Економија

Намалување на дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – алтернативи и можности

Анализа на „Македонија2025“

Пред да се пристапи кон промена на годините за пензионирање и зголемување на стапката за придонес спрема Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ), да се исцрпат сите останати можности.



Во декември 2024 година, Фискалниот совет на Република Македонија излезе со предлог за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години со главна цел да се намали дефицитот на ФПИОМ, односно да се обезбеди одржливост.
На 13 декември 2024 година, Светската банка го промовираше извештајот „Зајакнување на отпорноста и обезбедување на одржливост“ (Boosting resilience and ensuring stability). Темата за покачување на старосната граница за пензионирање се спомнува и во овој извештај чија главна тема на анализа е одржливоста на фискалната политика на Република Македонија. Во последнава декада Македонија забележува повисоки фискални дефицити споредено со земјите од Западен Балкан и од ЕУ и со над 571 проценти од БДП, јавниот долг на Македонија во 2024 година е за 7,7 процентни поени повисок од долгот пред пандемијата (2019 година). Оттука враќањето на фискалната одржливост претставува итен приоритет.
Светската банка предлага голем број мерки за подобрување на фискалната одржливост во Република Македонија како на приходната страна, така и на расходната страна на буџетот. На приходната страна, некои од предложените мерки се навистина позитивни.
Така, на пример, Светската банка предлага промени поврзани со акцизата на цигарите, како и зголемен данок за производите кои содржат големо количество на шеќер. Интересни предлози кои ќе ги обработиме во следната анализа.
Сепак, економистите од Светската банка предлагаат и одредени непопуларни мерки за подобрување на фискалната одржливост. Имено, пензискиот систем на Македонија се соочува со значителни предизвици, а најголем предизвик е големиот дефицит. Според нивната проекција, одржливоста на пензискиот систем е загрижувачка бидејќи се предвидува дека бројот на пензионерите ќе го надмине бројот на осигурениците до 2053 година.

Светската банка предлага три мерки во однос на одржливоста на пензискиот систем:
» Враќање на неодамна воведенaта формула на индексирање на пензиите со платите (т.н. швајцарски модел) на претходната индексација со трошоците за живот.
» Постепено зголемување и изедначување на возраста за пензионирање за мажите и за жените.
» Постепено подигање на стапките на придонесите.
Според Светската банка, во Република Македонија границата за пензионирање е меѓу најниските на Балканот и пошироко. Во следната табела се прикажани годините на пензионирање во 15 европски земји.

Табела 1: Законска возрасна граница за пензионирање, по пол  (извор Светска банка)

Според табелата, само Естонија, Република Чешка и Словачка имаат пониска граница за пензионирање од Македонија, додека кај жените пониска е границата во Албанија и во Република Чешка.
Според извештајот на ОЕЦД „Пензиите на прв поглед“ (“Pensions at glance2 ”), возраста за пензионирање во следните три години ќе се зголеми во три петтини од земјите на ОЕЦД. Притоа само неколку земји, Колумбија, Костарика, Унгарија, Израел, Полска и Турција, сè уште ќе го одржуваат родовиот јаз кај возраста за пензионирање. Просечната возраст за пензионирање ќе се зголеми од 64,4 години за мажите кои се пензионираат сега до 66,3 години за оние кои ја започнуваат својата кариера сега.
Ваквата споредбена анализа упатува дека можеби има простор за покачување на старосната граница за пензионирање и во Република Македонија. Сепак е погрешно ако промената во годините се прави само врз основа на одржливоста на ФПИОМ и врз основа на споредбената табела. Имено, пред да се премине на зголемување на старосната граница, добро е да се разгледаат и други алтернативи и можности.
Најпрво, во Република Македонија има бројни категории на граѓани кои имаат бенефициран стаж. Ова право е регулирано со Законот за пензиското и инвалидското осигурување каде што се утврдени условите и критериумите за стекнување на ова право.
Според член 19 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на осигурениците на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, старосната граница за стекнување право на старосна пензија се намалува зависно од степенот на зголемувањето на стажот. Ова значи дека за секој период поминат на работно место со зголемен (бенефициран) стаж, старосната граница за пензионирање се намалува пропорционално.

Член 109 предвидува дека работните места со бенефициран стаж мора да ги исполнуваат следниве услови:
1. Да постојат значителни штетни влијанија врз здравјето и работната способност на работниците и покрај примената на сите заштитни мерки.
2. Работите да се извршуваат непосредно покрај изворите на штетните влијанија во текот на целото работно време.

Според Правилникот за утврдување на работните места, на кои стажот на осигурување се смета за зголемено траење, подготвен од Министерството за социјална политика, демографија и млади, постојат многу професии кои добиваат бенефициран стаж. Нашиот предлог е да се направи ревизија на листата и да се утврди дали некои од наведените професии не го задоволуваат член 109 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Во прилог се неколку примери на професии каде што постојат можности за одредени промени во оваа смисла.
Возачите на автобус најчесто одат во пензија штом ќе наполнат 59 години, но речиси без исклучок веднаш почнуваат да работат хонорарно за приватни автобуски оператори (секако, оние кои се физички здрави). Работата како возач на автобус навистина е тешка и можеби е логично возачите да одат во пензија малку порано, но можно е подобрување на системот, како на пример специјални лекарски прегледи за утврдување на професионалната способност (наместо хоризонтално доделување на бенефицијата) и/или намалување на периодот на предвремено пензионирање од 5 на 3 години.
Во Царинската управа, според „Правилникот за утврдување на работните места, на кои стажот на осигурување се смета за зголемено траење“, 36 работни позиции (места) имаат бенефициран стаж од кои во најголем дел по правилото 12/16, односно одработени 12 месеци се сметаат за 16 месеци. Сепак, царинските службеници не одат порано во пензија, односно заминуваат на 64/62 години. За ова е потребна дополнителна анализа зошто е потребно бенефициран стаж за сите овие работни места согласно со член 109 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (можеби некои работат со радиоактивни скенери), да се утврди колкави се трошоците за ФПИОМ и да се утврди дали можат да се направат измени во насока на заштеди кај Фондот.
Слична е состојбата и во Министерството за внатрешни работи. Рано пензионираните вработени во Министерството за внатрешни работи по пензионирањето стануваат сопственици на мали бизниси, работат како таксисти и слично. Сметаме дека треба да се направи детална анализа на сите категории на бенефициран стаж кај вработените во Министерството за внатрешни работи и да се предложат измени во насока на намалување на бенефициите и зголемување на старосната граница.
Дополнително, задолжително треба да се види постапката за одобрување на инвалидски пензии и слично каде што комисија одлучува дали се почитуваат правилниците и законите. Согласно со податоците за октомври 2024 година, инвалидска пензија користат 25 835 пензионери или 7,6 проценти од вкупниот број на пензионери. Во овој дел потребна е зајакната контрола затоа што се можни злоупотреби.
Кај семејните пензии, во случај да почине пензионерот (брачниот другар), другиот брачен другар или неговите наследници, родители и слично имаат право да ја добијат пензијата на починатиот брачен другар во износ од 70 проценти доколку брачниот другар живее сам и 80 проценти доколку има повеќе членови на семејството. Анализата на семејните пензии, како и споредбата со другите држави може да доведе до ослободување на одредени финансиски средства за ФПИОМ. На пример, семејната пензија да не може да надмине одредена сума, односно за пензионерите кои имаат високи пензии, семејната пензија да не смее да биде повисока од две просечни пензии.
Во моментов, границата на пензионирање е 64 години за мажи (62 години за жени) со можност (доколу постои желба кај работникот) границата да се помести на 67 години (65 за жени). Како можна алтернатива е зголемување на границата и наместо 67 години таа да биде повисока (секако, повторно со согласност на работникот). Ваквата мерка ќе придонесе за намалување на исплатите од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Ризикот од ваквиот предлог, секако, е можност само неквалитетните работници од јавната администрација да ја користат оваа можност.
Последно, според многу истражувања, сивата економија во Македонија сè уште е на високо ниво. Според ММФ (консултации за член IV)3, сивата економија во Македонија изнесувала 33,4 проценти во 2018 година, додека според Finance Тhink4, сивата економија во 2022 година во Македонија изнесувала 23,2 проценти. Политиките во насока на намалување на сивата економија, секако, ќе придонесат за намалување на дефицитот на ФПИОМ.
Согласно претходното, сметаме дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање и/или евентуално зголемувањето на стапката на придонес за пензиско и за инвалидско осигурување треба да бидат последни можни политики, односно воведени по исцрпувањето на останатите алтернативи. Напоменуваме и дека опасноста од избрзување со промена на старосната граница/висината на придонесот е голема поради релативно лесното воведување на овие мерки само преку промена на законодавството.

ПРЕПОРАЧАНО