Бизнис
Битиќи: Законот за стратешки инвестиции има цел да поттикнува, да привлекува и да создава услови за полесно спроведување на стратешките инвестиции кои се во интерес за развој на нашава земја
Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата на Република С. Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции
од печатеното издание на Економија и бизнис, јули/август 2022г.
Вашата „канцеларија“ во Владата станува стожерна точка за странските директни инвестиции и државната помош на компаниите. Кажете ни нешто повеќе за сето ова.
Ф. Битиќи: Со почеток на мандатот во 2020 година, кабинетот со кој раководам стана one stop shop за инвестиции во земјава. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во изминативе четири години (заклучно со 2021 година) колку што се спроведува оваа мерка, склучени се договори за поддршка на 353 компании. Минатата година беа направени измени во законот со кои, преку воведените афирмативни мерки, компаниите добиваат дополнителен стимул за рамномерен регионален развој, односно поголем процент на поддршка добиваат оние компании кои имаат инвестирано во помалку развиените плански региони. Оваа година се очекува бројката на склучени договори по овој закон да достигне до околу 300 нови договори.
За подобрување на искуството, а и зголемување на транспарентноста при давањето на државна помош, минатата година започнавме со креирање на дигитален AI асистент за државна помош. Овој асистент ќе се базира на вештачка интелигенција, ќе ги прави достапни сите информации, повици, процедури за добивање на државна помош, а во следна фаза и ќе комуницира дел од грижата за корисници за оние кои веќе ја добиваат . Дигитализацијата на државната помош покрај тоа што целиот процес ќе го направи потранспарентен, брз и ефикасен, она што за мене е важно е дека информациите ќе бидат достапни за сите со што ќе се оневозможат сите евентуални манипулации и злоупотреба.
Дополнително работиме на мерки за рефокус на инвестициите во креирање на силни вредносни синџири на компаниите во нашава земја, но и поврзување со целиот регион. Со креирање на овие стимулирачки и афирмативни мерки ќе се поттикне економскиот развој преку зацврстување и синергија на вредносниот синџир за да го искористиме и капитализираме целосниот потенцијал кој ни се отвора преку Near shoring -от или приближување на синџирите за снабдување поблиску до големите, прво европски, а и светски компании.
Еден од елементите за поттикнување на инвестициите во земјава е и посебниот Закон за стратешки инвестиции. Која беше идејата за носење ваков закон, што значи концепциски, какви се очекувањата?
Ф. Битиќи: Законот за стратешки инвестиции има цел да поттикнува, да привлекува и да создава услови за полесно спроведување на стратешките инвестиции кои се во интерес за развој на нашава земја, а со нив ќе се постигне економски раст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемена конкурентност, како и зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење.
Накратко, реализацијата на овие инвестициски проекти е јавен интерес и поради нивната важност, но и големина на инвестиција, сметаме дека за нив е потребно институционално заложување кое ќе ја доведе секоја инвестиција до реализација. Инаку, само за информација, најмалиот праг на инвестиција за да може да влезе под Законот за стратешки инвестиции е од 30 милиони евра, па нагоре во областите кои ги предвидува законот или над 150 милиони евра доколку инвестицијата е во област коja не се предвидува со законот.
Законот за стратешки инвестиции е донесен на почетокот од 2020 година. Како оди реализацијата во пракса досега?
Ф. Битиќи: Земајќи ја предвид големината на инвестициите и комплексноста на проектите, досега реализацијата оди според предвиденото. Донесени се вкупно 7 одлуки за утврдување на статус на стратешки инвестициски проекти со кои течат постапките на утврдување на текстовите на нацрт-договорите и нацрт-законите. Вкупната вредност на инвестициите за досега донесените одлуки за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект е 1,5 милијарди евра.
Во моментот пристигнати се дополнително 6 нови барања за утврдување на статус на стратешки инвестициски проекти со вкупна вредност на инвестициите од 700 милиони евра.
Дополнително значајно за нас е што најголем дел од поднесените барања се од областа енергетика со инфраструктура.
Во последно време сè повеќе се слуша за Технолошкиот парк Скопје. Имаше неколку интервјуа на таа тема, акционерите на таа инвестиција дејствуваат како една мошне сериозна група. Каде се наоѓа сега тој проект во контекст на стратешките инвестиции?
Ф. Битиќи: Да, тоа е проект кој во моментов е во процедура за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект за кој течат роковите за постапување согласно законот, а процедурата е иста за сите добиени барања за стратешки инвестиции. Доколку пректот ги исполни сите услови пропишани со Законот за стратешки инвестиции, тој може и се надевам дека ќе се реализира.