Економија
ЕВРОПСКАТА УНИЈА СЕ ПОТЕШКО ИЗВЕЗУВА, СТРМОГЛАВ ПАД НА СУФИЦИТОТ ВО ЈУНИ
20.08.2025
Европската Унија регистрираше суфицит од осум милијарди евра во трговијата со стоки во јуни оваа година, додека во истиот месец минатата година суфицитот изнесуваше 20,3 милијарди евра.
Вредноста на извозот на стоки од Европската Унија кон остатокот од светот во јуни изнесуваше 213,7 милијарди евра, што е приближно иста вредност како и во истиот месец минатата година, додека вредноста на увозот во ЕУ се зголеми за 6,4 проценти на годишно ниво на 205,7 милијарди евра.
Вредноста на извозот од Европската Унија во Соединетите Американски Држави, кој е во центарот на вниманието поради царините на претседателот Доналд Трамп, се намали за 10,3 проценти на годишно ниво на 40,2 милијарди евра, додека увозот од Соединетите Американски Држави се зголеми за 16,4 проценти на 30,6 милијарди евра. Јунскиот суфицит на Европската Унија во трговијата со САД изнесува 9,6 милијарди евра, пренесува Бизнис.рс.
За само една година, суфицитот на Европската Унија падна од 20,3 милијарди евра на осум милијарди, а на еврозоната од 20,7 милијарди на само седум милијарди евра. Ова е првата проценка на Евростат за салдото за јуни 2025 година во споредба со истиот месец минатата година, додека трговскиот суфицит на ЕУ со светот во првата половина од оваа година се намали за 12,8 милијарди евра (на 80,1 милијарди) во споредба со истиот период минатата година.
Ова забрзано топење на суфицитот се должи првенствено на зголемениот увоз на стоки во Унијата, додека извозот стагнира.
„Слабеењето на конкурентноста на европската економија беше дополнително поттикнато од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини. Иако Европа на крајот успеа да добие нешто поблаг модалитет на царините на Трамп, тие сигурно не се пожелно сценарио за економиите на Европската Унија и САД“, вели Горан Бутурац, истражувач во Економскиот институт во Загреб (ЕИЗГ), специјализиран за меѓународна трговија, во изјава за Пословни дневник.
Најновите податоци на Евростат сугерираат дека во јуни оваа година, најсилната економска структура на Унијата - Германија - забележа пад на извозот на годишна основа од 5,2 проценти. Втората најголема европска економија - Франција, исто така, имаше намалување на извозот, за 6,7 проценти. Сепак, Италија го зголеми извозот за 5,2 проценти во исто време.
Падот на вредноста на извозот најмногу ги погоди европската хемиска и автомобилска индустрија.
фото freepic