Економија
„ЕУ нема да се откаже“ од политичките одлуки во преговорите со САД, изјави Урсула фон дер Лајен претседателката на Европската комисија
24.06.2025
Европската Унија нема да се откаже од своето право да донесува политички одлуки во преговорите со Соединетите Американски Држави со цел да избегне повисоки американски царини за стоки од ЕУ, изјави претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Таа истакна дека Брисел разговара за царинските линии со Вашингтон, како и за нетарифните бариери, како што се стандардите и нормите, објави Ројтерс.
- На пример, зборуваме за стратешки набавки, изјави фон дер Лајен по самитот ЕУ-Канада.
Според неа, процесот на суверено донесување одлуки во Европската Унија и нејзините земји-членки е под закана.
„Ова е премногу“, рече таа, алудирајќи на шпекулациите дека Вашингтон можеби врши притисок врз Брисел да го одложи спроведувањето на законите како што се оние за уништување на шумите и онлајн платформите или давање исклучоци за американските компании.
САД во моментов применуваат царини од 25 проценти за алуминиум, челик и автомобили од Европската Унија, како и општи царини од 10 проценти за целиот увоз од ЕУ.
Преговорниците од Брисел претходно изразија надеж дека понудата Европската Унија да прифати американски царини од 10 проценти за целиот извоз во Соединетите Американски Држави ќе помогне да се избегнат повисоки царини за автомобили и други производи, објави германскиот весник Ханделсблат, пренесува Б92.