Lifestyle

ФИЛМ: АНАТОМИЈА НА ПАДОТ

Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

„Понекогаш парот е еден вид хаос и сите се изгубени. Понекогаш се бориме заедно, понекогаш се бориме сами. Понекогаш се бориме еден против друг, се случува.“


 

„Анатомија на падот“ (Anatomie d‘une chute, 2023) e четвртoто долгометражно остварување на Жастин Трие (Justine Triet), триумфална кулминација на 10-годишен период во кој француската режисерка се етаблира како една од најинтересните и најкреативните авторки/автори кои работат денес. Нејзиното творештво, кое ги вклучува и „Време на паника“ (Age of Panic, 2013), „Во кревет со Викторија“ (In Bed with Victoria, 2016) и „Сибил“ (Sibyl, 2019), е мозаик од провокативни, моќни и интензивно сложени женски ликови кои се справуваат со притисоците на современото живеење со многу храброст, хумор и интелигенција. Таква е и Сандра, во неверојатна интерпретација на Сандра Хулер (Sandra Hüller), германска глумица која пошироката публика ја запозна со филмот„Тони Ердман“ (Toni Erdmann, 2016). Филмот е пишуван и конципиран специјално за неа. Сега знаеме и зошто. Таа е совршeната „соучeсничка во злосторот“.
Во „Анатомија на падот“, Трие навлегува во помрачни територии притоа задржуваќи ја препознатливата комична острица. Сценариото го пишува заедно со нејзиниот животен сопатник и креативен соработник, режисерот и сценарист Артур Харари (Arthur Harari). Филмот се потпира на жанровските постулати на процедуралниот трилер во манир на Алфред Хичкок и судската драма − самиот наслов директно реферира на „Анатомија на едно убиство“ (Anatomy of a Murder, 1959), холивудската класика на Ото Премингер (Otto Preminger). Исто така режисерката била фасцинирана од вистинскиот случај на Аманда Нокс (Amanda Knox) од 2007 година во кој оваа млада Американка е неправедно осудена за убиство на нејзината цимерка.
Сандра e успешна писателка обвинета за убиство на нејзиниот сопруг (не баш успешен писател), кој е пронајден мртов пред нивната алпска вила. Во текот на интензивниот судски процес, Трие ги тестира границите на жанрот и она што се случува е аутопсија на семејните релации и динамиката на моќ во современиот брачен живот. Прецизната жанровска рамка е совршен контекст за истражување на деликатните интимни односи, овој пат соголени преку јавната призма. Се преиспитуваат родовите улоги и потребите на креативното битисување. Меѓу другите, филмот го отвора и прашањето зошто и како една жена која е професионално поуспешна од нејзиниот сопруг го нарушува општествениот поредок. На Сандра не ѝ се суди само за убиство. Ѝ се суди како жена, мајка и партнер.
Во оваа сурова вивисекција, секое парче кое недостасува во комплексниот мозаик на загатката има исклучителна тежина и отвора простор во кој гледачот може да ги проектира сопствените ставови и искуства. Двосмисленоста царува. Интимните детали од бурниот живот на двојката, вклучително и нивните автофикциски креативни процеси, постојано се испитуваат и се преиспитуваат. Приказната добива интересен пресврт кога ја воведува дебатата за фикцијата и за реалноста. Обвинителството ги истакнува сличностите меѓу случајот и романот на Сандра во кој протагонистката контемплира убиство на сопругот. На тоа, одбраната реплицира: Дали тогаш Стивен Кинг е сериски убиец?
Се бараат прецизни одговори во комплексната сфера на љубовта и на уметноста, кои се во природен контрапукт со егзактното. Суптилно и иронично, слепиот малолетен син на двојката е клучен сведок во случајот. Даниел (Milo Machado Graner) се соочува со тешка морална дилема бидејќи неговата иднина и егзистенција зависат од конечниот исход. Низ процесот, токму тој ќе осознае нешто исклучително важно: доколку нашите сетила и ум не се во можност да ни дадат објективна слика за светот, тогаш е неопходно да се свртиме кон емоционалните вистини.
Жастин Трие е третата режисерка во историјата на престижниот Кански филмски фестивал со освоена Златна палма за најдобар филм.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано