Lifestyle

„СИКАРИО“

Игор Иванов

Авторот е режисер

Доколку ви се гледа добра акција, наскоро во локалните кина ќе пристигне „Сикарио“. Еден од многуте филмови што се занимаваат со борбата на САД против мексиканските нарко картели, но овој е ретко уникатен, свеж, возбудлив и многу посебен

Ова е еден вид (успешно) продолжение на легендарниот „Трафик“ на Содерберг. Емили Блант ја толкува Кејт, лидер на специјалната единица испратена во Мексико со мисија да уништи опасна нарко банда. Уште на самиот почеток осознава дека силите на ФБИ и картелите се испреплетени едни во други толку длабоко, што и за своите најблиски соработници се сомнева дека се воопшто американски службени лица. Бенисио дел Торо е еден вид имагинарен агент чиј етички кодекс по ништо не се разликува од оној на мафијашите. Ова е трилер во кој декларативно (по пат на условен рефлекс) разликуваме добри и лоши, а суштински добри не постојат. Војната со дрогата е прикажана како политика на одмаздување, а вредноста на човечкиот живот –ништожна.

Денис Вилнев покажува невидено мајсторство во креирањето на акциони сцени полни со драматичност, веродостојност и возбуда, низ кои се испреплетуваат релации и емоции на ликови по форма – стриповски, а по содржина опишани со вештина на романсиер.

Динамичната камера на кинематограферот Роџер Декинс, водена од Вилнев, нè фокусира и нè присилува да гледаме детали и места што не би сакале да ги видиме доброволно.

Што е тоа што оваа акциона драма по холивудски терк ја прави интересна и подобна да се најде во главната конкуренција на најпрестижниот фестивал? Прво, тоа е жената-херојка која, за разлика од Никита на пример, не е едноставно суперхеројка со сите познати атрибути на стереотипна протагонистка сместена во тело на секс-симбол, туку ги задржува сите женски карактеристики како нежност, фрагилност, романтика, често плаче, а сепак нè води низ акцијата со сета тежина на нејзината задача. Второ, насилството, на кое може да му позавиди дури и Кроненберг затоа што, колку и да е брутално, е јасно и силно мотивирано, а естетски беспрекорно обликувано. И трето, Денис Вилнев е Канаѓанец од Квебек, франкофон.

Имав прилика да присуствувам на светската премиера на „Сикарио“ пред два месеци во Кан. Како и секогаш, црвениот килим пред Пале блескаше во полн сјај. Покрај режисерот и главната актерка, продефилираа и видни гости меѓу кои Кејт Бланшет и Натали Портман. Но, одненадеж од една од лимузините излезе чудо од жена и го окупира сето внимание. Големите ѕвезди влегоа во сенка лишени од погледите и фоторафалите. Оваа убавица предизвика невидена еуфорија додека го играше својот добро извежбан позирачки перформанс, што траеше многу подолго од вообичаено. Специјалната гостинка ниту има нешто со „Сикарио“ ниту со филмската уметност воопшто. Едноставно поседува неверојатна убавина, појавност и сексапил. Нејзиното име е Дојцен Кроeс.

Долго трае полемиката дали е сето тоа потребно. За што станува овде збор, филмска уметност или помпи, шампањ, модели, јахти... Јас немам ништо против овој концепт, со децении критикуван од стотици автори, филмолози и филмофили. Кан е творецот и чувар на атрибутот елитна уметност!

ПРЕПОРАЧАНО