Економија
„Да си ја средиме сопствената куќа“, Лагард има одговор за царинската политика на Трамп
04.07.2025
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, смета дека Европската Унија треба да одговори на царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп со зајакнување на својот единствен пазар.
- Секако, САД се голема земја, важно место, а исто така и важен трговски партнер за нас. Но, она што треба да го направиме е да си ја средиме сопствената куќа, изјави денеска шефицата на централната банка за германското радио.
- Имаме огромен потенцијал во Европа, рече таа и ја нагласи важноста да се обезбеди слободно движење на стоки, капитал и луѓе во рамките на заедницата, пренесе ДПА.
Лагард повика да се надминат внатрешните бариери и дополнително да се усогласат процедурите за лиценцирање и другите национални барања, објави МИА.