Економија
ММФ предупредува на анемичен раст на глобалната економија
12.04.2024г.
Во иднина светската економија ќе се соочува со анемичен раст. Глобалниот раст на БДП до 2029 година ќе се задржи на неколку децимали над три отсто што е за околу еден отсто помалку од 20 годишниот просек пред пандемијата, предупредува Меѓународниот монетарен фонд.
Во текот на пролетниот состанок на финансиските институции во САД, директорката на ММФ Кристалина Георгиева истакнала дека мора повеќе да се направи на полето на продуктивноста. Без зголемување на продуктивноста на глобално ниво ќе се случи успорување на растот кај развиените земји, што во комбинација на зголемен јавен долг може да се влезе во „маѓепсан круг“.
Од ММФ наведуваат дека глобалната стапка на раст постојано успорува од глобалната криза во 2008 -2009 година и повика на политичка интервенција за да се сврти овој тренд. Нискиот глобален раст ќе влијае на животниот стандард на луѓето и ќе ја зголеми економската нееднаквост меѓу земјите. Намалувањето на растот од финансиската криза до денеска се должи првенствено на лошата распределба на средствата. Неефикасната распределба на ресурсите меѓу компаниите ја намали продуктивноста, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic