Економија

Ирска со највисоки цени на алкохол и тутун, а Бугарија има најниски цени во ЕУ

Нивото на потрошувачка на домаќинствата во земјите од Европската Унија значително се разликуваше во текот на 2024 година. Според податоците на Евростат и  објавените индекси на ценовни нивоа, највисоки трошоци за финална потрошувачка на домаќинствата се забележани во Данска, каде што цените беа дури 43 проценти над просекот на Европската Унија. Веднаш зад Данска се Ирска со 138 проценти и Луксембург со 133 проценти во споредба со европскиот просек.

Од друга страна, најниски цени се забележани во Бугарија (60 проценти од просекот), Романија (64 проценти) и Полска (72 проценти). Овие податоци јасно укажуваат на големи разлики во трошоците за живот во рамките на ЕУ.

Најголемите разлики во цените се забележани кога станува збор за алкохол и тутун. Ирска е убедливо најскапата земја во таа категорија, цените беа дури 205 проценти повисоки од европскиот просек. Ова значи дека цените на алкохолот и тутунот во Ирска се три пати повисоки отколку во Бугарија, која е најевтина со 69 проценти од просекот на ЕУ.

Високи цени се забележани и во Финска (175 проценти) и Франција (137 проценти). Покрај Бугарија, Полска и Словачка исто така имаа најниски цени во оваа категорија, обете со просек од 83 проценти. Ваквите разлики се првенствено резултат на различните даночни политики - особено високите акцизи што одредени земји ги воведуваат за овие производи. 

Рестораните и хотелите се следната категорија со големи разлики во цените. Најскапи се Данска (148 проценти од просекот на ЕУ), Ирска (129 проценти) и Финска (127 проценти). Најевтини се Бугарија (53 проценти), Романија (69 проценти) и Унгарија (72 проценти), пренесува Бизнис.рс.

ПРЕПОРАЧАНО