви странски директни инвестиции од страна на подносителите на барањето, се проценува дека директните и индиректните нето-ефекти за македонскиот бруто-домашен производ и граѓаните ќе изнесуваат 528 милиони евра. Зад проектот стои група на компании и партнери главно лоцирани во САД. Се очекува групата странски инвеститори заедно со нивните домашни партнери (главно домашни градежни компании) да вложи околу 55 милиони евра, а преостанатиот износ да биде инвестиран од страна на странски компании и инвеститори кои потоа ќе бидат дел од реализацијата на проектот. Се проценува отворање на 850 работни места за ИТ-експерти.


„Технолошки парк Скопје“ е мултифункционален развоен проект. Тој вклучува повеќе работи. Најпрвин, она што е вообичаено за технолошки парк, како што се канцеларии за истражување и развој во селектирани технолошки и медиумски сектори како интернет на нештата (ИоТ), сајбер-безбедност, блокчејн технологии, роботика итн... Потоа вклучува креирање на едукативен центар како меѓународен кампус за светски познати универзитети за технолошки сектори. Во пошироката рамка на едукативниот центар е предвиден центар за култура кој опфаќа школи за филм и креативни уметности. Проектот вклучува и комплекс за туризам и угостителство со познати хотели и конференциски центар.
Еден од клучните сегменти на проектот е изградба на студио за филм и музика. Ова треба да се развие на површина од 24 илјади метри квадратни за продукции со различна големина на буџети и технички потреби. Изградбата на вакво студио нема само да придонесе за развој на филмската индустрија на земјава, туку неа ќе ја позиционира како своевиден регионален центар за таа намена и технолошки исчекор во постпродукциската технологија.
Во целина, со реализацијата на ваков проект земјава добива технолошки парк кој станува центар на технологијата, на иновациите, на уметноста.


За законот за стратешки инвестиции разговаравме со Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата на Република С. Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции. 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано