Убава Македонија

ЛЕСНОВО И ЗЛЕТОВО

пишува: Александар Матески

„Рид од скаменето сирење, низ него со векови се провлекувале џиновски црвулци и го дупчеле според својот обем – во тие студени пештери луѓето оставале дел од себе; воздивка здравје, капка сила, ‘ртенка младост; обележувале точен круг на камените ѕидови и копале со клунесто железо вон од линијата. Со векови сенките на бедата се стремеле кон мракот на земјата. Не почнала ли првата битка помеѓу железото и карпата во времето на римските робови? Никој ништо не истражувал и не докажувал. Лесново можело да има уште едно име – Заборав.“ Нема подобар опис на Лесново од цитираниот од делото „Тврдоглави“ на неповторливиот Славко Јаневски.
Лесново е сместено на речиси подеднаква оддалеченост од Злетово, од Кратово и од Пробиштип. Иако со само околу четириесетина жители според последниот попис на населението, Лесново е секојдневно посетувано од домашни и од странски туристи, пред сè поради прекрасниот христијански храм кој е еден од најзначајните верски објекти во Источна Македонија, но и поради едни од многу ретките атракции за овие простори– рудниците за ископ на воденичарски камења.


Симбол на маката и на трудољубивоста се токму неуморно длабените пештери што ќе бидат со векови местото од каде што локалното население ќе обезбедува гола егзистенција. И повторно не можат да се изостават прекрасните зборови на романсиерот кој толку длабоко и емотивно ја опишува маката на македонскиот селанец и виртуоз за изработка на воденичарски камења, толку неопходниот камен за производство на леб и на прехрана. „Сепак од првото пролетно сонце до есенските дождови луѓето го гледале каменот. Ударите на нивните чекани густо јачеле со безживотноста на напукнати ѕвона. Површината околу линијата се ронела парченце по парченце. Потоа доаѓал мигот кога дното на тркалото се одвојувало од закоравеноста со железни лостови, претпазливо, со точна сметка. Грешката и лошата среќа се плаќале со неколкудневен труд. Се случувало каменот да напукне. Тогаш мајсторот можел да пцуе и да се откажува од светецот имењак. Сеедно. Ја голтал горчливоста на очајот и пак се враќал кон дел на ѕидот што можел да му овозможи среќно вадење на друг воденички камен.“ И денес можат сè уште да се видат пештерите и бројните правилно изделкани камени блокови што никогаш не биле довршени. Најверојатно поради индустријализацијата никогаш не станале воденичарски камења и засекогаш останале нем сведок на еден стар занает. Пред селото од десна страна постои патоказ, но и солидно уредена пешачка патека што води кон пештерите. Денес останува место каде што може да се оддаде почит на упорноста и на трудот на мајсторот во неговата борба со најтврдиот дел од земјината површина, но и еден отворен музеј на одамна изумрен занает. Слични рудници за вадење на камен за скалила, за огради и слично постојат и во Прилепско, но никаде како овде за воденичарки камења.


Манастирот „Св. Архангел Михаил и св. Гаврил Лесновски“ во Лесново е изграден во 1341 година од страна на деспотот Јован Оливер – господар на Овче Поле и Лесново. Една од најпознатите фрески во црквата е на ктиторот Јован Оливер, претставен со модел на црква во раката, што ја симболизира изградбата на духовниот храм. Ликот на пустиножителот Гаврил Лесновски, портретот на Цар Душан и неговата жена Елена се дел од многуте впечатливи фрески. Прекрасниот иконостас е дело на еден од најдобрите зографи кој Македонија го имала, Петре Филипов-Гарката, работен три години и завршен во 1814 година. Прекрасно, спокојно, топло, гостољубиво место.

 


Злетово со помалку од 2.500 жители, како и сите други населби во регионот, ја карактеризира рударскиот дух, па оттука целокупниот економски живот на населението е директно врзан од работењето на рударските капацитети.
Возобновен пред нецела деценија, манастирот „Свети Спиридон“ е прекрасно место за одмор и за духовен мир. Овај женски манастир се наоѓа на оддалеченост од околу седум километри од Злетово на патот кон новата брана Кнежево, што со својата висина од 75 метри и акумулација долга 4 километри е од стратешко значење за развојот на целиот регион. Злетовска река нуди прекрасен амбиент за одмор, а посебно тоа што овај предел е одлично збогатен со угостителски објекти што сосема природно се вклопуваат во целата дива атмосфера, па секоја следна посета на Злетово и на Лесновскиот манастир треба да се искористи и за пауза за уживање во одлично приготвената риба.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано