Економија

КОЛУМНА | ГОРАН ПЕТРЕВСКИ: Капитализам на американски начин: што можеме да научиме?

Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Неодамна ја прочитав книгата „Капитализмот во Америка: Економска историја на Соединетите Држави“ чии автори се прославениот претседател на ФЕД Алан Гринспен и новинарот Адриен Вулдриџ. Во неа се опишува економскиот развој на САД од прогласувањето на независноста до денес, а сето тоа е направено на јасен и на разбирлив стил кој не бара никакво претходно економско знаење, што ја прави привлечна за пошироката читателска публика. Поради тоа на читателите на „Економија и бизнис“ најтопло им ја препорачувам оваа интересна книга која нуди неколку основни лекции за начините на кои некоја земја може да оствари економски напредок.



Сепак, има надеж
Книгата започнува со многу интересен и забавен приказ на замислена верзија на Светскиот економски форум во Давос, одржан во 1620 година. Тоа е времето кога САД не постоеле како независна држава, туку источниот дел на Северна Америка бил само англиска колонија, населен само со неколку малечки и сиромашни населби. Остатокот од континетот бил речиси ненаселен и по него слободно се движеле милионски стада бизони, а бескрајните шуми биле преполни со волци и со мечки. Со други зборови, најмоќната држава на денешнината и една од најголемите сили во историјата на човештвото пред 400 години била пустелија – во исто време кога Отоманското Царство било страв и трепет, а Европа се гордеела со џиновските катедрали и со раскошните дворци, како и со големите сликари (Микеланџело, Леонардо, Рубенс, Дирер итн.) и со генијалните поети (Данте, Петрарка итн.). Дури и кон крајот на 18 век, т. е. непосредно пред стекнувањето на независноста, САД била далеку зад Европа: на пример, 90 % од луѓето живееле во селата, а само три града (Њујорк, Филаделфија и Бостон) имале над 16 000 жители. За споредба, тогаш Лондон имал 750 000, а Пекинг дури 3 милиони жители!
Лекција број 1: Примерот на САД покажува дека заостанатите земји не се осудени вечно да бидат такви. Напротив, постои светло на крајот од тунелот и секоја земја може за прилично брзо време да стане развиена. Впрочем, САД не се единствениот ваков пример (сетете се на Јапонија, на Јужна Кореја, на Ирска или на Исланд).

Човекот се учи додека е жив
На почетокот, САД учеле од Британија – првата парламентарна демократија и лулката на Првата индустриска револуција. Имено, благодарение на заедничкото културно наследство, САД едноставно ги презеле најдобрите англиски институции – ограничената влада, почитувањето на човековите права, берзите итн. За разлика од мачниот европски пат кон заеднички пазар, САД уште од самиот почеток воспоставиле заеднички слободен пазар меѓу колониите (државите) без никакви меѓусебни даноци. Исто така американските претприемачи редовно ги посетувале англиските саеми, учеле од англиските фабрики, па дури и ги краделе нивните индустриски тајни. На пример, во 1790 година, Алми и Браун направиле текстилна фабрика според нацртите кои ги украл Семјуел Слејтер (наречен предавник од Британците), а во 1815 година Френсис Кабот Ловел изградил текстилна фабрика со 300 вработени врз основа на примерите кои ги видел во Ланкашир.
Лекција број 2: Отвореноста кон светот и учењето од успешните е рецептот за развој. Малите сиромашни земји можеби не можат сами да откриваат нови работи, но можат да ги преземат, да ги приспособуваат и да ги развиваат технолошките, организациските и менаџерските изуми од развиените земји.

Не плукајте по бизнисот
Уште од самото раѓање, САД станале земја на бизнисот во која сите биле опседнати со работата, со трговијата и со деловните зделки воопшто, а материјалниот успех (богатството) се наметнал како врховна цел во животот. Впрочем, во 30-тите години на 19 век, Американците почнале да го користат зборот „бизнисмен“ за да означат човек кој се занимава со трговски трансакции, а претходно овој збор се користел за човек што се занимава со јавните работи. Таквиот општествен амбиент предизвикувал чудење и восхит кај туѓинците кои ја посетувале оваа неверојатно динамична земја. На пример, еден аргентински посетител забележал дека Јенките се подвижни работилници; Токвил пишувал дека целото општество претставува една огромна фабрика и дека не познава земја во која луѓето се толку опседнати со богатството; а Чарлс Дикенс, исто така, пишувал за извонредното американско претприемништво.
Лекција број 3: Рецептот за економскиот развој е многу прост – работа, работа и само работа. Ние во сиромашните земји им се восхитуваме на развиените економии како божем тие да го добиле богатството на лото. Економскиот развој бара крв, пот и солзи и секој член на општеството мора неуморно да работи ако сака лично тој и неговата земја да бидат побогати. Ако некој мисли дека развојот паѓа од небо, задолжително нека ја прочита книгата на Гринспен и на Вулдриџ.

Само една има вистина
Во тесна врска со претходното, уште од самиот почеток, САД станале лулка на патентите и на иновациите. Така еден британски посетител забележал дека секој работник и секој газда во Нова Англија постојано измислува нешто ново за да си ја олесни работата. Дури и Абрахам Линколн, кој бил адвокат, постојано се интересирал за секоја машина и застанувал на улица за да види како работи, па дури патентирал направа за подигнување на бродовите во плитките води. Согледувајќи ја важноста на иновациите и на заштитата на интелектуалната сопственост, уште во 1790 година САД имале закон за патентите, а надоместокот за патентите изнесувал само 5 % од оној што се наплаќал во Англија. Оттука, веќе во 1810 година, САД ја претекнале Британија по бројот на патентираните изуми по глава на жител. Поплавата од иновации може да се отслика со фактот дека од 1860 до 1890 година во САД биле регистрирани дури 500 000 патенти!
Списокот на американските иноватори е бескраен, но ќе наведеме само неколку примери од раната економска историја на САД. Фредерик Тјудор се сетил да извезува мраз во тропските земји; чевларот Ариел Брег започнал да произведува стандардни чевли наместо како дотогаш посебно за секој муштерија; Во 1793 година, веднаш по враќањето од студиите, младиот Ели Витни измислил машина за памук која го забрзала производството за дури 25 пати; Семјуел Морзе бил сликар и професор по уметност на Њујоршкиот универзитет, но ја напуштил работата и во 1844 година го измислил телеграфот; Сајрус Мекормик во 1833 година создал механичка жетварка (еден вид комбајн) која заменувала петмина работници; во 1837 година, Џон Дир го измислил тракторот; група касапи од Синсинати во 30-тите години на 19 век го измислиле современото сериско колење свињи, а касапите од Чикаго ја копирале идејата при колењето на говедата; Исак Сингер (кој, патем, бил хохштаплер со три семејства истовремено и имал 24 деца) во 40-тите години на 19 век ја измислил машината за шиење; Чарлс Гудиер бил чувар без никакво хемиско образование, но по долги години поминати во тешка сиромаштија, во 1844 година ја измислил автомобилската гума; во 1869 година, Џозеф Кембел започнал да конзервира зеленчук и месни производи, а истата година Хенри Хајнц почнал да продава пакувана храна; Томас Едисон, иако имал скромно формално образование, создал еден куп изуми, а во 1876 година ја направил првата индустриска лабораторија, вработувајќи германски доктори на науки; истата година Александер Греам Бел, кој не бил ни технолог ни инженер, туку професор по вокална физиологија, го измислил телефонот; во 1877 година, Густавус Франлин Свифт ги измислил железничките вагони-ладилници; во 1886 година, Сиарс и Робак формирале фирма за продажба преку пошта од каталог и направиле револуција во трговијата на мало; браќата Рајт произведувале велосипеди, но во слободното време успеале да направат авион и во 1903 година го извеле првиот лет; по една посета на чикашките касапи, Хенри Форд ја добил идејата за масовното производство на принципот на подвижната лента и во 1908 година го направил легендарниот автомобил, моделот Т.
За разлика од Европа, во САД иновациите не биле производ само на учените луѓе (професорите и истражувачите од универзитетите), туку голем дел од изумите се дело на необразовани и сиромашни луѓе. Уште повеќе, американските иновации не претставувале само научни изуми туку тие имале практична примена, т. е. биле најтесно поврзани со бизнисот. Всушност, токму благодарение на иновациите и на претприемништвото, САД станале земја на можностите (land of opportunities) во која било можно да се изоди патот од „нула до херој“ (from zero to hero). Дури и некои од легендарните богаташи започнале од нула. На пример, Карнеги бил син на пропаднат шкотски бизнисмен кој се преселил во САД без скршена пара, а тој работел како трчкало во една текстилна фабрика; татко му на Џон Рокфелер бил бигамист и силувач кој го напуштил семејството поради некоја помлада жена; Корнелиус Вандербилт почнал да заработува од превоз на патници со чамец од Њу Џерси до Њујорк; Колис Хантингтон дошол во Калифорнија да бара злато, но сфатил дека полесно ќе се збогати ако на рударите им продава копачи и лопати.
Лекција број 4: Во животот на поединецот и на општеството има само една вистина – никогаш не смеете да застанете, туку постојано мора да одите напред и да се трудите да бидете подобри од другите. Можеби филозофите и психолозите ќе речат дека конкуренцијата, натпреварот и борбата се нездрави и се нехумани, дека се извори на притисок и на фрустрации, дека постојат многу поважни духовни вредности итн. За жал, економскиот развој претставува вечна трка во која нема милост и во која се бројат само победите и победниците.

Патишта наместо споменици
Во голема мера брзиот економски развој на САД се должи на нејзините огромни природни богатства. Се разбира, за да бидат фактор на развојот, тие треба да се искористат, а за тоа е потребна развиена патна мрежа. Оттука не зачудува тоа што од самиот почеток Американците го „преорале“ континентот во сите насоки, неуморно градејќи пловни канали, пристаништа и железнички пруги, а подоцна и автопатишта. На пример, во 20-тите години на 19 век започнала изградбата на каналот од Албани до Бафало во должина од 363 милји, кој ги намалил трошоците за превоз на стоката за 75 %, а благодарение на него Њујорк станал главно пристаниште. Во 1855 година, група бизнисмени направиле канали поврзани со Големите Езера, зголемувајќи го локалниот превоз на товар од 14 500 тони на 325 400 тони за само десет години. Во 1830 година била изградена првата железничка пруга, а веќе до Граѓанската војна САД имале поголема железничка мрежа од Англија, Германија и Франција заедно. Воопшто не треба да се нагласува дека развојот на патната мрежа довел до намалување на трошоците на фирмите, до огромен пораст на продуктивноста и до подем на внатрешната трговија.
Лекција број 5: Економскиот развој бара инвестиции во сообраќајна инфраструктура. Спомениците, парковите и поплочените тротоари се убава работа, но имаат само една маана – не носат економски развој.

Множете се...
Економскиот подем на САД бил придружен со невиден раст на населението кој делумно бил последица на природниот прираст, а делумно се должел на постојаниот прилив на доселеници од сите континенти. Така американското население се зголемило од 4 милиони во 1790 година на 30 милиони во 1860 година (шестпати повеќе од светскиот просек), а потоа од 40 милиони во 1870 година на 99 милиони во 1914 година. Уште од првите денови САД биле неверојатно отворени при што во земјата се доселиле милиони луѓе кои со своите знаења и залагања дале голем придонес за американската индустриска машинерија. Оттука, во 1864 година, бил донесен посебен закон за доселувањето и било основано Бирото за имиграција. Во 1890 година, 80 % од населението на Њујорк и 87 % во Чикаго го сочинувале доселениците од првата или втората генерација. Впрочем, значаен дел од големите американски изумители и претприемачи се доселеници (Александар Бел, Ендрју Карнеги, Никола Тесла, Џорџ Мичел итн.), а дури и денес 20 % најголемите американски фирми се основани од имигранти (Дипон, АТиT, Гугл, еБеј, Проктер и Гембл, Хајнц).
Лекција број 6: Развојот не е можен без луѓе, односно економскиот и демографскиот раст одат рака под рака. Обратно, демографската стагнација е голема кочница на развојот. Оттука, колку да звучи како ерес, земјата која нема сопствено население нема друг избор, туку мора да увезува туѓинци. Се разбира, тоа предизвикува бројни културни и социјални последици, а некој ќе рече дека на тој начин се загрозува и „чистотата“ на нацијата, но тоа е тоа – бабите, дедовците и гробовите на предците не носат развој.

Знаењето е сила
Повеќе од еден век пред основањето на САД, колониите го сфатиле значењето на образованието и започнале да отвораат универзитети, а Масачусетс со закон ги обврзувал родителите да ги научат децата да читаат. Во 1776 година, во САД имале девет колеџи, основани од одделните верски заедници, а потоа дошло до експлозија во високото образование заснована врз принципите на слободен пазар и на конкуренција. Како резултат на тоа, непосредно пред Граѓанската војна имало околу 900 колеџи. Ваквиот пристап на отворање универзитети драстично се разликувал од практиката во европските земји. На пример, во тоа време, во Англија имало само четири универзитети!
Лекција број 7: Образованието е темел на економскиот развој зашто современите технологии можат да ги совладаат само образованите луѓе. Сепак, во оваа област не е важен квантитетот, туку квалитетот зашто од образованите глупаци (што би рекол легендарниот американски музичар Куртис Мејфилд) нема никакава корист.

Државата како маќеа
И така дојдовме до најинтересната одлика на економскиот развој на САД во првите 150 години – слободниот пазар без државна интервенција. Од 1836 до 1913 година, САД немале централна банка, а сепак просечната инфлација изнесувала 0,2 %! На истата линија бил и фискалниот систем – до 1913 година немало федерален данок на доход! Од 1800 до 1917 година, вкупната јавна потрошувачка на САД (федералната, државните и локалната власт) цело време била помала од 8 % од БДП. Исто така во тоа време не постоеле ниту министерство за образование ниту министерство за трговија (економија). Всушност, во 1871 година, федералната влада имала само 51 000 вработени од кои 37 000 работеле во поштата, т. е. речиси да не постоела државна администрација. На пример, претседателот Гровер Кливленд сам се јавувал на телефон и сам ја отворал влезната врата на Белата куќа!
Лекција број 8: Преголемата државна интервенција (а таа речиси секогаш е преголема) претставува неиздржлив товар за бизнисот и го кочи економскиот развој. Илјадниците страници законски прописи во кое се пропишува сѐ и сешто (книгата на дипломираните студенти да се води со сино мастилно пенкало, продавниците да ги објават цените на своите интернет-страници итн.), бројните министерства (за спорт, за политички систем итн.) и државни агенции (за пошти, за правата на заедниците, за примена на јазикот, за верски односи, за администрација, за заштита од дискриминација, за корупција итн.) кои не знаат што да прават со себе – сето тоа никако не му помага на развојот. Напротив, примерот на САД покажува дека најдобрата развојна политика е онаа во која малата државна администрација ако веќе не може да му помогне барем не му одмага на бизнисот.

Наместо заклучок
Нема друг начин за поголем животен стандард освен работата, знаењето и иновациите. Сето тоа треба да го поддржи државата со институции и со политики кои се пријателски настроени кон бизнисот. Нека каже кој што сака, ама само бизнисот создава работни места, а тие создаваат богати и задоволни луѓе.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано