Економија
ПО ГРЦИ, ФРАНЦУЗИ... НА РЕД СЕ АМЕРИКАНЦИТЕ ДА НИ ГО ИЗГРАДАТ „ЧЕБРЕН“!, Мицкоски и Гренел разговараа за можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект
14.08.2024
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.
Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, на средбата се дискутираше за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа.
Посебен акцент бил ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување.
Во текот на средбата, се посочува во соопштението, се анализираа можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот.
- Во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата, се посочува во соопштението.
Во изминатите години за изградбата на „Чебрен“ беа спроведени над десетина безуспешни тендери за избор на изведувач, на кој се пријавија компании и од Грција, и Франција.
„Економија и бизнис“ во февруари годинава објави разговор со експертот за енергетика Атанаско Туневски, кој се залагаше овој енергетски капацитет да го изгради „државата со сопствени средства“.
Извор МИА