Економија

Речиси половина од граѓаните во Србија не можат да си дозволат еднонеделен одмор

Стапката на ризик од трајна сиромаштија во Србијаво 2024 година  е намалена на 11,6 проценти од 12,9 проценти во 2023 година. Во земјата 38 проценти од граѓаните живеат во домаќинства кои не можат да си дозволат еднонеделен одмор далеку од дома. Околу 15 проценти од населението не можат да си дозволат месо или риба за оброк секој втор ден. Повеќе од една третина не можат да поднесат неочекуван трошок, а 9,3 проценти не можат да си дозволат соодветно греење на станот.

Трошоците за домување претставуваат еден од најголемите финансиски товари за домаќинствата. За 46,6 проценти, овие трошоци значително го оптоваруваат буџетот на домаќинството. Само четири проценти од домаќинствата велат дека трошоците за домување воопшто не ги оптоваруваат.

Во 2024 година, стапката на ризик од сиромаштија во Србија изнесувала 19,7 проценти, а во споредба со 2023 година е помала за 0,2 процентни поени.
Во исто време, стапката на ризик од сиромаштија или социјална исклученост изнесува 24,3 проценти, што е пониско од претходната година за 2,9 процентни поени, соопшти српскиот Завод за статистика.

Стапката на ризик од сиромаштија го претставува процентот на лица чиј расположлив еквивалентен приход е помал од прагот на ризик од сиромаштија, кој во 2024 година изнесуваше 35.606 динари (303 евра) во просек месечно за едночлено домаќинство.

Прагот на ризик од сиромаштија за домаќинство со двајца возрасни и едно дете под 14 години беше 64.091 динар, додека за домаќинство од четири лица со двајца возрасни и две деца под 14 години беше 74.773 динари.

 

ПРЕПОРАЧАНО