Lifestyle

Во Нови Сад почнува EXIT, најголемиот музички фестивал во регионот

10.07.2024г

Од денеска до 14 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад се одржува 24-от EXIT, повеќенаграден меѓународен летен музички фестивал, каде се очекуваат над 1.000 изведувачи од регионот и целиот свет, јави дописникот на МИА од Белград.

Првиот ден од фестивалот е во знакот на роденденот на Никола Тесла, со слоганот „Заедно да ја разбудиме нашата супермоќ“, а музичката програма ќе ја предводат Бејби Лазања, и водечките уметници на новата генерација со американската поп ѕвезда Инико, Бурак Џетер, чиј специјален гостин е Димас Кудаиберген, а ќе настапат и Алисон Вондерленд и Теја Дора.

На МТС Денс Арена ќе настапат Карл Кокс, Бонобо, Блек Кофи, Мацео Плекс, како и предводниците на техно и хаус сцената на новата генерација, I Hate Models, Klangkuenstler, Patrick Mason, Franky Wah, Barry Can't Swim, Sama' Abdulhadi. 
Пред музичарите да засвират на Петроварадинската тврдина, фестивалот ќе биде отворен и на Штранд од 15 часот со настап на холандскиот диџеј Вин Хоф. Со тоа забавата ќе започне малку порано за камперите, кои од вчера престојуваат на Штранд.

Во Нови Сад пополнети се сите туристички и хотелски капацитети,а на најпопуларната плажа во Нови Сад на Дунав веќе се поставени околу 70 шатори каде престојуваат посетители од целиот свет, но и домашни туристи и гости од околните земји.

-Бев пред неколку години, а сега дојдов со мојот дечко да му покажам како изгледа Нови Сад, но и Егзит, изјави за новосадски Дневник Ева од Прилеп, која со Матеј се надеваат на добра забава и кои веднаш по пристигнувањето се упатија кон кампот на Штранд.

Фестивалот Exit се одржува до 14 јули со настап на изведувачи како Black Eyed Peas, диџеј Карл Кокс, гитаристот Том Морел и многу други.

Организаторите очекуваат да биде соборен рекордот од 200.000 посетители.


извор МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО