Интервјуа

ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА НА ПАЗАРОТ НА СТРУЈА ЌЕ ДОНЕСЕ ПОНИСКИ ЦЕНИ

Кочо Анѓушев

Групација „Фероинвест“

 

 

Ве идентификуваат со Брако од Велес, со ЕДС и со други компании, а всушност сите тие се под капата на Групацијата Фероинвест. Кажете ни малку повеќе за самата Групација, за нејзината историја, за структурата и за економските индикатори.

К. Анѓушев: „Фероинвест“ функционира како типичен холдинг иако Законот за трговски друштва не предвидува холдинг како официјална структура на организација. Затоа можам слободно да кажам дека станува збор за инвестициска фирма, односно мајка-фирма на три групации. Првата е „Брако“ каде што влегуваат фабриките „Брако“ во Велес и „Брако“ во Панчево, бензинска пумпа, транспортната компанија „Брако Транс“ (работи за наши потреби). Втор домен се обновливите извори на електрична енергија каде што функционираат мали хидроелектрани, „Аква Ват“ – проектантско биро за електрани и „Енерџи меинтенанс солушн“ (Energy Maintenance Solutions) – мониторинг и одржување на електраните во наша сопственост и опслужување на други хидроелектрани. Трета група е Групацијата на ЕДС (снабдување со електрична енергија) со неколку подружници во регионот. Минатата година „Фероинвест“ имаше околу 140 до 150 милиони евра промет. Во рамките на Групацијата има околу 780 вработени.


Најавена е нова инвестиција на Брако, од 4 милиони евра, за нова производна хала и за нова опрема. Пред да се осврнеме на конкретната инвестиција, како всушност започна приказната на Брако?

К. Анѓушев: „Брако“ беше фабрика во стечај и малкумина знаат дека „Брако“ воопшто и не постоеше како име, официјалното име беше „Метална индустрија Браќа Кошулчеви”. „Брако“ е кратенка од имињата „Бра” од „Браќа” и „Ко” од „Кошулчеви”, а тоа всушност беше брендот на производот, односно приколката. „Брако“ беше 9 години во стечај со огромни кредити. Ние во 2003 година ја откупивме фабриката, само нејзиниот имот, од Агенцијата за санација на банки. Со капиталот на „Тргофер“ и со нашите заложби, според сопственоста – 50 % „Фероинвест“ и „Тргофер“ 50 %, почнавме да ја развиваме „Брако“. Фабриката ја најдовме во очајна состојба, сѐ што можело од неа да биде однесено беше однесено. Започнавме да ја развиваме жичената програма каде што „Брако“ имал многу мал сегмент на производство. Имавме поволни услови за старт со оглед на тоа што два големи капацитети, еден во Србија и еден во Бугарија, тогашни големи производители на жичени производи, западнаа во неприлики и се ослободија пазарот и просторот за „Брако“. Ние тој простор го искористивме, брзо сфативме дека мора да се позиционираме во близина на река за да го оптимизираме превозот, па затоа го направивме погонот во Панчево, поради транспортот и транспортните трошоци и „Брако“ така започна да расте. Денес „Брако“ е најголем производител на жичени производи во Југоисточна Европа, со некои 2 и пол илјади тони месечно. Започнавме со нови програми како медицински мебел, програма што денес носи промет од 5 милиони евра годишно. Потоа следуваа телекомуникациска опрема и столбови, контејнери, опрема за виљушкари, опрема за хидроелектрани и турбини и, конечно, делови за камиони. Неколку наши камиони кои се произведени ја чистат Ница, го чистат Хунгароринг каде што се одржува „Формула 1“, тоа се возила што се произведени кај нас во фабрика.

Какви се очекувањата од новата инвестиција на Брако во поглед на производството, новите работни места, пласманот на производите?

К. Анѓушев: „Брако“ од 2003 година до денес ниедна година нема раст помал од 10 %. Токму тоа нè обврзува да го задржиме растот со инвестиции во нова опрема и технологија. „Брако“ постојано инвестира во нова опрема и технологија. Ако почнавме со педесетина вработени, денес имаме 470 само во Велес. Оваа, последнава инвестиција е изградба на комплетно нова хала во која ќе бидат инсталирани најсовремените ЦНЦ (CNC) машини. Ќе направиме една комплетна линија во која ќе се произведува сѐ од лимови и цевки, ќе се обработуваат турбини и за мали хидроелектрани, но и за поголеми хидроелектрани. Таа инвестиција вреди околу 4 и пол милиони евра, ќе имаме 32 нови вработени со посебна програма во Велес со средното училиште. Ги поканивме сите средношколци што завршија во Средното техничко училиште на летна платена пракса, а од нив 32 во септември ќе бидат вработени, оние кои ќе бидат најдобри.

ГИ ОТСТАПИВМЕ СТАРИТЕ МАШИНИ НА СРЕДНОТО УЧИЛИШТЕ НА КОИ, ПОКРАЈ ПРАКСАТА, ЌЕ ПРОИЗВЕДУВААТ И ПОЕДНОСТАВНИ КОМПОЗИЦИИ ЗА „БРАКО“ ЗА ШТО ЌЕ ИМА И ФИНАНСИСКИ НАДОМЕСТОК. ОВА Е ВИН ВИН СИТУАЦИЈА ЗА СИТЕ И СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ТАА СОРАБОТКА ЌЕ ТРАЕ СО ГОДИНИ

Покрај соработката со средното училиште, има ли уште нешто во таа соработка?

К. Анѓушев: Ги отстапивме старите машини на средното училиште на кои, покрај праксата, ќе произведуваат и поедноставни композиции за „Брако“ за што ќе има и финансиски надоместок. Ова е вин вин ситуација за сите и се надевам дека таа соработка ќе трае со години.

Да се префрлиме на проблематиката на пазарот на електрична енергија: едно малку поопшто прашање, меѓутоа претпоставувам дека за дел од читателите е важно тоа што, всушност, значи процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија и до каде во моментов е стигната Македонија во тој поглед?

К. Анѓушев: Кога имате монопол нема конкурентност, а во случајов и премногу скриени трошоци кои ја обременуваат цената за крајните потрошувачи. Кога си монопол тогаш си премногу комотен, со помало респектирање на клиентите. Либерализацијата на електричната енергија треба да го разбие монополот и да се работи на пазарни основи. Во сета таа борба и конкуренција, на крај најголем интерес имаат клиентите, односно крајните потрошувачи. Тоа се потврди со делот на пазарот што се либерализираше во Македонија. Пластично ќе ви објаснам преку следново: само во првиот круг на либерализација излегоа 200 фирми од кои сите заедно трошеа 700 гигават часови. Тие заштедија 15 милиони евра на годишно ниво благодарејќи на либерализацијата. И сега, како одите надолу, тоа истото се повторува: сега со најновиот чекор, од 1 јули излегуваат нови 190 фирми, тие 190 фирми трошат некаде околу 300 гигават часови и за нив заштедата е отприлика слична: меѓу 20 и 40 % во зависност од фирма до фирма во тие специфики. Тука заштедата е нови 7 милиони евра. Сѐ заедно: 22 милиони евра што секоја година остануваат во индустријата и во бизнисот. Цената на електричната енергија има надолен тренд во светот. Но, ние не слушнавме дека од 2008 или од 2009 година наваму цената на електричната енергија за домаќинствата се намали толку колку што се намали цената на енергијата на пазарот. Таа беше 80 евра, денес е 36 евра. Мое длабоко убедување е дека цената на електрична енергија ќе паѓа или ќе биде на исто ниво пред сè поради обновливите извори на енергија во Европа на кои им помина Фид-интарифите и тие се сега практично бесплатен извор на енергија. Нив во Западна Европа и во развиените земји ги има многу. Сакам да кажам дека либерализацијата во Македонија наспроти тоа што сите очекуваа дека ќе донесе зголемување на цените на почетокот, јас и понатаму упорно тврдам дека ќе донесе намалување на цените сѐ до крајните домаќинства.

САКАМ ДА КАЖАМ ДЕКА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА НАСПРОТИ ТОА ШТО СИТЕ ОЧЕКУВАА ДЕКА ЌЕ ДОНЕСЕ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА ПОЧЕТОКОТ, ЈАС И ПОНАТАМУ УПОРНО ТВРДАМ ДЕКА ЌЕ ДОНЕСЕ НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ СÈ ДО КРАЈНИТЕ ДОМАЌИНСТВА

Каква би била користа за компаниите и за домаќинствата од заокружување на либерализацијата? Во овој контекст, позицијата на ЕДС на пазарот: што е тоа што им го нудите на компаниите?

К. Анѓушев: ЕДС се појави каков нов субјект на пазарот на либерализацијата на електрична енергија со тоа што ЕДС не е нова фирма во делот на електричната енергија, ние тоа го работевме неколку години наназад, но во делот на ритеилот. ЕДС е единствена фирма која има трејдинг центар во Македонија, која има конекции со сите берзи, која има свои ќерки-фирми во целиот регион. Ова е единствена фирма која има македонски капитал и македонска сопственост, а е присутна во другите држави како странски инвеститор за разлика од сите други фирми кои се од други држави, а се само ќерки-фирми во Македонија. Јас тоа би сакал посебно да го потенцирам поради тоа што сѐ што работиме тука останува во Македонија. ЕДС во делот на слободниот пазар има најголем удел – над 60 % во моментов и тука ние покажавме дека оваа работа знаеме да ја работиме и дека ја работиме прилично квалитетно. Мислам дека сите наши клиенти се задоволни, пред сè од аспект на ценовните заштеди во нивниот буџет, но исто така мислам дека либерализацијата придонесе и сите ние, добавувачите, вклучувајќи го и ЕВН, многу поголемо внимание да водиме за клиентите. Би ја споредил ситуацијата со либерализацијата во мобилната телефонија. Јас се сеќавам на првиот мобилен телефон, го барав, морав да платам 1 000 евра за картичката, па молев три месеци во „Телеком“ да ми дадат картичка, тоа беше една голема привилегија, додека денеска, кога има два мобилни оператори, „трчаат“ по вас, ви даваат бесплатни картички, „Мој круг“, бесплатни минути - истото е и со цената на електричната енергија. Вие треба цело време да се обраќате до еден монопол, кој воопшто не ве гледа, а сега веќе не е така, сега има некои снабдувачи кои за вас се грижат, кои „трчаат“ за да ве привлечат за да направите со нив договор, па тие за вас ја завршуваат таа работа, тие прават сѐ за вас.

Вашата Групација не се занимава само со трговија на електрична енергија, Вие исто така ги имате хидроцентралите кои се еден друг сегмент во електричната енергија.

К. Анѓушев: „Фероинвест“ е буквално првата фирма што почна со мали хидроелектрани. Нашите пионерски чекори во Македонија се во услови со сè уште неизградена легислативата до крај. Денес „Фероинвест“ има сопственост на 20 хидроелектрани, 5 се во фаза на градба. Но, исто така, „Фероинвест“ целосно го изведува проектот и градењето на десетина хидроелектрани за други лица по принципот клуч-на-рака. Овој сегмент, добро развиен во нашиот систем, нè прави особено горди бидејќи најголем дел од средствата наменети за градење на хидроелектраните остануваат во македонската економија – градат македонски градежни фирми и испорачуваме пред сè македонска опрема. Ако земете предвид дека 58 мали хидроелектрани се инвестиција од најмалку 140 – 150 милиони евра, тоа не се толку занемарливи бројки.

Регулаторната комисија објави намалување на цената на електричната енергија за 0.25 %. Дали е тоа долгорочно одржлив пристап, тренд, особено во делот на домаќинствата?

К. Анѓушев: Ние постојано тврдиме дека домаќинствата се субвенционирани од стопанството, и тоа навистина беше така, но да не заборавиме дека цената на електричната енергија во тој момент била 80 евра, а денес е 36 евра. И ние денес имаме една парадоксална ситуација каде што цената на енергијата е 36 евра, а мрежарината (или во сообраќајот тоа е патарината) изнесува 38 евра. Мислам дека ова е најскапа мрежарина во Европа што ние ја плаќаме. Сега домаќинствата плаќаат збирно, па кога ќе ги соберете тие две компоненти доаѓа поскапо од пазарната цена. Јас гарантирам и длабоко сум убеден дека ако денес се направи либерализација по постојните цени на пазарот, домаќинствата треба да плаќаат поевтино отколку што плаќаат. Намалувањето на цената не треба да биде незначително, да не се мери во 0,0 и нешто проценти. Регулаторната комисија работи на принцип на трошоци на подносителот на сметката. Многу е важно овој процес да биде критичен кон подносителите бидејќи ако вие ги гледате моите трошоци, а сите други треба да ги платат (во случајов граѓаните), можеби јас и вие лесно ќе се договориме за моите трошоци. Затоа мислам дека јавноста треба да биде малку подлабоко вклучена во анализата на тие трошоци и сето тоа треба да биде транспарентно.
Во поглед на тоа дали ова е долгорочен пристап, цената на електричната енергија во Европа падна на ниво од 24 до 25 евра, а за нас е 36 евра и тоа е затоа што тие сепак со крос бордер (cross-border) капацитетите „држат“ евтината енергија да не се прелее наваму. Прашањето е од каде е таа евтина енергија во Европа? Одговорот е прост: од обновливите извори на енергија. Зошто? Фид-интарифите во Западна Европа поминаа, сега имаат чиста и евтина енергија и тие практично го решија проблемот на конкурентноста на нивната економија. Во економијата на секој производ ви влегуваат неколку главни трошоци: суровините, работната рака, енергијата. Суровините се базираат на светска цена, намалувањето на цената на работната рака води кон намалување на стандардот на нивните жители, па одлуката беше да се најде начин да се намали цената на енергијата. Ова е долгорочно одржливо. Данска на пример има 120 % во ветерни електрани од своите потреби. Пред петнаесетина дена Германија за првпат во својата историја произведе во еден ден енергија за целата држава исклучиво од обновливи извори на енергија. Ако во енергетиката немате план за следните 5 до 10 години, воопшто и го немате.

Да го заокружиме делот од интервјуто за активностите на Вашите компании во Групацијата. Во која насока го гледате идниот развој на Групацијата и на нејзините членки?

К. Анѓушев: „Фероинвест“ се занимава исклучиво со техника и со инженерство и нормално својот развој го гледа во тој правец, нема да одиме во дејности кои не ни се познати нам, кои не можеме и не знаеме да ги менаџираме. Во делот на машинството планираме „Брако“ да го развиваме и цел ни е зголемување на растот од 10 % годишно. Имаме и планови за тоа, во делот на медицинскиот мебел воспоставивме соработка со најголемиот производител во светот „Инвакер“, во делот на камионите имаме веќе нови разговори за нови типови камиони – сега произведуваме само еден тип, гамата ќе ја прошириме со 7 до 8 типа, во тоа ќе помогнат многу новата опрема и хала што ги правиме и тука очекуваме сериозен развој во тој дел. Во делот на хидроелектраните во Македонија ќе ги завршиме сите проекти, сериозно излегуваме надвор од земјава и веќе првата опрема ја испорачавме во Албанија, а во тек се разговори за Црна Гора и за Албанија каде што има потенцијал за градење хидроелектрани. Во делот на ЕДС, нормално сите следни чекори на либерализацијата очекуваме да го зголемат нашето портфолио, но не само тоа, туку ЕДС направи најголема балансна група во Србија по државното Електростопанство на Србија, понатаму работиме во Хрватска, во Бугарија, во Косово, во Грција – интересно е да се каже дека добар дел од струјата што ја увезува Грција ја продава ЕДС така што ЕДС ја гледаме повеќе како регионално ориентирана фирма отколку само како македонски ориентирана фирма.

НИЕ ДЕНЕС ИМАМЕ ЕДНА ПАРАДОКСАЛНА СИТУАЦИЈА КАДЕ ШТО ЦЕНАТА НА ЕНЕРГИЈАТА Е 36 ЕВРА, А МРЕЖАРИНАТА (ИЛИ ВО СООБРАЌАЈОТ ТОА Е ПАТАРИНАТА) ИЗНЕСУВА 38 ЕВРА. МИСЛАМ ДЕКА ОВА Е НАЈСКАПА МРЕЖАРИНА ВО ЕВРОПА ШТО НИЕ ЈА ПЛАЌАМЕ

Да се осврнеме сега кон генералниот економски амбиент. Како ја оценувате постојната економска ситуација во Република Македонија и перспективите? Имате ли предлози за конкретни системски мерки со кои може дополнително да му се помогне на бизнис секторот во Македонија?

К. Анѓушев: За жал не можам да кажам дека ситуацијата во моментов е многу добра – сите ние гледаме што се случува во државава и мора да кажеме дека тоа има одраз и во работењето. Во делот на „Брако“ нема голема финансиска импликација бидејќи 95 % е извоз, но пак, од друга страна, ние извезуваме во 21 држава во моментов и сите тие наши партнери таму слушаат за Македонија и сите наши разговори почнуваат со објаснување од наша страна каква е состојбата тука, односно дали има сигурност во испораките и така натаму. Сето тоа го отежнува нашиот пристап и, на пример, ако сте вие еден купувач од Германија и соработувате со „Брако“ кој произведува во Германија и имате понуди од Бугарија или од Романија со речиси исти услови, тогаш би се определиле таму каде што вие се чувствувате стабилно и сигурно. Тие се членки на Европската Унија и мирни по политичка ситуација во моментов и за него тоа е важно. Мислам дека е добро таа ситуација кај нас брзо да се разреши на начин на кој ние ќе излеземе со дигнитет од сето ова. Да не излеземе како земја која сè срушила зад себе и тоа ќе се одрази и во бизнисот. Што се однесува до одредени системски мерки, мислам дека тука македонското стопанство треба да добие малку порамноправен третман со сите тие странски инвестиции поради тоа што сега се случуваат некои појави кои прават една дисторзија на пазарот, на пример кај работната рака. Јас во еден момент предложив една од мерките – кога ќе дојде странски инвеститор прво 90 % од вработените да ги земе од Бирото за вработување бидејќи целта е сепак да се обучат овие луѓе. Сега се случува поради бенефициите што ги имаат да земаат готов кадар од компаниите кои инвестирале во тој кадар со години.

Брако има ќерка-фирма во Панчево, во Србија. Би било интересно да ни кажете какви се Вашите искуства од соработката со тамошните власти: што прават тие за привлекување на странски инвеститори и каков е нивниот третман спрема нив?

К. Анѓушев: „Брако“ е присутен во Србија од 2005 година, практично ние го купивме српскиот погон кога сè уште немаше таму пакети за странски инвеститори и ние не влеговме со каква било привилегија за странски инвеститори. Можам да ви кажам за една ситуација кога беше Економската криза во 2009 година. Управителот на „Брако“ во Панчево ми се јави со една информација дека државата ни нуди некаков кредит, само со изјава дека ќе го вратиме, со 2 % годишна камата како помош за целокупната метална индустрија – таму тие во тој момент не правеа разлика меѓу домашни и странски инвеститори и ние добивме тогаш поволности. Практично целата метална индустрија во Србија во 2009/10 година доби ликвидни средства бидејќи тогаш таа беше погодена поради разликите во цени, поради падот на цените на металите. Ние иако, да речеме, добро го поминавме тој период, меѓутоа не правеа разлика меѓу домашен и странски инвеститор и ние добивме навистина на двапати, во две транши, во едната транша 300 000 евра и во втората транша 300 000 евра по исклучително поволни цени. Како споредба е дека тука во Македонија Европската инвестициона банка има 5 % камата, а ние во Србија добивме 2 % камата.

„БРАКО“ Е ПРИСУТЕН ВО СРБИЈА ОД 2005 ГОДИНА, ПРАКТИЧНО НИЕ ГО КУПИВМЕ СРПСКИОТ ПОГОН КОГА СÈ УШТЕ НЕМАШЕ ТАМУ ПАКЕТИ ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ И НИЕ НЕ ВЛЕГОВМЕ СО КАКВА БИЛО ПРИВИЛЕГИЈА ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ

За крај, што правите во слободното време? Што Ве релаксира од сето она што го носи Вашиот динамичен бизнис бидејќи бизнисот е голем, е комплексен, е разновиден?

К. Анѓушев: Секако гледам колку што може повеќе да украдам време од сето ова работење, за жал, тоа не останува многу. Гледам колку што можам да се посветам на семејството, гледам во недела како ден да бидам дома, да имам време за пријателите. Од рекреацијата, која ја нема премногу, останува како активност пешачењето. Секогаш сакам да избегам некаде каде што има море.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО