Економија
Канцеларот Мерц со самокритика: Германија е во длабока структурна криза
23.08.2025
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека економските предизвици со кои се соочува земјата се многу посериозни отколку што претходно се проценуваше, нагласувајќи дека Германија повеќе не поминува низ привремен пад, туку е во длабока структурна криза.
„Го кажувам ова самокритично, оваа задача е поголема отколку што некој можеше да замисли пред една година“, рече Мерц денес во обраќањето пред членовите на неговата Христијанско-демократска унија (CDU) во Оснабрик.
Мерц истакна дека голем дел од германската економија повеќе не е конкурентен во однос на цените, иако квалитетот останува висок.
Како пример, тој го наведе падот од 36 проценти на нето добивката на Фолксваген во вториот квартал, нагласувајќи дека тоа е само „една од многуте пораки“.
„Квалитетот останува добар, но основните услови за работење во Германија не се задоволителни во последните десет години“, рече германскиот канцелар, наведувајќи ги високите цени на енергијата и американските тарифи како клучни фактори што влијаат на падот на индустријата.
Откако ја презеде функцијата на германски канцелар, Мерц вети сеопфатни реформи насочени кон намалување на административните бариери, модернизирање на инфраструктурата и зголемување на домашната побарувачка.
Коментирајќи ги трговските односи со Соединетите Американски Држави, Мец рече дека американските царини од 15 проценти за германскиот извоз би претставувале дополнителен товар за економијата, но додаде дека трговската војна со Вашингтон би имала многу посериозни последици, пренесува Сеебиз.