Интервјуа

ЛОШО ВОДЕНИТЕ ЕКОНОМИИ РИЗИКУВААТ ДА ЈА ИЗГУБАТ СЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Јоханан Шачмуров

Професор на Сити Универзитетот, Њујорк, САД

Господине Шачмуров, Вие сте професор на Сити универзитетот на Њујорк, САД. Да го започнеме ова интервју со Вашето гледиште за најновите економски трендови во САД и во Европа. Изгледа дека економското закрепнување, во периодот по Глобалната финансиска криза, сè уште не е стабилизирано и покрај контрацикличните фискални политики и олабавувањето на монетарните политики. Каков е Вашиот став и што треба да очекуваме во наредните 12 до 24 месеци?

Ј. Шачмуров: Јас сум оптимист и за САД и за европските економии. Земете ги, на пример, податоците на Бирото на САД за статистика на работната сила што покажуваат дека бројот на отворени работни места на крајот на април достигна 5,4 милиони места, највисоко ниво од почетокот на статистичката серија во декември 2000 година. Уште повеќе, бројот на отворени работни места практично беше непроменет во државниот сектор, што значи дека новите работни места дојдоа од приватниот сектор. Во периодот од април 2014 до април 2015 година, нови работни места се отворија во многу индустрии при што најголемите промени се случија во секторот услуги, професионални и деловни, како и во секторот здравство и социјална заштита.
Што се однесува до Европа, ќе Ви го дадам неодамнешниот пример на Исланд, земја што ја симболизираше финансиската криза откако нејзините три најголеми банки „однатре експлодираа“ во 2008 година. Откако Исланд воведе контрола на движењето на капиталот во текот на Глобалната финансиска криза, ваквиот потег помогна да се стабилизира банкарскиот систем на земјата. Потегот беше неопходен со цел да се спречи масовен егзодус на парите и да се сочува земјата од тонење. Седум години подоцна овие контроли се укинати бидејќи се врати стабилноста.
Предвидувањата на Светскаta банка, на ММФ и на ОЕЦД за стапката на раст во еврозоната (меѓу 1 и 2%) не носат возбуда според стандардите на Азија. Но, предвидувањата за многу задолжените земји од Јужна Европа се охрабрувачки (на пример, дека Шпанија ќе расте со стапка двојно повисока од европскиот просек), како и за земјите од Централна Европа како што се Полска и Унгарија. Може да се очекува дека ниските цени на основните производи, особено на нафтата, доколку продолжат ќе имаат значаен стимулативен ефект за регионот.
Човек може да дебатира дали владините политики го помогнаа или го забавија заздравувањето, но според мое мислење заздравувањето е во тек.

Во очите на одредени креатори на економските политики, турбулентните економски времиња ја зголемуваат привлечноста за трговски протекционизам. Што треба да се направи за да се запре таквата тенденција и да се одржи отвореноста на глобалната економија?

Ј. Шачмуров: Како архитект на добар дел од меѓународната економска инфраструктура (ММФ, СТО, ГАТТ итн.) САД играат одлучувачка улога како промотор на слободната трговија. За жал, комбинацијата на политички фактори влијае во насока на намалување на нивната способност да ја играат таа улога. Опозицијата на претседателството Транспацифичко партнерство, главно од неговата партија, што е загрижена за наводната закана за американските работни места во индустриите што бараат ниско ниво на вештини, го принуди да ја брани Спогодбата со реторика што, во основа, е националистичка и антикинеска. Она што можеше да биде скок напред во поглед на отвореноста на глобалната економија се заканува да создаде геополитички блокови што потсетуваат, ако не на Студената војна, тогаш на шемите за неоимперијалистички затворен пазар од раниот 20 век.
Американската способност да ја промовира слободната трговија е исто така погодена од зацврстените политички влијателни групи со свои интереси, што со децении вршат притисок на Вашингтон да води протекционистички политики, особено во земјоделството, но исто така се видливи и во политиките како што е забраната за извоз на сурова нафта. Пример за американската неспособност да дејствува во согласност со принципите на слободната трговија е и американско-бразилскиот спор за памукот. Во замена за отфрлање на предметот пред Светската трговска организација, што содржи обвинување дека американските субвенции за памукот прават дисторзија на пазарот, Бразил сега ќе добива стотици милиони долари годишно од американската Влада за покривање на загубите на бразилската индустрија за памук предизвикани од американските нефер политики. Дополнително, во 2014 година беа платени 300 милиони американски долари на бразилскиот Институт за памук за да се спречат бразилски одмазднички царини за американскиот извоз. Кога американската Влада не е способна да се спротивстави на притисоците од домашните производители кои се подготвени да ги поткупат странските производители за прифаќање нефер трговски режими, тоа дава лош пример за другите влади што се соочуваат со притисоци од нивните домашни групи со свои интереси.

Мислам дека најдобриот начин да се оди напред на долг рок е да се едуцираат луѓето во светот за економските и за социјалните користи од меѓународната трговија така што гласачите и креаторите на економските политики да станат поскептични за барањата на малите лобија за специјални интереси, што бараат протекционистички политики.
Друг „страничен“ производ од тековните глобални економски проблеми е војната меѓу валутите, што некако останува под радарот. Изгледа дека никој не сака неговата валута да апрецира во време кога е во тек економско заздравување. Што мислите за тоа?

Ј. Шачмуров: На последните американски претседателски избори Мит Ромни, кандидатот на опозицијата, во неговата платформа го вклучи обвинувањето дека Кина била „валутен манипулатор“. Секој ден се појавуваат статии за напорите на Јапонија, на Шведска, на Кореја, на Тајван и на други земји да ги девалвираат своите валути за да ја зголемат својата конкурентност. Девалвацијата на валутата може да го направи извозот поконкурентен на краток рок и ова е непосакувана последица од санкциите против Русија, чија челична индустрија цвета поради евтините домашни инпути и ја ослабува конкуренцијата во странство. Најголемиот дел од креаторите на економските политики веројатно разбираат дека на долг рок девизните курсеви можат малку да направат во обликувањето на трговијата, но во голем број на развиени земји, каде што идејата дека брзото размрдување може да ја врати економијата во нормала, бумот на извозот на краток рок изгледа доволен за да го поттикне идниот просперитет.
Во земјите во развој што го следеа моделот на азиските тигри се мисли дека извозот е најдобриот придвижувач на развојот така што се жртвуваат другите интереси за да се сочуваат девизните курсеви релативно ниски и извозот конкурентен. Стратегијата може да функционира, но само доколку доволно други земји не прават и самите девалвации за одржување на конкурентноста. Сега земјите од Источна Азија имаат корист од оваа стратегија во поглед на вработеноста бидејќи американските и европските земји се воздржаа од влегување во валутна војна. Доколку се придружат, тогаш двете страни губат така што би било најдобро да се прекине војната.
Во однос на земјите што размислуваат за девалвација заради подобрување на конкурентноста мислам дека треба внимателно да ги разгледаат користа и трошоците. Генерално, пониските увозни цени не се лоша работа. Доколку земјите одлучат да ни ги продаваат нивните производи поевтино, преку манипулирање со нивните валути, нека го направат тоа. Во глобалната економија е тешко да се докаже дека една земја ќе стекне монополска моќ преку елиминирање на конкурентите и ќе претставува закана за светот преку монополски цени за есенцијална стока, барем јас не го гледам тоа така. Евтиниот увоз е добар за потрошувачите, но исто така сакаме да ја искористиме предноста и од евтини инвестициски добра. Увезените инвестициски добра можат да ја зголемат нашата граница на производни можности, што ќе нè направи поефикасни и попродуктивни во иднина и доколку тоа можеме да го направиме со дисконт поради странските стратегии за девалвација, треба да направиме така.

 

Кога ќе се земат предвид движечките сили што ја предизвикаа неодамнешната Глобална финансиска криза, дали мислите дека овие фактори се елиминирани или само потиснати. Изгледа како сè уште да има ризици што се присутни во финансискиот сектор. Дури има мислења дека во периодот што доаѓа ќе има друга финансиска криза. Дали се согласувате?

Ј. Шачмуров: Да, и овојпат не е различно од другпат. Сум пишувал навистина многу на оваа тема.
Како се дефинира периодот што доаѓа? Во капиталистичките економии, придвижувани од пазарите, изгледа како добро правилото дека секогаш ќе има нова финансиска криза. Некои од директните причини за неодамнешната финансиска криза се елиминирани, како што се лабавите правила што овозможија толку многу недоволно квалификувани позајмувачи да земат станбени кредити по пониска каматна стапка или погрешните равенки што ги користеа агенциите за одредување на кредитниот рејтинг, кои равенки им овозможија да даваат добри рејтинзи на хартии од вредност поткрепени во целост од високоризични станбени кредити. Меѓународната регулаторна рамка што произлезе од базелските стандарди ги направи главните финансиски институции поотпорни, а токму ранливоста на овие институции кај последнава криза, преку запирање на кредитите, предизвика финансиската криза да стане економска криза.
Сето ова се добри вести за оние кои посакуваат да се избегне повторувањето на кризата 2007–2009 година, но следната криза никогаш не е повторување на претходната криза. Генерално гледано, следната финансиска криза ќе биде предизвикана од истите човечки фактори како и сите претходни кризи. Неодамнешната казна од 8,9 милијарди американски долари, платена од БНП Париба на Владата на САД поради непочитување на американските економски санкции, и спогодбениот договор на една милијарда долари исплатени од Џеј Пи Морган по познатото фијаско „Лондонски кит“ покажуваат дека големите финансиски институции сè уште се расположени да преземаат големи ризици за да дојдат до големи заработувачки. Иновациите во секторот финансии се наградени исто толку дарежливо (ако не и повеќе) како и иновациите во секторот технологија и производство, со помалку доверливи докази дека тие придонесуваат за продуктивноста.
Државниот долг во светот расте побрзо од економијата, ситуација што е особено компликувана во Европа каде што на толку многу држави им недостасува независна контрола врз монетарната политика. Многу аспекти на кинеската економија остануваат магловити за надворешните набљудувачи, како и за внатрешните исто така. Како што беше и во 2006 година, модерната економија е многу комплексна, креаторите на политиките и регулаторите не можат да го разберат секој нејзин аспект онака како што тие би сакале или онака како што очекува јавноста. Сè додека постои компромис меѓу ризикот и заработувачката, а луѓето и нациите се обидуваат да си го подобрат животот, секогаш ќе има ризик при што одредена комбинација на фактори ќе го најде вистинскиот начин за да се произведе нова криза. Економистите можат многу да наликуваат на генералите, секогаш подготвувајќи се како за последната битка, само што ние секогаш се обидуваме да најдеме лек за причините за последната финансиска криза, но не и за следната криза. И, да повторам, алчноста и лошото однесување нема да исчезнат од планетата Земја.
Ова изгледа многу песимистички... Но, прифаќањето на фактот дека ќе има криза е првиот чекор во правењето на соодветни подготовки (на пример, во облик на државен фонд за стабилност).

 

Еден од проблемите што го препозна јавноста, дури и во најразвиените земји, е прашањето за нееднаквоста на доходот во општеството. Како да се борат креаторите на економските политики со овој проблем; со мерки на фискалната политика, со механизми за редистрибуција итн.?

Ј. Шачмуров: Ова е многу вжештена дебата и не е од оние во кои сакам да се впуштам, но... Нееднаквоста на можностите има тендеција да е нешто полошо од нееднаквоста на резултатите така што мерка што може да помогне и изгледа прифатливо, доколку се гледа деполитизирано, е на пример инвестирањето во рано образование.
Доколку нееднаквоста во богатството и доходот е производ на политички врски или изнудување на корист, тогаш полесно е да се оправдаат активностите за справување, но потешко е справувањето бидејќи тоа значи таргетирање на оние кои се политички моќни или многу талентирани изнудувачи на корист. Доколку, пак, нееднаквоста во богатството и доходот е резултат на поголеми макроекономски трендови, супериорна продуктивност или претприемнички вештини, тогаш борбата против тоа не мора задолжително да биде корисна за општеството.
Клучно прашање е улогата на финансиите во економијата и дали невообичаено големата заработувачка во некој сектор е производ на реалната економска продуктивност или на изнудување корист.
Како општество ние треба да разбереме дека на еден град, на пример Њујорк каде што работам, му се потребни не само богати менаџераи на хеџ фондови, туку и полицајци, медицински сестри, учители, универзитетски професори итн. Овие лица ќе бидат платени помалку, но се неопходни за да се создаде заедница и затоа градот треба ним да им понуди разумен стандард на живеење. Разликата во доходот што постои во голем број големи компании во светот, каде што извршните директори се платени 20 или 30 пати повеќе од нивните вработени, би можела да биде елиминирана со поголема транспарентност. Податоците за платите нека бидат расположливи, ама не само на највисоките 5 корпоративни извршни директори како што се бара во САД за фирмите чии акции се јавно тргувани на Берзата, туку податоците да бидат јавно достапни. Штом еднаш оваа информација ја види светлината на денот, мислам дека посраменоста на извршните директори и гласовите на акционерите ќе ја елиминираат разликата во доходот.

Да се свртиме сега кон секторот образование. Неодамна една од жешките теми во Македонија беше автономијата на универзитетот. Како се справувате со ова прашање во САД?

Ј. Шачмуров: Со многу помало население и образовен систем во однос на САД, Македонија се соочува со одредени предизвици со кои не се соочуваат САД. Ако преовладува непотизмот и вработувањето е контролирано од неколку тесни кругови, со што се контролираат петте јавни универзитети, целиот систем би можел да биде парализиран. Од друга страна, при мало население изгледа тешко да се спречи вработување на кој било член од семејството во рамките на 4 генерации поради демографските потешкотии што би ги создало тоа. Се разбира, изгледа нефер да му се забрани кому било да работи на универзитет, независно од тоа колку е квалификуван. Доколку на ќерката или на внукот на еден професор им е всадена љубовта кон учењето и академскиот дух за цел живот, и тие се најквалификувани за работата, нема причина тие да бидат спречени да држат настава така што има смисла не да се забрани, туку да се истражи и да се биде сигурен дека стандардите се запазени. Од друга страна, со мал образовен систем, македонските универзитети не се соочуваат со конкуренцијата до степен до кој тоа го прават американските универзитети така што можеби се неопходни постриктни мерки за запазување на квалитетот.

Што мислите за потребата од објавување истражувачки трудови во академски списанија со импакт фактор?

Ј. Шачмуров: Во однос на прашањата за поттикнување на професорите од Македонија да објавуваат трудови во академски списанија со одреден импакт фактор мислам дека генерално земено македонските професори ќе имаат корист од тоа. Тоа ќе ги направи попознати и ќе го привлече вниманието на надворешниот свет кон нивните академски институции. Јас имав состанок со гувернерот на Вашата централна банка, имав предавање за вработените на централната банка и бев импресиониран од нивното економско и финансиско знаење и резонирање. Мислам дека нема да имаат корист само македонските институции, туку и секој професор ќе има лична корист од тоа што ќе стане член на една поголема заедница на истражувачи. Ова може да се направи само доколку нивните трудови се во поширока циркулација до глобалната публика каде што нивниот труд може да биде признаен од нивните меѓународни колеги.
Во САД, ние ја препознаваме вредноста на објавените трудови во познатите академски списанија. Тие се важни за одлуките за напредување и за стекнувањето на професорско звање. На приватните универзитети, на оние чии трудови биле објавени во добри списанија им се плаќа во согласност со заслугите.

Бевте главен говорник на неодамнешната Научна конференција организирана од УКИМ. Кои беа главните поенти од Вашето обраќање?

Ј. Шачмуров: Детално зборував за економските политики и за закрепнувањето во периодот по кризата, со акцент на земјите од транзиција во Европа. Иако тековната слика е измешана, јас останувам оптимист. Главната поента е мојата огромна загриженост дека лошо водените економии би можеле да ја изгубат следната генерација и нивните наследници бидејќи денес е полесно да се замине во странство. Кога јас работев на Харвард институтот за меѓународен развој во Украина во 1994 година населението броеше 52 милиони луѓе. Податокот што неодамна го видов е дека населението сега е 44 милиони луѓе. Каква загуба за украинското општество, каков одлив на мозоци! Се надевам и се молам дека ова нема да ѝ се случи на малата Македонија со само нешто повеќе од 2 милиони луѓе. На Конференцијата зборував и за капиталот подготвен да финансира ризични проекти, но за ова би ни требало уште едно интервју...


Подготви: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО