Економија

ЕУ ќе купува од САД течен гас, нафта и производи од нуклеарна енергија за 750 милијарди долари, ЕУ и САД со заедничка изјава за трговскиот договор

Европска Унија и САД денеска објавија заедничка изјава за договорот што двете страни го постигнаа во нивниот трговски спор.

- Овој рамковен договор ќе ги постави нашите трговски и инвестициски односи, едни од најголемите во светот, на солидна основа и ќе даде нов импулс за реиндустријализација на нашите економии, се наведува во заедничката пишана изјава.

Економиите на САД и ЕУ заедно сочинуваат 44 проценти од светската економија.

Клучните точки во документот вклучуваат царини од 15 проценти за повеќето европски стоки увезени во САД, со специфични стапки за автомобили поврзани со законодавните активности на ЕУ.

Брисел се согласи да ги суспендира царините за индустриски стоки и за голем број земјоделски производи, а  САД исто така ќе ги намалат царините.

Договорот опфаќа купување на енергетски суровини за 750 милијарди долари и 600 милијарди долари инвестиции од ЕУ до 2028 година. Договорот, исто така, влијае на дигиталната трговија и еколошките прописи.

Претседателот на САД, Доналд Трамп и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен кон крајот на минатиот месец објавија сеопфатен трговски договор со кој ќе се воведат царини од 15 проценти за повеќето европски стоки. Со тоа се избегнаа царините од 30 отсто, што ги најави Трамп доколку не се постигне договор до 1 август. 

Намалувањето на американските царини за автомобили и автоделови ќе стапи на сила првиот ден од месецот во кој ЕУ ги спроведува ветените закони, нудејќи ретроактивно олеснување за производителите на автомобили, според заедничката изјава.

Во соопштението, исто така, се наведува дека почнувајќи од 1 септември, САД ќе наплаќаат најниска царина на најповластена нација само за увоз на европски авиони и делови за авиони, генерички лекови и состојки, хемиски прекурсори и недостапни природни суровини, како што е плута.

Од друга страна, ЕУ ќе купува од САД течен природен гас (LNG), нафта и производи од нуклеарна енергија во вредност од 750 милијарди долари и американски чипови за вештачка интелигенција во вредност од 40 милијарди долари, се истакнува во заедничката изјава.

Покрај тоа, компаниите од Европската Унија ќе инвестираат дополнителни 600 милијарди долари во стратешките американски сектори до 2028 година. 

Двете страни се обврзаа да се справат со „неоправданите бариери за дигиталната трговија“, се вели во соопштението, а ЕУ вети дека нема да воведува такси за користење на мрежата.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано