Економија

Градењето на сајбер-отпорно општество е главната цел на Стратегијата за сајбер безбедност

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска на прес-конференција ја презентираше Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година, за што кажа дека претставува пресвртница во процесот на дигитална трансформација на државава.

- Во овој период, бевме сведоци на „алармантен пораст на сајбер напади и хибридни закани“. Тие варираат од насочени напади врз критична инфраструктура и јавни институции до широко распространети закани со бомби и кампањи за дезинформации што имаат за цел да го дестабилизираат нашето општество. Ваквите инциденти ја нагласуваат итната потреба за координиран, стратешки и силен пристап за заштита на македонскиот дигитален екосистем, посочи Андоновски.

Министерот кажа дека стратегијата идентификува пет клучни приоритетни области за справување со најитните предизвици и поставување на темелите за одржлив напредок.

- Зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност - што се однесува на воспоставување силни структури на управување, како што е новиот сектор за сајбер-безбедност во рамките на Министерството за дигитална трансформација и подобрување на институционалната координација и способностите за одговор. Потоа, обезбедување на критичните инфраструктури и системи - од енергетика и здравствена заштита до финансиски услуги, заштитата на овие витални системи е од суштинско значење за националната безбедност и економската стабилност. Рамките за управување со ризик и јавно-приватните партнерства ќе играат клучна улога, истакна министерот.

Како трета, тој го истакна градењето на сајбер-отпорно општество.

- Преку таргетирани кампањи за едукација и Центарот за побезбеден интернет, имаме за цел да ја подигнеме јавната свест за сајбер безбедноста, грижејќи се да овозможиме секој граѓанин да може да придонесе за побезбедна дигитална средина. Четврта, минимизирање на влијанието на сајбер инцидентите со подобрување на механизмите за откривање инциденти, известување и управување со кризи, ќе го намалиме влијанието на сајбер нападите врз националните и секторските операции. Петта, подобрување на националната и меѓународната соработка, нашите партнерства со меѓународните сојузници, вклучувајќи ги ЕУ, НАТО и глобалните организации за сајбер безбедност, ќе обезбедат усогласување со најдобрите практики и ќе ја зајакнат нашата колективна отпорност, подвлече министерот.

За да се постигнат овие приоритети, како што додаде, „стратегијата воведува критични мерки, содржани во детален акциски план и индикативен финансиски план“.

- Како што видовме од сите досегашни сајбер напади врз критични сектори, заканите со бомби и координираните кампањи за дезинформација - ризикот и опасностите се тука. Тие закани ја нарушуваат довербата на јавноста, ги поткопуваат нашите институции и претставуваат значителен ризик за националната безбедност. Преземањето активности не е една од алтернативите, туку е единствен пристап што не дозволува одложување, нагласи Андоновски.

Како што појасни, оваа стратегија обезбедува патоказ за затворање на постоечките празнини, заштита на критичната инфраструктура и поттикнување на дигитално опкружување каде што бизнисите можат да иновираат, граѓаните можат да напредуваат и институциите можат безбедно да работат.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО