Економија

Кина и САД се заложиле за урамнотежена економска соработка

Кина и САД постигнале согласност за формирање на две економски групи кои ќе бидат посветени за раст на домашните и глобалната економија, како и во борбата против перењето пари, соопшти американската министерка за финансии Џенет Јелен, која е во петдневна посета на Кина.

Соопштението за формирање на економските групи произлезе по состаноците меѓу Јелен и потпретседателот на Кина Хи Лифенг. Двете земји се заложиле за одржување на интензивната размена и за урамнотежен раст на домашната и глобалната економија.

-             Оваа размена ќе ја олесни дискусијата за макроекономската нерамнотежа и ја користам оваа прилика за да се заложам за еднакви услови за американските работници и фирми, изјави Џенет Јелен.

Во петокот, официјалната новинска агенција „Синхуа“  посетата на американската министерка за финансии ја оцени како „добар знак“ за одржување на комуникации на двете најголеми светски економии. Меѓутоа, според кинеската агенција,  разговорот за кинескиот „преголем“  капацитет во секторот на чиста енергија „изгледа како создавање на изговор за ширење на протекционистичката политика за заштита на американските компании“.

Претходно Јелен изјави за новинарите на САД дека не е исклучено воведување на царини како одговор на кинеското високосубвенционирано производство на зелени енергетски производи. Политиката на субвенционирање ги охрабри кинеските компании за соларни панели и електрични автомобили да инвестираат во фабриките во Кина, чие производство  ја надминува домашната побарувачка. Западните влади стравуваат дека ќе ги преплават нивните пазари со евтини кинески производи, со што ќе бидат загрозени работните места во САД и во Европа, пренесува „Данас“.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано