Економија
НАМАЛУВАЊЕ НА ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА СО ГЕРМАНИЈА И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, ПОРАСТ СО БУГАРИЈА, СРБИЈА, КИНА И УНГАРИЈА
04.07.2025
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – мај 2025 година, изнесува 206 207,4 милиони денари и бележи пораст од 3,2 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – мај 2025 година, изнесува 289 086,8 милиони денари, што е за 1,0 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – мај 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина, кои учествуваат со 47,0 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 60,7 % во вкупната размена.
Во периодот јануари-мај 2025 година во однос на јануари-мај 2024 година тргговската размена изразена во долари меѓу Македонија и Германија е намалена за 10 отсто, со Велика Британија е намалена за 5,1 отсто, додека во размената со Бугарија имаме зголемување од 11 отсто, со Србија 11,4 отсто, размената со Кина е зголемена за 13,6 отсто и со Унгарија за 17,3 отсто.
Главни поенти
Извоз јануари – мај 2025 година во однос на јануари – мај 2024 година
- 206 207,4 милиони денари: +3,2 %
- 3 347,7 милиони евра: +3,2 %
- 3 626,7 милиони САД долари: +3,3 %
Увоз јануари – мај 2025 година во однос на јануари – мај 2024 година
- 289 086,8 милиони денари: +1,0 %
- 4 693,5 милиони евра: +1,0 %
- 5 075,0 милиони САД долари: +1,0 %