Економија

Куба побара помош за снабдување со основни прехранбени производи

Кубанците се соочуваат со недостиг на млеко, пченица, лекови...

 

Куба во понеделникот потврди дека побарала помош од Светската програма за храна (WFP) поради недостигот на млеко во прав за деца, што е уште еден знак за тешката економска ситуација на комунистичкиот карипски остров. Домашното производство речиси пропадна, а освен млеко, снемува и залихите на гориво и лекови.Земјата се соочува и со недостиг на пченица, а владата мораше да ги скрати субвенциите за леб.

Во февруари, Куба за прв пат призна дека се бори за да го подобри снабдувањето со млеко. Деценискиот систем на субвенции од времето на кубанскиот лидер Фидел Кастро пропаѓа.

-            Куба побара помош од Агенцијата за храна на ОН за купување млеко во прав за да се гарантира снабдувањето со млеко на кубанските девојчиња и момчиња, објавија државните медиуми во Куба.

По овој апел од кубанските власти,  брод со 375 тони млеко во прав  отплови од Бразил и наскоро ќе пристигне на Куба.

На Кубанците им се обезбедува млеко во прав и други основни производипо субвенционирани цени. Овој недостиг на храна, според кубанските власти, е поради економските проблеми по пандемијата со ковид-19 и заострените американски санкции од времето на американскиот претседател Доналд Трамп.

Куба, сепак, купи 500 тони млеко од САД и покрај санкциите, благодарение на исклучокот што се однесува на продажба на земјоделски производи, пренесува Пословни.хр.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано