Економија
Пофлексибилни еко-услови за помалите фармери
15.04.2024г.
Европската комисија денеска предложи да се ублажат еколошките правила во заедничката земјоделска политика, по неколкумесечните протести на европските фармери. Новините во земјоделската политика за 2023-2027 година предвидуваа низа правила за заштита на природата и биоразноликоста, а без нивно исполнување не ќе можеше да се добијат субвенции од европскиот буџет.
Со новиот предлог на ЕК се ублажуваат некои од условите, а некои и се укинуваат. За ова треба да одлучува и Советот за земјоделство, на следниот состанок на 26 февруари,
- Целта е да се олесни административниот товар и да им се овозможи на земјоделците и државите членки повеќе флексибилност во исполнување на одредени услови, притоа да не се намалуваат еколошките амбиции, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.
Европската комисија предлага помалите стопанства со десет хектари да се иземат од контролата и казнувањето во поглед на неисполнување на еколошките стандарди. Околу 65 отсто од корисниците на европската земјоделска политика располагаат со помалку од 10 хектари, но тие опфаќаат само 9,6 отсто од вкупната обработлива површина во ЕУ.
Еден од условите за кој се противеа земјоделците беше најмалку четири отсто од обработливото земјиште да биде необработено. Со новите правила тоа нема да биде задолжително, но затоа ќе има стимулации за фармерите кои ќе го почиттиваат ова правило. Исто така, се менува и обврската 35 отсто од обработливата површина да се засади со различна култура од таа што била претходната година, пренесува Н1.
фото freepic