Економија

Паолучи за економските состојби во Македонија: Бројот на пензионерите ќе го надмине бројот на вработени, потребен е консензус за индексирање на пензиите со инфлацијата

Не може да влијаете на надворешните шокови како што се геополитичката фрагментација или текот на глобалните цени на стоките, но може да се фокусирате на зајакнување на домашните темели на економскиот раст. Посилните реформски напори, особено во зајакнување на управувањето со јавните финансии, човечкиот капитал, енергетиката и дигитализацијата претставуваат темелна инвестиција во долгорочната патека на раст на земјата, вели во интервју за МИА Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, кој заминува од земјава.

Паолучи посочува дека давањето приоритет на сите овие реформи ќе биде од суштинско значење за одржување на растот и градењето на поотпорна и поконкурентна економија. 

Оценува дека земјава не е исклучок од трендот на одлив на работна сила. Ограничениот пристап до квалитетни можности за работа, квалитетна здравствена заштита и образование, како и загриженоста за корупцијата и слабите институции, вели Паолучи, значително придонесуваат за одлуките за емиграција.

Тој порачува дека емиграцијата и стареењето на населението влијаат врз пензискиот систем, а според Извештајот за јавни финансии на Светската банка за 2024 година, се очекува во 2053 година бројот на пензионери да го надмине бројот на вработени. 

Препораката на Паолучи е широк консензус од сите засегнати страни и разгледување на опциите за индексирање на пензиите со инфлацијата за да се сочува куповната моќ на пензиите, постепено зголемување на пензиските придонеси со истовремено зголемување на усогласеноста и намалување на сивата економија, постепено зголемување на возраста за пензионирање и воведување програми на пазарот на труд за преквалификација на постарите лица кои се способни да работат и алтернативни мерки за зголемување на приносите од инвестициите на пензиските фондови. 

Во интервјуто, што директорот на Канцеларијата на Светска банка го даде пред неговото заминување од државава, открива која е неговата следна дестинација каде ќе работи, а дава и свој осврт на економијата во земјава во текот на изминатите пет години и говори и за важноста од приклучувањето во СЕПА.

- Слично на другите земји во Западен Балкан, со просечна стапка на раст на БДП по глава на жител забележана помеѓу 2010 и 2023 година, растот со сегашните стапки нема да биде доволен за да се премости јазот со ЕУ во однос на БДП по глава на жител. Забрзувањето на конвергенцијата ќе бара амбициозни и одржливи реформски напори за подобрување на поврзаноста во контекст на зголемена регионална интеграција, поттикнување на иновациите, генерирање квалитетни вработувања, зголемување на продуктивноста, унапредување на дигитализацијата и зајакнување на фискалното управување. Овие напори се од суштинско значење за зголемување на потенцијалната стапка на раст на економијата и решително движење кон нивоата на приходи во ЕУ. Сепак, реформите бараат време за да генерираат долгорочни резултати. Како такви, тие треба да се одржуваат со текот на времето и низ политичките циклуси, со што ќе се избегнат чести промени на политиките.

ПРЕПОРАЧАНО