Lifestyle
Законот за вештачка интелигенција на ЕУ во заштита на основните права на човекот
03.08.2024
Законот за вештачка интелигенција на ЕУ, кој е прва сеопфатна законска регулатива во светот за оваа технологија, официјално стапи во сила. Законот е дизајниран да гарантира дека вештачката интелигенција развиена и користена во ЕУ е безбедна и доверлива и дека се преземени мерки за заштита на основните права на луѓето.
Според извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера Маргрете Вестагер, Законот е показател дека европскиот пристап кон технологијата ги става луѓето на прво место и гарантира почитување и заштита правата на сите.
Според неа, вештачката интелигенција има потенцијал да го промени досегашните начини на работа и живеење и нуди огромни придобивки за граѓаните, општеството и европската економија. Еврокомесарот за внатрешен пазар Тјери Бретон, пак, оцени дека стапувањето во сила на Законот претставува голема пресвртница во лидерството на Европа во обезбедувањето на доверлива вештачка интелигенција.
- Со стапувањето во сила на Законот за вештачка интелигенција, европската демократија прва во светот испорача ефикасна и адекватна рамка за вештачката интелигенција, справувајќи се со ризиците и служејќи како лансирно поле за европските стартапи со вештачка интелигенција, додаде Бретон.
Со Законот се воспоставуваат стандарди за обезбедување минимален ризик при користењето на системите за вештачка интелигенција и за нивна целосна транспарентност.
За оние системи за вештачка интелигенција што се идентификувани како високоризични се предвидени строги барања, кои меѓу другото вклучуваат и мерки за намалување на ризикот, евиденција на активностите, комплетна документација, човечки надзор и кибер безбедност. Во оваа високоризична група меѓу другите се вклучени и системите за вештачка интелигенција што се користат за утврдување или проценка дали некој субјект има право да добие кредит, како и алгоритмите кои управуваат со автономни роботи.
Со Законот се забранува користење на системи за вештачка интелигенција кои се сметаат за „јасна закана за основните човекови права“, како што се апликации за манипулирање со однесувањето на луѓето, играчки кои со гласовна помош можат да поттикнат „опасното однесување“ на малолетниците, како и системи кои овозможуваат „социјално оценување“ од страна на владите или компаниите. Дополнително, се забранува употреби на системи за препознавање емоции на работното место, за категоризација на луѓе или за биометриска идентификација на далечина во реално време.
Извор МИА
фото freepic