Економија

Глобалните промени, европската економска безбедност и новиот предлог за ревизија на ЕУ-регулативата за скрининг на странските директни инвестиции

Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања

(Трасирање на патот за Македонија)

Пред две години, Русија ја врати војната во Европа. Неиспровоцираната и неоправдана целосна воена инвазија на Русија врз Украина претставува тектонска промена во европската историја. Од февруари 2022 година, ништо повеќе не е и нема да биде исто. Како земја членка на НАТО (од март 2020 година) и како земја која ги отвори преговорите за пристапување во ЕУ (од јули 2022 година), Македонија мора континуирано да ги прилагодува сите свои политики со тие на своите стратешки партнери.


На 20 јуни 2023 година, Европската комисија и г. Борел објавија заедничка комуникација за „Европска економска безбедносна стратегија“ која дефинираше рамка за дискусија за економската безбедност со сите земји членки и со Европскиот парламент со цел да се создаде правна и институционална структура, со цел да се намали ризикот и да се заштити економската безбедност на Унијата. Крајната цел е да се зголеми нејзината отпорност и економска безбедност од зголемените геополитички притисоци поттикнати од растечката воена и економска агресивност на Русија и на Кина. Меѓу другите области на интервенција, ЕУ се залага за потребата да се следи и да се ограничи странската сопственост или контрола врз одредени стратешки сектори и критична инфраструктура. Ваквата политика и ваквиот пристап стануваат задолжителни за сите западни истомисленици.
Имајќи ја предвид брзата еволуција и растечките геополитички тензии, вклучително и длабоките технолошки промени, Комисијата, врз основа на Европската стратегија за економска безбедност, на 24 јануари 2024 година објави пет нови иницијативи со цел зајакнување на економската безбедност на ЕУ, и тоа: Предлог за ревизија на Регулативата за скрининг на странски директни инвестиции, Бела книга за контрола на извозот од апсект на безбедноста, Бела книга за контрола над излезните инвестиции исто така од аспект на безбедноста, Бела книга за опциите за зајакнување на поддршката за истражување и развој кои вклучуваат технологии со потенцијал за двојна употреба и Предлог за препорака до Советот за подобрување на безбедноста на истражувањето. Ова е широк дијапазон на комплексни правни, политички одлуки и процеси за кои ќе треба и време за нивно целосно усогласување меѓу сите 27 земји членки, а некои и со НАТО и со другите сојузници. Но, нашиот фокус во моментов е на предлогот на новата регулатива за проверка на странските директни инвестиции.
Имено, Регулативата (ЕУ) 2019/452 за воспоставување рамка за проверка на странските директни инвестиции (СДИ) во Унијата беше усвоена во 2019 година и стапи во сила во 2020 година. Овој механизам овозможи размена на информации за можните ризици по безбедноста или јавниот ред за земјите членки. Од усвојувањето на Регулативата наваму, прашањето за безбедноста и јавниот ред стана уште поважно (пандемијата ковид-19, Руската агресивна војна против Украина и други геополитички тензии).
Во согласност со постојните одредби од Регулативата, Комисијата направи анализа на функционирањето и на ефективноста на Регулативата во пракса и јавно ги презентираше своите наоди и препораки. Оценка исто така направи и ОЕЦД, како и Европскиот суд на ревизори. Накратко, евалуацијата покажа дека постојат неколку критични слабости во „синџирот“ на ЕУ за заштита од ризични трансакции со СДИ и затоа ги предложи следниве најрелевантни препораки или научени лекции кои се земаа предвид при изготвувањето на новиот предлог за нацрт-регулативата за скрининг на СДИ: недостигот на механизми за екс анте скрининг во некои земји членки го зголемува ризикот од пенетрација на непријателски инвестиции; сегашната дефиниција за странски директни инвестиции е премногу ограничувачка; разликите меѓу националните механизми за скрининг може сериозно да ја поткопаат ефективноста и ефикасноста на механизмот за соработка во целина; информациите доставени до механизмот за соработка за поединечни трансакции не се доволни и тие треба да се формализираат и да се стандардизираат; мрежата на органи за скрининг нема доволно информации за исходот од националните скрининг процедури доставени до механизмот за соработка.
Имајќи ги предвид овие наоди и препораки, предложената нова регулатива за проверка на странските директни инвестиции се фокусира на следниве клучни елементи:
– Прво, со новата регулатива се појаснуваат заеднички прифатливите дефиниции, вклучувајќи го и предметот и опсегот на предложената регулатива, а потоа се воспоставуваат општи правила за националните механизми за скрининг и се бара од сите земји членки да постават и да одржуваат механизам за скрининг кој е во согласност со барањата на предложената регулатива. Опфатени се и инвестиции во компании од ЕУ кои учествуваат во проекти или програми од интерес на ЕУ, опфатени со анекс I кон регулативата, и инвестиции во компании на ЕУ кои се активни во области од особено значење за безбедноста или за интересите на јавниот ред на ЕУ, опфатени со анекс II на предложената регулатива. Со регулативата се предвидува и механизам за соработка кој им овозможува на земјите членки и на Комисијата да разменуваат информации и да предлагаат мерки доколку странската инвестиција има можност или веројатност за негативно влијание по безбедноста или јавниот ред во повеќе од една земја членка, вклучително и преку проект или програма од интерес на Унијата. На крајот се предлага регулативата да стапи во сила по преоден период од 15 месеци од нејзиното донесување, а во меѓувреме да остане на сила и да се применува постојната Регулатива (ЕУ) 2019/452.
Комисијата во последниот Извештај за кластерот 6 за надворешни односи и оценување на подготвеноста на Северна Македонија констатира дека земјата е умерено подготвена во областа на надворешните односи (поглавје 30), истакнувајќи дека Владата презела првични чекори со цел да се воведе национален механизам за скрининг на СДИ и дека земјата постигнала добро ниво на подготовка за заедничката надворешна и безбедносна политика (поглавје 31), но со забелешка „да се продолжи со јакнење на капацитетот за спроведување на санкциите во целост“. Со други зборови, ние сме на почеток на процес кој бара целосна и безрезервна политичка посветеност, зајакнати институционални капацитети и јасна правна средина и јасни процедури.
Имајќи ја предвид состојбата во земјава и нејзините јасни аспирации да биде функционален член на Евроатлантската заедница, со фокус на воспоставување на механизам за проверка на странските директни инвестиции, следниве заклучоци би можеле да се земат предвид како насоки или следни чекори:
• Глобалните промени се длабоки, долготрајни и неповратни. Процесот на деглобализација е во тек. Нема друга опција за Македонија освен да ги следи овие промени и да се прилагоди на новите политики и законодавство создадени од нашите евроатлантски стратешки партнери. Да се остане назад не е опција за нас едноставно затоа што последиците ќе бидат погубни за нашава економија и за нашево општество.
• Македонија мора да го следи трендот на креирање национални безбедносни стратегии за да одговори на новите предизвици и да ја зајакне отпорноста на нашево демократско општество и на нашава економија. Треба да се продолжи со креирање на стратегија за национална безбедност придружена со (национална) економска безбедносна стратегија.
• Како земја која има отворени пристапни преговори, помина низ процесот на скрининг и прашањето не е дали целосно ќе се усогласиме со правото на ЕУ, туку кога. Побрзо е многу подобро отколку подоцна, едноставно затоа што околината брзо се менува, а јазот меѓу нашето законодавство за национална безбедност и она на нашите стратешки партнери расте. Колку е поголем јазот толку е послаба отпорноста на нашава економија и општество на сè посилните малигни влијанија од трета страна.
• Меѓу многуте правни акти што треба да се транспонираат во нашиов национален правен систем, поврзани со влезните странски инвестиции, излезните инвестиции, контролата на извозот, истражувањето и развојот на технологии со потенцијал за двојна употреба и безбедноста на истражувањето, Регулативата за проверка на странските директни инвестиции е само една од нив, но е многу сложена и бара многу во однос на времето, на енергијата и на потребните инвестиции за транспозиција и за имплементација.
• Сите други коресподентни политики треба да се синхронизираат, прво со стандардите на ЕУ (и НАТО), а второ да се обезбеди тие да корелираат меѓу себе на национално ниво. Само да споменеме неколку, стратегија за национална безбедност и стратегија за национална економска безбедност, законодавство за производи со двојна употреба, законодавство за критична инфраструктура, контрола на извозот и излезни инвестиции, законодавство и алатки за сајбер безбедност, заштита на мрежите G5/G6 итн.
• Владата веќе одлучи да започне со подготовка на предлогот за национален правен акт за воведување механизам за скрининг на СДИ, како и да започне со подготовка на националната безбедносна стратегија (вклучувајќи ја и економската безбедност), да продолжи со подготовка на законот за критична инфраструктура и ново законодавство за производи со двојна употреба. Сите овие политички процеси се во тек, но треба да се синхронизираат и да се забрзаат.
• Во текот на 2024 година, Владата во соработка со своите партнери треба да подготви анализи на постоечките СДИ во земјава, проценка на влијанието на регулативата на механизмот за проверка на СДИ и компаративни анализи со цел да се разјаснат сите елементи потребни за да се избере најдобриот институционален модел кој ќе одговара на нашава правна и институционална околина и, секако, набрзо да го подготвиме и предлог-законот за национален механизам за скрининг на странските директни инвестиции.
• Најразумен начин да се придвижиме нанапред би било да се искористат новите пет иницијативи на Комисијата (од 24 јануари 2024 година) за зајакнување на економската безбедност на ЕУ, поврзана со инвестициите и трговијата, како нова почетна точка, земајќи ги предвид сите наоди и препораки што треба да ги имаме предвид и од претходните расположливи анализи.


Поддржано од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), од Скопје, Северна Македонија, со поддршка од Центарот за меѓународни приватни претпријатија (ЦИПЕ) со седиште во Вашингтон

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано