Економија

Постигнат договор во НАТО за издвојување на пет отсто од БДП за одбрана до 2035 година, Шпанија е исклучок

Членките на НАТО се согласија за содржината на изјавата  која се подготвува за претстојниот самит со која се поставува цел за издвојување од пет проценти од БДП за годишни трошоци за одбрана и безбедност до 2035 година, со што го надминаа „противењето“ на Шпанија, пренесува Ројтерс, повикувајќи се дипломатски извори.

Овие извори соопштија дека има зелено светло од сите 32 членки на НАТО, но ќе стане официјална дури откако ќе биде одобрена од лидерите, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, на самитот во Хаг што се одржа во среда.

Шпанскиот премиер Педро Санчез ја блокираше претходната верзија на текстот, велејќи дека „посветеноста на целта од пет проценти би била неразумна и контрапродуктивна“. Според проценките на НАТО, во 2024 година, Шпанија потрошила 1,24 проценти од БДП за одбрана.

Приговорите на Санчез биле надминати со прилагодување на текстот на ветувањето за трошење, менувајќи ја формулацијата од „ние се обврзуваме“ на „сојузниците се обврзуваат“, рекоа дипломатите. Ова му овозможи на Санчез да тврди дека обврската нема да се однесува на Шпанија.

- Целосно ја почитуваме легитимната желба на другите земји да ги зголемат своите инвестиции во одбраната, но нема да го сториме тоа, рече Санчез во неделното обраќање на шпанската телевизија.

НАТО работи со консензус, па затоа сите 32 членки мора да одобрат изјава за таа да биде усвоена.

Сегашната цел на алијансата за трошоци за одбрана е два проценти од БДП, но Трамп инсистираше дека треба да се зголеми на пет проценти, иако во петокот рече дека целта не треба да се однесува на САД.

Според планот на шефот на НАТО, Марк Руте, земјите би достигнале пет проценти од БДП со зголемување на нивната основна цел за трошоци за одбрана од 2 проценти на 3,5 проценти и трошење дополнителни 1,5 проценти за поврзани ставки како што се адаптирање на патишта и мостови за воени возила и сајбер безбедност.

Руте првично предложи земјите да ја исполнат новата цел до 2032 година, но рокот во конечниот текст е 2035 година, пренесува Н1.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО